verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонија во рангирањето на „Репортери без граници“ за 2015 година: Живот на дното на листата на медиумските слободи

on 30 - 03 - 2015       
Картата на слободата на медиумите според Репортери без граници - Македонија единствена црвена точка („тешка состојба“) во Европа, западно од Турција, Украина и Белорусија. Карта: Репортери без граници, 2015
Картата на слободата на медиумите според „Репортери без граници“ – Македонија единствена црвена точка („тешка состојба“) во Европа, западно од Турција, Украина и со Белорусија. Карта: Репортери без граници, 2015

 

Ситуацијата во медиумите во Македонија продолжува да биде лоша во текот на 2014 година, која беше во знакот на злоупотреби на законските одредби за клевета и на политички мотивираното пласирање рекламни кампањи финансирани од државниот буџет, се вели во извештајот на „Репортери без граници“, кој го покрива периодот од октомври 2013 до октомври 2014 година.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

„Секој има право на слобода на мислење и на изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите“, Универзална декларација за човековите права, член 19.

 

Повлекување на сите фронтови – ова е сублимираната оцена на состојбите во медиумите на глобално ниво за целатa измината година во редовниот Годишен извештај (2015 World Press Feedom Index) на меѓународната организација „Репортери без граници“, РБГ (Reporters Without Borders – RWB). Во извештајот се истакнува влошување на слободата на информирање во светот. Таа е загрозена од војни, насилства за време на протести, економската криза, слободата на медиумите е во дефанзива на сите пет континенти.

Сосема во трендот, Република Македонија во текот на 2014 година продолжи да го окупира долниот дел на табелата, каде веќе пет години се наоѓа во друштво со земји во кои медиумските слободи се сериозно загрозени. Овојпат како 117. рангирана помеѓу 180 држави, чиишто параметри на слобода на информирањето „Репортери без граници“ ги следат од 2002 година. Индексот на медиумските слободи е вброен во неколкуте глобално прифатени индикатори на демократските слободи, заедно со годишните рангирања на земјите врз основа на слобода генерално и на слобода на медиумите во светот на „Фридом хаус“ (Freedom House), Индексот на слободите во светот на канадскиот „Фрејзер институт“, Индексот на демократија на британскиот „Економист“ и неколку други.

 

МАКЕДОНИЈА НА 117. МЕСТО ВО 2015 ГОДИНА

Формално гледано, неславното 117. место на ранг-листата е скок нагоре од цели шест места во однос на 123. место во минатогодишниот извештај на РБГ, убедливо најнегативниот резултат што нашата држава го имаше од кога се следени нејзините медиумски слободи, но оцената не е ни малку охрабрувачка.

„Ситуацијата во медиумите во Македонија продолжува да биде лоша во текот на 2014 година, која беше во знакот на злоупотреби на законските одредби за клевета и на политички мотивираното пласирање рекламни кампањи финансирани од државниот буџет“,

се вели во извештајот на „Репортери без граници“, кој го покрива периодот од октомври 2013 до октомври 2014 година.

„Новинарот Томислав Кежаровски сè уште беше во домашен притвор откако во октомври 2013 година беше осуден на четири и пол години затвор бидејќи, наводно, открил идентитет на заштитен сведок. Казната му беше намалена на две години во јануари 2015 година. Новинарите, исто така, имаа проблеми со известување од терен. Во јуни полицијата натера неколкумина фоторепортери да ги избришат направените фотографии и видеозаписи од протест кој го покриваа“, стои во извештајот.

Република Македонија и според овој извештај повеќе години по ред назадува во поглед на состојбите во сферата на медиумите, јавното информирање и слободата на изразување. Според објавените рангирања, нашата земја, во 2003 година, кога првпат се најде на листата на РБГ, беше рангирана на 51. место од 158 надгледувани држави, при што заземаше повисока позиција од некои земји во регионов, како, на пример, од Србија (и Црна Гора) – 85. место, Хрватска – 69. место или Романија – 59. место.

 

ДОЛГИОТ ПАД НАДОЛУ

Во периодот од 2004, па сè до 2009 година, Македонија се наоѓа на уште повисоки позиции. Во 2004 година го зазема 49. место од вкупно 158 рангирани држави, во 2007 е на високото 36. место од вкупно 164 земји, додека во 2009 година ја достигнува засега највисоката позиција во конкуренција од дури 170 земји, задржувајќи се на 34. место. Но, таа позиција, според подоцнежните рангирања, како и реалноста на состојбите кои се перцепираат во македонското општество во наредните пет години, се покажа како лебедова песна за македонските медиумски и за демократските состојби.

 


Што е „Репортери без граници“?

Невладината непрофитна организација „Репортери без граници“ е интернационален субјект со седиште во Франција, кој постои од 1985 година. Отпрвин настроен да го промовира алтернативното новинарство, РБГ, останувајќи без речиси сите свои основачи со исклучок на Роберт Менард, го менува курсот и црпејќи инспирација од познатиот член 19 на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, усвоена во 1948 година, за правото на „слобода на мислење и на изразување“, тргна во промоција на слобода на медиумите. Главен облик на активност на РБГ е прибирањето информации, спроведувањето истраги за нарушувањата на слободата на информирањето во земјите во светот, пишувањето писма, петиции и други видови обраќања до властите на тие земји, како и подготвувањето и објавувањето на годишните извештаи со оцени и согледувања за состојбата со слободите на информирањето наречени Индекс за слободата на информирањето. Индексите, во форма на извештаи со рангирања, се изработуваат и се објавуваат од 2002 година. Денес „Репортери без граници“ има консултантски статус во организацијата на Обединети нации.

 

Веќе во 2010 година е забележлив падот на позицијата на Република Македонија, со позиционирањето на 68. место од 173 надгледувани држави. За периодот 2011-2012, состојбата со медиумските слободи во Република Македонија очигледно драстично се влошила бидејќи паѓа на долниот дел на табелата, заземајќи го 94. место, а потоа уште понеславното 116. место од вкупно 178 држави на листата. Убедливо најлошо рангирана Република Македонија, според оцените на „Репортери без граници“, е во минатата 2014 година, кога паѓа на 123. место на ранг-листата од вкупно 180 земји. Овие оцени се повеќе од загрижувачки кога ќе се земе предвид дека, според методологијата на РБГ, Република Македонија во 2013 година ја помина границата на земји, кои, според параметрите, се рангирани во групата земји со „забележителни проблеми“ во сферата на слободата на медиумите и јавното информирање и влезе во групата држави кај кои е констатирано постоење на „тешка ситуација“.

 

ВЛАСТА МОЛЧИ ЗА РАНГИРАЊЕТО НА РБГ

Интересно е како годинешниот извештај на „Репортери без граници“ беше одбележан во домашните медиуми, а уште поинтересна е споредбата со тоа како овие извештаи биле проследувани во текот на изминативе години. Кога беше објавен, кон средината на февруари, за извештајот на РБГ главно беа објавувани вести и проширени информации во кои се наведува позицијата на Македонија на листата, образложението за рангирањето од извештајот на „Репортери без граници“, некаде се споменувани минатогодишните рангирања, како и позицијата на други соседни земји во однос на Македонија. Некои медиуми, особено тие што афирмативно ја третираат власта, со информацијата за извештајот на „Репортери без граници“ во насловите ја извлекоа констатацијата дека сме, ете, подобри за цели шест места на ранг-листата во однос на рангирањето од претходната година. Но, за разлика од претходните години, каде постоеше битна разлика во тоа како на извештајот гледаат провладините и останатите медиуми, годинава, главно, немаше спинувани написи, а акцентот на известувањето беше, разбирливо, ставен на позицијата на Македонија на актуелната листа на „Репортери без граници“.

 


Како РБГ ја утврдува состојбата со медиумските слободи во една земја?

Овие оценки се базирани на повеќе параметри, чиишто елементи се утврдуваат преку јавно достапна методологија и критериуми, врз основа на податоците добиени од нивната мрежа на индивидуални соработници и партнерски организации низ светот. Според РБГ, рангирањето треба да го одрази степенот на слобода која новинарите, медиумите и „нетизените“ (интернет-активистите) ги уживаат во секоја земја, како напорите кои властите таму ги прават за да ги почитуваат и да ги заштитуваат тие слободи. Рангирањето се врши на тој начин што највисоките позиции ги заземаат земји во кои е оценето дека медиумските слободи се на највисоко ниво, а оценувањето од 0 до 100 е базирано на принципот – што помалку освоени поени, тоа подобра ситуација во сферата на медиумите и информирањето на конкретната држава, односно најдобриот резултат би бил нула, а најлошиот 100.

 

И годинава изостана директно артикулиран став од владини претставници во поглед на ниското рангирање на медиумските слободи во Република Македонија. Ваквото игнорирање на оцената за нашата земја, меѓутоа, не беше случај во 2009 година, кога Владата дури директно го поздрави и изрази задоволство од извештајот на „Репортери без граници“, упатувајќи им „искрена честитка на претставниците на медиумите“ и давајќи ветување дека „ќе продолжи да работи на унапредување на степенот на слободата на медиумите и на развојот на демократските вредности и процеси во Република Македонија“. Уште истата година, меѓутоа, станаа евидентни негативните трендови што почнаа да ги подјадуваат добивките од демократијата – контролирани медиуми, наменско пласирање државни реклами во определени медиумски куќи, непринципиелни коалиции помеѓу политиката и судството на штета на новинарите, како вовед во новата реалност во Република Македонија.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести