verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Грубо кршење на основните професионални и етички стандарди

on 3 - 08 - 2016       

 

Centarnews - pedofil

 

[Рецензија: ПЕДОФИЛОТ ОД КАРПОШ – ПРВ БРАТУЧЕД НА САШО ЛАЗАРЕВСКИ!]

 

 

Известување за полов напад врз малолетно лице е чувствителна тема која бара безусловно почитување на етичките и професионални стандарди. Тие норми се грубо прекршени во овој текст, кој освен што се става во позиција на судска пресуда, непочитувајќи ги туѓата болка и жалост, се обидува да направи спин со крајна цел – политичка дискредитација.

 

ПЕДОФИЛОТ ОД КАРПОШ ПРВ БРАТУЧЕД НА САШО ЛАЗАРЕВСКИЛинк до оригиналниот напис: ПЕДОФИЛОТ ОД КАРПОШ – ПРВ БРАТУЧЕД НА САШО ЛАЗАРЕВСКИ!

Датум и време на објавување: 28.07.2016

Датум на рецензирање: 01.08.2016

Рецензент: Александар Пешев

 

КРШЕЊЕ НА ЕТИЧКИТЕ И НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ НОРМИ УШТЕ НА ПОЧЕТОКОТ

Прекршување на професионалните и на етичките норми се прави уште во првата реченица од текстот. Наместо да се постапи во согласност со Кодексот на новинарите за известување за ваква чувствителна тема, се прави спротивното. Не е назначен изворот на информацијата кој на редакцијата ѝ го соопштил идентитетот на педофил што силувал 12-годишно дете. Се наведува дека детето е ќерка на позната македонска актерка, со што се крши членот 7 од Кодексот на новинарите кој одредува дека „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“. Како е од јавен интерес да се лоцира жртвата? Зошто јавноста мора да знае чие дете било жртва на полов напад?

Но, тоа не е најспорниот дел од објавата:

„За силување не треба да се молчи затоа објавуваме, правдата мора да биде задоволена!“

Едноставно – не! Медиумот не е суд и со ваквиот коментар се крши уште една професионална одредба:

Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда, вели член 8 од Кодексот на новинарите.

Но, наместо почитување на ова професионално начело, се врши бележење на неосудено лице и своевидно изрекување пресуда, што во комбинација со втората реченица од почетокот на текстот, дека „правдата мора да биде задоволена“, може да се интерпретира како повикување на народен суд, наместо случајот да се остави на институциите.

Поконкретно, во текстот се наведува:

„Педофилот Вањо Лазаревски е школски другар на Јанко Тренкоски, поранешниот сопруг на Весна Петрушевска, а а долгогодишното познанство педофилот го злоупотребил бидејќи девојчето го познавало“.

 

КОЈ ТВРДИ ДЕКА СИЛУВАЧОТ Е ТОКМУ ПОСОЧЕНИОТ?

Изворот на информацијата не е наведен, што е исклучително важно при известување за чувствителни теми. Како се дознава сè: официјално или неофицијално? Кој е изворот на информацијата: институција или индивидуа? Професионалните стандарди диктираат дека дури и ако индивидуата која ги понудила информациите инсистира на анонимност, изворот мора во најмала мера да биде лоциран. Дополнително, со самото тврдење се крши следнава професионална одредба, односно членот 7 од Кодексот на новинарите:

Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Малолетната индивидуа е јасно идентификувана, но нема информации дека е направен обид за да се побара дозвола од родителот за објавување на информациите во врска со малолетничката, што е во спротивност со уште една професионална одредба, односно членот 9 од новинарскиот Кодекс.

Новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.

Веќе е установено дека идентитетот на жртвата не е од поширок јавен интерес. Веста која е релевантна за јавноста е дека возрасен маж, наводно, извршил полов напад врз 12-годишно дете. Толку. Идентификувањето на детето како ќерка на позната актерка создава сомнежи за сензационален пристап во известувањето и обид случајот да се популаризира. Сето тоа е во спротивност со уште една професионална одредба, односно членот 8 од Кодексот на новинарите:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

 

ДОПОЛНИТЕЛНА ДИСКРЕДИТАЦИЈА НА ОСОМНИЧЕНИОТ

Во втората половина на текстот веќе се забележува спин. Основната информација е земена како основа за изведување дискредитација на лице, кое, наводно, е во роднинска врска со осомничениот. Тоа, пак, е со предзнак на политичка пристрасност.

„Вања Лазаревски познат член на ВМРО-ДПМНЕ, познат провокатор во Карпош за што најзаслужен е неговиот прв братучед Сашо Лазаревски, контроверзниот претседател на Советот на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Понатаму следуваат серија тврдења, веројатно од неофицијални извори, напумпани со коментари:

„Според информациите Сашо Лазаревски се обидувал по партиски канали да го „среди“ случајот, препознатлив по неговиот стил“. 

Кој стил? Од каде, пак, сега оваа информација?

 

КОМЕНТИРАЊЕТО ПРОДОЛЖУВА

Коментари не изостануваат ниту во остатокот од објавата. Формулациите кои следуваат веќе го имаат обвинето наводно осомничениот за делото, а коментарите се насочуваат кон понатамошно дискредитирање:

„Силувањето следело откако девојчето возејќи велосипед во населбата, во еден момент застанало до Вања Лазаревски кој одлично го познавала и од него побарало 20 денари. Вања и рекол дека ќе и даде, но ако со него дојде до блиската гаража“. 

Пресудата е донесена пред случајот да се појави пред надлежниот суд. Оти судот е тој што пресудува. А медиумот треба да информира. Да потсетиме уште еднаш:

Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда – член 8 од Кодексот на новинарите.

До крајот од текстот не се среќаваат информации дека се консултирани сите инволвирани страни – ниту наводниот напаѓач ниту семејството на жртвата. Наместо тоа, заклучокот на текстот како да се обидува да го оправда грубото кршење на мноштвото основни професионални и етички одредби во новинарството.

Сѐ на сѐ, имаме крајно непрофесионална објава која не ја почитува туѓата болка и жалост, открива идентитет на малолетна жртва, не ја почитува презумцијата на невиност и прави пресуда – и сето тоа се спинува за политичка дискредитација!

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност, друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

не апликативно

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести