verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Гонзо-новинарство – Дивјачко патување во срцето на Лас Вегас

on 30 - 03 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Хантер С. Томпсон, графит на Thierry Ehrmann во музејот Abode of Chaos во Франција. Фото: Википедија, 2009
Хантер С. Томпсон, графит на Thierry Ehrmann во музејот Abode of Chaos во Франција. Фото: Википедија, 2009

 

Иако опозицијата се давеше во неможноста да влијае врз одлуките на Владата, премиерот не беше рамнодушен. Неговите движења, забрзаното дишење и нервоза, како и непријателството кое можеше да се пресече со работ на некој поквалитетен нож, откриваа дека компромис нема ниту на видик. (Гонзо-новинaрство – реална фикција, ziher.hr)

 

Можете ли да замислите да седнете да читате некој од нашите дневни весници и да наидете на ваков опис на седница од парламентот. Секако, тешко дека ќе сретнете ваков текст, но не многу одамна, ваквите извештаи и не биле толку непознати.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Таков суров тип на известување, субјективен и необработен, без уреднички корекции, се вика гонзо-новинарство. Гонзо-новинарството е новинарски стил кој се пишува субјективно, често вклучувајќи го самиот известувач како дел од приказната, по пат на нарација во прво лице.

Додека традиционалниот новинар може да интервјуира, на пример, дилери на дрога и зависници за да информира за локалната трговија со дрога, гонзо-новинарот, всушност, може да учествува директно во матните зделки на некој наркоклан или локална банда. Целта на гонзо-новинарството би била да се произведе брутално искрено или крајно субјективно новинарско парче врз основа на реалното искуство на обучен новинар кој пишува однатре. Гонзо-новинарот не е задолжително заштитен од напорите за спроведување на законот, па дури и правните последици од акциите на новинарот би можеле да станат дел од веста.

 

ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА ИЗРАЗОТ „ГОНЗО“?

Гонзо-новинарството има тенденција да го фаворизира стилот на сметка на точноста и често користи лични искуства и емоции за да се прикаже контекстот на темата или настанот кој е покриен. Го карактеризира употреба на цитати, сарказам, хумор, претерувања и пцуење.

Изразот „гонзо“ во јужнобостонскиот ирски сленг значи последната личност која по цела вечер опивање и понатаму стои на нозе. Втората претпоставка е дека гонзо-новинарството го добило своето име според насловот на хит-песната Gonzo на ритам и блуз-пијанистот Џејмс Букер од Њу Орлеанс во 1960 година.

 

ХАНТЕР С. ТОМПСОН – ТВОРЕЦОТ НА ГОНЗО-НОВИНАРСТВОТО

За татко на гонзо-новинарството се смета Хантер Стоктон Томпсон, (Hunter Stockton Thompson), американски новинар и писател, познат по својот роман „Страв и презир во Лас Вегас“  (Fear and Loathing in Las Vegas). Хантер, своето творештво го темелел врз размислувањата на нобеловецот Вилијам Фокнер (Wiliam Faulkner), кој сметал дека фикцијата често е најдобра вистина и факт, поверодостојна од која било новинарска форма. Така, на американското новинарство, кое во континуитет го критикувал со својата аверзија кон објективноста, му покажал еден голем среден прст.

Хантер С. Томсон бил сè, само не обичен човек. Писателот со посебен карактер, со силен афинитет кон опијатите, уште во раната младост ја открил својата бунтовничка линија низ секакви деликвентни дела, но покажал и голем талент за пишување. Откако ја завршил воената обврска, во 1957 година, заминал во Њујорк, градот кој во тоа време бил полн со можности за млади писатели. Така нашол работа во „Тајмс“, но по неколку дена добил отказ поради тоа што украл канцелариски материјал и шишиња виски од орманот на уредникот.

 

Книга и Филм: The Rum Diaries. Фото: насловна страница од првото издание на книгата и филмски постер (главна улога Џони Деп)
Книга и филм: The Rum Diaries. Фото: насловна страница од првото издание на книгата и филмски постер (главна улога Џони Деп)

 

По периодот поминат во Њујорк, Хантер заминал во Сан Хуан, главниот град на Порторико, а во своето писмо во кое барал работа, напишал:

„Пропаста на американското новинарство е очигледна веќе подолго време, а моето време е предрагоцено за да го губам сервирајќи му ја на просечниот човек неговата дневна доза клишеа, озборувања и еротски будалштини“.

Работата во „Сан Хуан стар“ не ја добил, но во 1959 година бил примен во редакцијата на порториканскиот спортски неделник „Ел спортиво“. Времето поминато во Порторико му послужило како инспирација за романот „The Rum Diary“. Меѓутоа, откако згаснал неделникот, Хантер се вратил во САД.

Кон крајот на 1964 година, почнал да пишува за „Ангелите од пеколот“ (Hells Angels), мотоциклистичка банда која сеела страв меѓу згрчената американска средна класа. За што подобро да ја заврши својата мисија, морал да се инфилтрира меѓу озлогласените мотоциклисти, а како резултат на тоа настанала репортажата „The Motorcycle Gangs: Losers and Outsiders. Откако приказната била објавена во „Нејшн“ (The Nation), Хантер потпишал договор со издавачки куќи кои сакале од приказната да направат книга. Бидејќи авторот се мачел со смислувањето соодветен крај за својата книга, одлучил самиот да го креира. Така, ги испровоцирал членовите на бандата и едвај извлекол жива глава по тепачката со нив. Меѓутоа, таа ситуација му послужила како совршено финале, па така била објавена книгата  „Hell’s Angels: A Strange And Terrible Saga of the Outlaw Motorcycle Gangs.

Неговото прво вистинско гонзо-дело било „Дербито во Кентаки е декадентно и расипано“ (The Kentucky Derby Is Decadent And Depraved), репортажа од Дербито во Кентаки, големите коњски трки.

„Се симнав од авионот околу полноќ и никој не зборуваше додека ја поминував темната писта до терминалот.  Воздухот беше густ и топол, како да скитам во парна бања. Внатре, луѓето се прегрнуваа и се ракуваа… Големи насмевки и восклици ваму таму: До Бога! Ти старо копиле! Добро е што те гледам, момче! Проклето добро… и јас го мислам!“, ја почнува Хантер својата репортажа од Кентаки.

Тој настан бил воедно и почеток на големата соработка на Хантер со илустраторот Ралф Стидман (Ralph Steadman), визуелниот претставник на гонзо-приказните.

 

Книга и филм: Страв и презир во Лас Вегас, Хантер С. Томпсон. Фото: насловна страница на првото издание на книгата и филмски постер.
Книга и филм: Страв и презир во Лас Вегас, Хантер С. Томпсон. Фото: насловна страница на првото издание на книгата и филмски постер.

 

Сепак, познанството без кое не би дошло до „Страв и презир во Лас Вегас“, манифестот на гонзо-новинарството, е она помеѓу Хантер и Оскар Зета Акоста (Oscar Zeta Acostа), латиноамерикански активист кој се борел за правата на имигрантите и на малцинствата во Калифорнија. Оскар воедно бил и голем уживател на ЛСД и непредвидлива личност со избувлив темперамент, што го правело идеален сопатник за патувањето во Лас Вегас, кога Хантер добил задача да напише репортажа од релито Минт 400. Кон крајот на 1971 година, „Страв и презир во Лас Вегас: Дивјачко патување до срцето на американскиот сон“ (Fear and Loathing in Las Vegas: A Savage Journey To The Heart Of The American Dream) е објавен во два броја на магазизнот „Ролинг стоун“. Делото е прогласено за класика, а со својот брилијантен опис на состојбата и со разоткривањето на пропаста на американскиот сон и ден-денес ги засмејува и интригира читателите во светот.

Хантер С. Томпсон се самоубил на 67-годишна возраст. На неговиот имот во Аспен е изграден голем топ со гонзо-шепата, заштитниот знак на гонзото, од кој, со огномет, била испалена неговата пепел.

 

ИМА ЛИ ГОНЗО-НОВИНАРСТВО ВО МАКЕДОНИЈА?

Кај нас многу малку се знае за гонзо-новинарството, а тоа не се изучува ниту на Факултетот по новинарски студии. Според новинарот Веле Митаноски, Македонија е мала медиумска дестинација, како според професионалниот капацитет, така и според консументите, и поради тоа не можеме да кажеме дека имаме гонзо-новинарство од практиката на авторот, кој се смета за татко на тој стил, Хантер С. Томпсон. Но, секако, го имаме во некои варијации и девијации.

„Според моето сфаќање, на некој начин, тука го сместувам случајот со колегата и пријател од Кичево, Владо Танески. Со него, како дописник на „Нова Македонија“ (јас на „Танјуг“), заеднички го прогрмевме познатиот случај со водите – Студенчица. Подоцна, како дописник на „Утрински весник“, до апсењето, известуваше од судот за еден познат случај на сериски убиства, за кој беше и самиот обвинет и заврши како „давеник во кофа вода“ во тетовскиот Истражен затвор – објаснува Митаноски.

Според него, основната одлика на гонзо-новинарството е вознемирувачката реалност.

„Токму затоа се послужив со примерот на Танески, за што има еден извадок во мојата книга „Рани спомени“. Во нашата непосредна реалност, може тука да влезе приказната на колешката од „Дневник“, Искра Коровешоска, за еднодневното искуство како питачка на скопските улици. Исто така, тука би го ставил и случајот со нашата позната авторка, професорката од УКИМ, Румена Бужароска, која смисли оригинална приказна за тоа како (не) станала геј, емитувана на ХРТ-3, по што некои наши портрали ѝ дадоа веродостојност со груби кфалификации – посочува Митаноски.

Тој заклучува дека гонзо-новинарството е груба, жестока категорија, но не и површна. За да се практикува треба, пред сè, многу инвентивност, знаење, но и храброст и одважност. Сепак, дециден е Митаноски, тоа е надвор од неговото лично поимање на новинарството, односно, дека новинарот го прават настаните, а не обратно.

 

ПАРИ НЕ ТИ ДАВАМ, ДА ТИ ГО ОСТАВАМ „АЈФОНОТ“?

„Облекувам стари и изветвени панталони, исти такви чизми, стар мантил и марама, повеќе шминка за израз на уморно и истрошено лице, земам една кутија од чевли и подготвена сум за „авантура“. Kако за прв впечаток ефектот е постигнат. Чекорам низ Старата скопска чаршија. Со очи ме следат млади и стари, мажи и жени. Не можам да им го задржам погледот, згрозени се од сликата на жена-просјак. Еден човек ја отвора својата продавница, ме одмерува од глава до петици со подигнати веѓи, веројатно ова петочно утро не очекуваше дека ќе види ваква појава штом го отклучи дуќанот. Две жени ме одминуваат и уште неколку секунди чекорат свртени наназад, кон мене и коментираат нешто како „сирота душа, тешко неа“.

Вака новинарката на „Дневник“, Искра Коровешовска, ја почнува својата гонзо-приказна на една питачка од скопските улици. Нејзиниот текст  „Пари не ти давам, да ти го оставам „ајфонот“? е еден од ретките примери на гонзо-новинарство во Македонија, секако малку поблага форма на овој жанр, доколку се споредува со стилот на Томпсон.

„Гонзо тупаница“ со два палци и четири прсти кои држат пејоти копче (јужно-американска билка со силни халуциногени својства). Користена е од Хантер С. Томпсон во кампањата за шериф во 1970 година во Аспен, Колорадо за потоа да стане симбол на гонзо новинарството во целина. Фото: Википедија
„Гонзо-тупаница“ со два палци и четири прсти кои држат пејоти-копче (јужно-американска билка со силни халуциногени својства). Користена е од Хантер С. Томпсон во кампањата за шериф во 1970 година во Аспен, Колорадо за потоа да стане симбол на гонзо-новинарството во целина. Фото: Википедија

Коровешовска вели дека идејата за еден ваков текст произлегла, пред сè, од лични причини, но и од професионални, односно дека сакала да направи нешто што досега никој не го направил или барем последниве 10-12 години, колку што е присутна таа на македонската медиумска сцена.

„Тој тип на новинарство публиката го сака и почитува и е специфичен вид на истражувачко новинарство. Одбрав да бидам токму питач затоа што тврдам дека е тоа едно од најтешките секојдневија на еден човек. Воопшто не ми беше лесно. Кога се преоблеков и излегов, тоа не бев јас, како да бев во улога од филм, така се чувствував“, посочува Коровешовска.

Ваквото искуство разбудило силни емоции кај неа и, секако, оставило траен впечаток за начинот на кој живеат, всушност, питачите и како тие се чувствуваат кога молат за некој денар.

„Како што одминуваа минутите, часовите, се освестив: Па луѓето цели денови молат за денар, лежат на земја и на -15 Целзиусови степени, додека минувачите те навредуваат, те гледаат со очи полни презир или сожалување. На средина од истражувањето бев дури и очајна, му благодарев на бога што реално не сум во таква животна состојба. Но, кон крајот, веќе целосно отрпнав, дури не ми беше ни студено. Ми беше сеедно кој и како ме гледа и што ми зборува. Така им е и на тие луѓе, целосно им е замрено чувството на сопствена вредност“, опишува Коровешовска.

Таа вели дека и во иднина би прифатила слични предизвици, бидејќи на тој начин, од прва рака, вистински, репортерски се пренесува она што звучи поинаку за разлика од кога истото ќе се добие по пат на друг начин на истражување.

 

Користени извори:

Текст на Мелита Врсалјко за гонзо-новинарството обајвен на Ziher.hr

Wisegeek.com

Гонзо-новинарство – Википедија

Хантер С. Топмпсон – Википедија

Еnglish138.web.unc.edu – The Kentucky Derby is Decadent and Depraved

Rollingstone.com – Fear And Loathing in Las Vegas 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести