Рецензија: Таен документ од Виена открива дека Австроунгарија ги создала Албанците како нација
Објавено во Рецензии
on 29 - 03 - 2015 Автор: Александар Писарев
Како и во слични текстови, не е презентирана вистина поткрепена со факти и со докази, туку површно толкување на еден дел од поновата историја на регионот. Текстот е пласиран како авторски, без потпис, а, всушност, се работи за превод на идентичен текст од српските медиуми „Курир“ („Аустроугарска створила Албанце“) и „Веб трибуне“, („Ово се крије од Срба…“), без притоа да се нагласи изворот или да се даде линк кон оригиналната верзија, со што се прекршени стандардите на професијата и се изманипулирани читателите.
Целиот проект е направен непромислено зашто пренесување на еден таков текст може сериозно да ги наруши меѓуетничките односи во државата.
Линк до оригиналниот напис: Таен документ од Виена открива дека Австроунгарија ги создала Албанците како нација
Датум и време на објавување: 24.03.2015, 21:11
Датум на рецензирање: 28.03.2015
Рецензент: Александар Писарев
ПОГРЕШНО ТОЛКУВАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ИСТОРИСКИ НАСТАНИ
Текстот се појавува во критичен миг во општеството и без размислување, во трка по некаква ексклузивност што се гледа и од насловот „Таен документ од Виена открива дека Австроунгарија ги создала Албанците како нација“, пласира опширна (српска) елаборација за непостоење на албанската нација и за нејзиното вештачко креирање од страна на Австро-Унгарија пред крајот на 19 век за да им се наштети на Србија и на Русија.
Домашниот медиум тргнал по српските медиуми кои, можеби, имале потреба минатото функционално да го прилагодат на сегашноста и го смести во контекст на годишнината на НАТО-интевенцијата врз оваа држава. За тие настани Србија ги обвинува Албанците, а влегување на македонскиот медиум во таков „филм“ може да се протолклува само како поддршка на одамна надминатата политика на Милошевиќ и да ѝ наштети на Република Македонија и на меѓуетничките односи во неа.
„Албанците никогаш не постоеле како единствен народ, туку како народ биле создадени по иницијатива на австроунгарски договор, да ги соедини различните племиња, да создаде еден јазик, и сето тоа потпомогнато со пари, за да, пред се, го намали српското влијание и тежина во ослободувањето на сите српски земји, од кои добар дел се наоѓале под контрола на Австроунгарија. На долга патека, цел овој проект имал за цел да овој дел од Европа кој излегува на Медитеранот се намали и на тој начин да се влијае на Русија.“
Без подлабоко познавање на проблематиката, се цитираат само некои сегменти од докторската дисертација на бугарската историчарка Теодора Толева (1968-2011) под име „Влијание на Австроунгарската империја на создавање албанска нација (1896-1908)“, кои се стават во дневно-политичкиот контекст да се потврди тезата на медиумот. Иако, ако внимателно се прочита трудот на Толева, никаде експлицитно не стои дека албанската нација е создадена на вештачки начин, туку дека меѓу нив постојат различни јазици и вери.
„Мотивите на Австроунгарија за тоа се спречување на ширењето на конкурентската Србија и Италија, а индиректно, преку спречување на Србите, тоа било спречување на ширењето на Русите кон Медитеранот.“
И СРПСКИТЕ ИЗВОРИ СЕ СОМНИТЕЛНИ
Српските медиуми како „извор“ со кој ја потврдува тезата за вештачки создадена албанска нација го посочуваат протокол кој Толева го спомнува, но автентичната содржина не е пренесена. На читателите им е презентиран само факсимил од деловодното заглавје на тајниот документ, кое не може да се третира како валиден извор со кој се потврдуваат наведените тези.
УРЕДНИЧКО ПРОМАШУВАЊЕ
Толкувањето на историјата на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците и меѓу Србите и Албанците не била, не е и нема да биде идентична од многу причини. Затоа, пласирање на еден ваков текст како авторски труд, без потпис на авторот, може да биде само контрапродуктивно во и онака напната и сложена политичка и меѓуетничка ситуација во Македонија и може да се оцени само како уредничко промашување или како намерно подгревање меѓуетничка тензија.
Прекршени се и два важни члена на Кодексот на новинарите на Македонија: Членот 4, кој вели дека новинарот ќе го назначи изворот на информацијата и членот 12 кој вели дека „плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови