verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Иницијативи: Време е за национална конвенција

on 5 - 06 - 2015       
Олтарот на Националната конвеција/Олтарна Републиката, Пантеон, Париз 1913. Фото: François-Léon Sicard, 2005
Олтарот на Националната конвеција/Олтар на Републиката, Пантеон, 1913, Париз. Фото: François-Léon Sicard, 2005

 

Во талкањето од еден до друг договор, од еден до друг камп, од едни до други (главно лажни) изјави и ветувања, медиумите би требало да се насочат кон некои посуштински прашања и одредници за иднината на земјата

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Како минува времето на траењето на политичката криза, така излегуваат на површина сите дефекти на демократското одлучување кај нас. Ако досега сме согласни во едно, дека владата и власта на Груевски мора да замине за да почне да се гради нешто ново, така доаѓаме и до сознанието дека градењето на новото за нас е неизвесност, непознаница. Дали е доволно револтот од состојбите да роди само смена на една со друга власт (како што беше досега) или, пак, оваа енергија, овој крик за слободи, за демократија, ќе се преточи во  некој нов квалитет? Сѐ ќе зависи токму од дефинирањето на целите и на очекувањата од идното (пре)уредување на општествено-политичкиот живот во земјата? (Секоја чест за храброста на Заев, но тој не е гаранција дека ова што го имаме сега нема да ни се повтори.)

Јавноста и медиумите ја следат оваа ситуација, чинам, недоволно и од аспект на детектирањето на потребата од промената на целата политичка структура и начин на владеење врз кои почива оваа земја. Очигледнo дека јавноста и медиумите испуштаат од вид еден момент кој овојпат не смее да биде занемарен. Зашто, ако се продолжи по досегашната инерција, не верувам дека ќе имаме некоја нова шанса.

Основното прашање е тоа дали ќе биде доволно да падне оваа корумпирана, криминализирана и деформирана, лажна власт, за да се создаде некоја нова која, повторно, по стариот обичај, ќе биде само реплика која нема да донесе ништо суштински ново и на еден или друг начин ќе го продолжи практикувањето на власта како и претходните?

Ако ги погледнеме промените на гарнитурите на власт низ овие 25 години и ако се потсетиме на она што се случуваше по нивна заслуга и вина, ќе видиме дека тие си личат едни на други безмалку во целост. Неславната власт на СДСМ по 1998 година беше заменета со власта на ВМРО-ДПМНЕ, која заврши уште понеславно, за СДСМ да се врати на поправен(!?), кој не го помина, за повторно да биде заменета со обновената(!?) ВМРО-ДПМНЕ со што се зацементираа мислењето дека власта се менува, но начинот на владеење останува, по малку или сосема авторитарен, свеоволен и криминален, главно штетен за развојот на земјата. Последниве девет години на драстичен начин покажаа и докажаа дека гарнитурите на власт, главно, немаат ни елемнетарно чувство за демократија, за договарање, за служење на сопствениот народ. Власта се сфаќа персонално, како главен аргумент се форсираат изборните резултати кои се секогаш малцинство од вкупниот број гласачи, но и оправдување на тоа малцинство да прави што сака и главно во сопствена, лична корист. Искривеното сфаќање на демократијата доведе до волунтаризам, партизирање на државата и до бројни девијации.

Кај нас, јавноста, онаа мнозинската која не размислува партиски, е маргинализирана, а со неа и медиумите кои се обидуваат да не бидат на линија на власта. Приговорите на други општествени групации надвор од оние на партијата на власт и на нивните инсталации, по правило не се прифаќаат. Се отфрлаат дури и кога се умни и можат да бидат корисни.

 

ОПШТЕСТВЕН ДОГОВОР

Затоа, сметам, темата која мора да заземе главно место во конституирањето на власта би била еден вид национален договор за кој треба да се постигне општ консензус (зошто не и референдум?), на кој ќе се дефинираат десетина прашања од општествениот живот, кои ќе се именуваат како приоритетни и решавачки.

За да се постигне ова, потребно е да се покрене и канализира една  општонационална дебата за принципите врз кои ќе се уредува и фукнкционира оваа земја. Такви дебати не се непознати во светот во време на драстични политички ломови како што е нашиов. Таа дебата би ги опфатила сите политички субјекти, партии, синдикати, граѓански, невладини здруженија, научни институции, интелктуалци, бизнис-секторот… кои низ широка расправа ќе ги издиференцираат главните прашања и принципи за развојот и за иднината на земјата. Овие мислења би се изнеле во јавноста, пред народот, и би се прифатиле од учесниците и од претенденти за раководењето и општествениот живот, генерално, со обврска да се вградат во сите темелни документи врз кои почива оваа земја.

Ваквиот договор или национална конвенција (нешто како Рамковниот од 2001 година, на пример) би бил обврзувачки за сите учесници во одлучувањето и во раководењето на земјата.

 

ГАРАНЦИИ ЗА ИДНИНАТА  

Кои би биле тие прашања? Не треба да одите подалеку зашто тие веќе самите се поставени и се поставуваат. Тие се артикулирани низ сѐ почестите повици за слобода и за демократија во последниве месеци, низ протестите на студентите, од граѓанските организации кои земаат учество во кампот на протестантите пред Владата, од новинарите, студентите, средношколците, хонорарците… Тоа се прашања од животот, но и за државна стратегија – за контрола на буџетите, за надворешнополитичката ориентација, за медиумските слободи и за слободата на говорот воопшто, за положбата и за независноста на судството, до дијалогот за секое поважно законско или друго решение, за јавната расправа поточно, до работните односи, образованието и здравството, економските концепции, политиката во аграрот, социјалните проблеми, положбата на етникумите…

Утврдувањето на основните принципи во одлучувањето и во развојот  би требало да доведе до конзистентност во политиката и, што е уште поважно, да пружи гаранции против каков било волунтаризам во донесувањето решенија  по исклучивата волја на гарнитурата на власт.

Националната конвенција би била гарант и оружје во рацете на демократската јавност да се бори против девијациите на власта кои постојано се повторуваат и се продлабочуваат.

Ќе речете дека е компликувано, можеби идеалистички! Но, сепак, не е, зашто ова е единствен момент кога тоа може да се стори. Треба само малку политичка волја кај партиите, особено (зашто во јавноста веќе ја има) и јасно дефинирани прашања. Околу она што е позитивно и прогресивно, најшироката јавност лесно ќе се сложи.

Ако тоа сега не се направи, за десетина години повторно ќе дојдеме до истите проблеми и ќе ги дискутираме истите прашања.

Но, тогаш веројатно ќе биде доцна за дискусија!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести