verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Една фотографија – илјада манипулации!

on 4 - 05 - 2015       
Охрид - покрај езерото. На оваа фотографија има само еден човек, ама таа вреди повеќе отколку сите оние со стотици партиски послушници. Фото: Nikos Koutoulas, 2010
Охрид – покрај езерото. На оваа фотографија има само еден човек, ама таа вреди повеќе отколку сите оние со стотици партиски послушници на нив. Фото: Nikos Koutoulas, 2010

 

Битка со фотографии. Фотографии кои ќе прикажат дали на еден политички собир имало малку или многу луѓе, дали имало малку или многу празни столчиња. Битка во која пропагандата целосно го презеде приматот пред новинарството.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Една слика – илјада зборови! Старата максима, преточена на еден конкретен случај – „големиот“ народен собир на ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека со фотографијата може да се манипулира дури и многу повеќе отколку со зборови. Овој пат тема на манипулацијата не беше содржината, туку формата на настанот. Ако е така, тогаш и целта на собирањето била самата форма: се собираме за да покажеме колку нѐ има! Ако нѐ има малку (домаќини – уште помалку!), тогаш нема фотографии од автобуските карвани! Ако нè има малку во салата, тогаш, „спасот“ е во изборот на аголот на снимањето. Односно, и не мора да се објавуваат фотографии од салата, кога работата ќе ја завршат оние со „густиот материјал“, пред влезот, или фронталната фотографија на уличната поворка. Илјади начини како да се изманипулира јавноста.

Но, за да биде така, работата треба да се заврши претходно. Опозициските портали, формирани и финансирани од претходната локална власт (СДСМ) и не биле „карпа за да не се помрднат!“. Клиентелизмот што го практикува Груевски со големите национални медиуми не бил направија изолирана во инкубатор! Зошто и градоначалниците на Охрид и на Вевчани не би можеле да си финансираат свои новинари, за пристојна сумичка од 15.000 денари месечно!? Ќарот е заеднички, а сметката и така ќе ја плати народот: и како даночен обврзник и како консумент на манипулацијата. Дописниците на националните медиуми, кои од практични причини „склепале“ по некое порталче (вносно е, нели, ист производ да се продаде на две тезги!), мораат да је следат политиката на поголемиот газда од Скопје. Идеална почва за да се постигне унифицираност во известувањето во полза на власта – централна и локална.

Ако претходното раководство ти ја вработило сопругата, сега мораш со едното уше да спиеш врз опасноста дека новото може и да ти ја избрка!? Новата елита нема многу време за размислување, за потемелно образование или за некакви морални скрупули! Треба да се има „респект“ и кон феноменот на долговечноста на власта! Ако заседнале веќе една деценија, ако ги завладеале сите ресурси, тогаш треба да се биде крајно внимателен! Општественоста и  едукативноста на медиумот или ќе ја одложите за подобри времиња или ќе ѝ намигнете на сопствената цензура!

И сѐ ќе беше испеглано по мерата на владејачката партија, ако локалниот портал „Охрид тајм“ не излезеше од шемата со два текста, две фотогалерии и со една видеоснимка. Во првото: (ВИДЕО+ФОТО) Груевски зборуваше пред полупразна сала во Охрид, порталот извести дека:

„салата „Билјанини Извори“ не се наполни според очекувањата, иако беа донесени доста автобуси од цела западна и централна Македонија. Капацитетот на спортската сала е 2.500 седишта кои не беа исполнети до крај, а мал дел од посетителите беа и на паркетот. Додека зборуваше премиерот Никола Груевски, спортската сала беше полупразна, а голем дел и ја напуштаа. Ова не беше бројката која ја очекуваа од владејачката партија.“

Во вториот текст со наслов (ФОТО) И со автобуси, не се наполни салата за митингот на Груевски, порталот информира:

„уште пред почетокот на собирот во Охрид, почнаа да пристигнуваат автобуси од повеќе градови. Луѓе се истовараа на неколку локации во градот, а десетиците автобуси и комбиња беа од Битола, Ресен, Кичево и околината на Охрид.“

Овој, досега малку познат локален портал, во известувањето покажа доследност и професионалност, прикажувајќи ја реално ситуацијата – внатре и надвор од салата, вклучително и со автобуските карвани. Нивните фотографии беа преземани од порталите во Скопје, отворени или прикриени поддржувачи на опозицијата, како и на социјалните мрежи. Новинарите, медиумите уште еднаш се поделија според политичките бусии, но си поделија и лекции, меѓу себе! До степен што можевме да прочитаме и еден ваков коментар од локалниот портал „Охрид1“:

„Дел од локалните медиуми силно поддржани од опозициските гласила од Скопје од вчера интензивно преобјавуваат фотографии (во крупен кадар на кои се гледа само крајот на едната трибина) направени за време на вчерашниот народен собир кој ВМРО ДПМНЕ го одржа во Охрид, а со кои неуморно се трудат да ја убедат јавноста дека салата во Охрид била празна и премиерот се обраќал на празна сала.“

 

На времето, во поранешната југословенска федерација, агенцијата „Танјуг“ „беше овластена да го соопшти“ она што сакаше да го соопшти Централниот комитет. Но, во чие име беше „соопштен“ овој „демант“:

„Објавуваме фотогрфии од трибините, направени со широк кадар и видео материјал на кој се гледаат и трибните и теренот во спортската сала.“

Близок по погледите и интересот, „Охрид нет“, портал уредуван од дописник на национален ТВ-канал, близок до локалната власт во Охрид, сосема очекувано одбрал фотографии кои покажуваат згуснат, групен влез во салата, одвоени портрети на Груевски и слично. Другите локални портали и електронски медиуми, настанот го проследија со присутна внимателност и претпазливост. „Охрид њуз“ дава 16 фотографии во фотогалерија, од кои само на една се „провлекло“ празно ќоше од столови, останатите се „полни“ кадри, гушкања со премиерот и слично, додека во текстот доминираат поенти за нови проекти, како автопат Кичево – Гостивар, затворен базен и слично.

До колкав дијапазон во разликите се известуваше, манипулираше со фотографии, за ист, конкретен настан, може да се види од следните два примери. Порталот „Журнал нет“, во текстот од насловот  ФОТО ГАЛЕРИЈА: Охриѓани масовно застанаа зад Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, виде дека салата „Билјанини извори“ беше претесна да ги собере сите поддржувачи на владејачката партија во Охрид! Ниту збор за присуството на „неохриѓаните“, а дека салата не била „претесна“ ќе се види од некои други фотографии.

Репортер, кој очигледно го презел текстот од „Охрид тајм“ и без да го посочи како извор, уште во насловот донел констатација: (Видео) Дали народот му го врти грбот на Груевски?. Наместо цитат од „нивниот“ текст, еве ја реакцијата, под текстот на довчерашниот огнен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Нестор Огинар од Њујорк:

„Ова е предвесник на незапирливиот и вртоглав пад на младиот Икар, кој со својата ароганција се обиде да лета со тугји крилја во височини каде што никогаш несмееше да биде. Наместо да лета високо со орлите требаше да остане во кокошарникот заедно со јатото кокошки и кукавичките јајца на срамот.“

Меѓу ретките критички опсервации, се издвојува и оној на „Плусинфо“:

„Мизерни му биле Заев и Црвенковски, мизерни му биле новинарите со венецот, мизерни му биле биле Охрид, Муртино и Моноспитово… Груевски се гуши во мизерија и гадење, во својот примитивен, патолошки цинизам, кој ги убива последните молекули на човечност во тоа суштество. Одлепуење до даска!

Унифицираност и речиси идентичност во користењето на фотоматеријалот применува и поголема група медиуми од Скопје, што телевизии, што весници, што портали, како по правило координирани од ист центар. Ниту „Ф“ од фотографија која ќе прикаже празен дел во салата, рашетување на присутните по подиумот, осамениот видеоекран пред влезот во салата или, не дај боже, од паркираните автобуси на неколку локации во градот. Во делот на текстовите, акцент ставаат на проектите во најава, пред сè, автопатот Кичево – Гостивар. На ист начин постапува и „Нова Македонија“. Насловот е Наскоро повик за изградба и концесија на автопатот Гостивар – Кичево. На картата на овој автопат, но со еднакво ист приод со фотогалериите,  играат уште и „Телеграф“, „Прес 24“, „Република“ со речиси десетина парцијални наслови, потоа „Вечер“, „Курир“ и други.

„Република“, акцент става на туризмот, а во делот на фотографиите, акцент става на групниот влез во салата. Акцент на туристичкиот развој става и „А1 он“. Насловот е  Груевски: Авиолиниите Охрид – Лондон и Охрид – Базел стартуваат летово .

Сепак, меѓу сите поддржувачи на власта се надмина „Инфомакс“. Со избрани фотографии и со наслов, приказна самa по себе: „Масовна поддршка Еве што е народ, за ова сонуваше СДСМ и соросоидите, масовна поддршка за ВМРО ДПМНЕ.“ Во занесот, дури и во насловот, авторката заборавила на правопис, на еднина и на множина, а да не говориме за логиката.

Понекогаш, барем ние што сме минале и „сито и решето“, кои не сме пуштале информација без два вкрстени извора, во новите услови можеме да се исмејуваме на таблоидноста, шизофрената реалност со некои актуелни портали. Личат на сѐ, ама не на медиум. Како денеска треба да се чувствуваме ние, студентите на Блаже Коневски, кога, на пример, Латас ќе ни каже дека има два факултета, а поранешниот заставник на бившата ЈНА, Бојо ќе го видиме во ректорска одора!? Понижено и посрамено, секако, но што по моментот кога на екранот ќе го видиме поранешниот американски амбасадор, на „опроштајно“ мегаинтервју, со опуштениот водител, уште и доктор-професор! Многу често, самите политичари ја стимулираат таблоидноста. Инаку, ќе расте, наместо да се намалува бројот на оние кои од лична хигиена одбиваат да се појават кај Миленко или, не дај боже, во „Јади бурек“! Понекогаш политичарите сакаат да испорачаат сериозен производ, во несериозно пакување!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести