verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Информирањето за несреќите на МРТВ нè прави вечно млади

on 12 - 08 - 2016       
Шут од поплавите и медиумски шут - и двата за на буниште. Фото: СПФМ
Шут од поплавите и медиумски шут – и двата прилично видливи. Фото: СПФМ

 

Актуелниот комесарски начин на користење на медиумите нè враќа во едно време од барем 60-тина години назад. Токму кога во доцните 80-ти тој систем почна да се демократизира и да наликува на оној во развиените земји, ние на овој план направивме несреќен „камбек“!

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

За сите недемократски системи вонредните ситуации не се лесни за зацртување на политиката на дневно информирање на граѓаните. Пред сè, поради тоа што се нарушува комодитетот на хиерархиски поставената структура, која во услови на секојдневен мир ја одржува сликата на „успешниот модел за вјеки вјеков“.

Случајот со распадот на еден од реакторите во нуклеарката Чернобил (1986) беше јасен пример што се случува во таков систем кој не знае како да реагира во вонредни ситуации и кој речиси рефлексивно посегнува по стереотипот – подобро никаква отколку некаква информација, што, евентуално во втора фаза, ако информирањето е неизбежно, би минувал во некоја форма на „штелувана вест“.

Всушност, сознанието дека имало нуклеарен инцидент од големи размери прв ја даде еден шведски институт, кој три дена по несреќата извести дека над Скандинавија постои опасен радиоактивен облак, а малку подоцна, ден или два, се откри и изворот на проблемот: нуклеарната централа во Чернобил.

Како сведок на тие настани, можам да речам дека властите во СФРЈ, откако СССР ја призна ситуацијата и откако се јавија јасни индиции дека и Балканот веќе е зафатен од радијацискиот облак, кој дојде со дождовите од северот (се заврте кон нас скандинавската атмосферска загаденост) презеде мерки за итно, отворено информирање. Веќе беа дојдени првомајските празници, но ЈРТ реагираше промптно, што би рекол политичарот Васил Тупурковски. Вториот канал (телевизиите имаа само два канали, а овој служеше и за комуникација меѓу републичките центри) ја пренесуваше заедничката програма која почна во импровизирано студио во Загреб и од каде се ширеа сите корисни вести за оваа ситуација – дека треба да се купува само млеко пакувано во тетрапак, дека и децата и возрасните мора да се облекуваат на посебен начин – мажите и момчињата мора да носат шапка, женската популација макар марами на главата, дождовните мантили се добредојдени (на 2 мај веќе дојдоа интензивни дождови), дека е добро да се носат чизми ако се оди на терен каде има трева и слично… Низ студиото во хрватскиот главен град дефилираа стручњаци од сите профили, а тој канал навистина си ја исполни задачата во целина: населението беше информирано за сите аспекти на опасноста по своето и по здравјето на најблиските и, секако, за формите на заштита.

 

КОНТРОЛИРАНО ИНФОРМИРАЊЕ ВО ДВИЖЕЊЕ И СЕБЕПОПРАВАЊЕ

Но, ова задоволство се должи на фактот што системот за информирање кој постоеше во СФРЈ и кој беше познат, сепак, како една варијација на контролирана сфера, претрпе претходно сериозни критики, дури и од страна на политичарите, особено заради своите дефекти во кризни ситуации. Една од нив беше онаа, на пример, со земјотресот во соседна Романија на 4 март 1977 година, кој, заради длабочината на хипоцентарот, односно местото на настанувањето на ослободената енергија (500 километри во земјата во атарот на Врача) им изгледаше на сите балканци како да се случува директно под нивните нозе. Силината и долготрајноста на потресот ги тераше луѓето, особено оние од високите згради, да ја минат ноќта на паркиралиштата, а транзисторите беа единствена можност да дознаат што се случува. Скопски е или не е? Радио-програмите, пред сè, онаа на Радио Скопје, останаа неми таа ноќ, емитувајќи редовна програма, навистина случајно главно со сериозни содржини. Главната вест, од која зависеше дали граѓаните ќе си одат дома на спиење или не – изостана! А, следниот ден, децата одеа на училиште, а возрасните на работа! Во тогашната зграда на Социјалистичкиот сојуз, спроти денешната болница „Наум Охридски“, се одржа итна седница на оваа општествено-политичка организација, на која беше критикувана индолентноста на уредништвото на радиодифузерите „во однос на потребите на граѓаните“.

Со други зборови, тој систем на контролирано информирање можеше да се критикува, ама беше во движење и во себепоправање, добивајќи од ден на ден подемокртаски контури.

Од каде сега наеднаш имаме враќање од повеќе од половина столетие назад во сферата „како ќе каже политичкиот комесар (на владејачката партија)“. Пример за тоа е известувањето на МРТВ за масовното убиство, кое обвинителството и денес го квалификува како акт на тероризам, кај Смиљковско Езеро. Таа вечер на 12 април 2012 година убиени се пет лица. Телата полицијата ги открила во 22.30 часот, а веста за тоа експлодира на социјалните мрежи. Од еден аналитички аспект, тоа беше првпат интернетот да биде главен и единствен информатор, сè додека некаде во два часот по полноќ, две телевизиски куќи со национална концесија („24 Часа“ и „Сител“) не испратија екипи на терен, каде веќе беа и разгорени меѓунационалните страсти.

Проблемот беше што немаше никаква информација на јавниот сервис и следното утро, потоа ни следното пладне, а првата вест од нејзините фреквенции дојде дури околу 15 часот! Зошто имавме такво катастрофално информирање кај јавниот радиодифузер?

 

НИШТО БЕЗ „АУСВАЈС“ ОД НАДЛЕЖНИОТ ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА

Она што подоцна се повтори уште неколкупати, а за што е пишувано во „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ), дури и за случаи кои не се домашни, како, на пример, за убиството на карикатуристите од редакцијата на „Шарли ебдо“ во Париз, е евидентниот доказ дека ако нема јасен и прецизен „аусвајс“ од надлежниот во владејачката партија – нема ниту вест! Особено е лошо кога се работи за празник или викенд, кога креаторите на информативната политика се отсутни. И кога, како кај убиствата на Смиљковско, се изненадени и не знаат како да ја „скројат“ информацијата, па таа се „пече, потпекува, прегорува…“. Сè додека во т.н. штаб на вистината не го дадат „шнитот“, вест нема, настанот како и да не постои, иако целата земја како да се подели на половина, јакнеа антагонизмите меѓу нациите, почнаа социјални немири во Радишани… И сето тоа не беше важно бидејќи најнапред МВР беше во шок, потоа цела Влада и тоа го изблокира диригираниот систем, кој како да излегол од шинелот на политичките комесари.

Јасно е дека „повторувањето“ на историјата, што нас нè враќа во времето на „Среќна нова 1949 година“, често е фарса и дека постоењето на плурализам на медиуми секако ја нагласува таквата ситуација. Во СПФМ имаме еден преглед како се известуваше и на кој медиум за време на ситуацијата со вооружената пресметка во Куманово на 9/10 мај 2015 или за актуелните настани со поплавата, кои секако треба да влијаат отрезнувачки.

Ако мораме, кога е информирањето во прашање, да се враќаме толку назад, тогаш кога ќе пораснеме?

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести