verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Црвената линија на приватноста и јавниот интерес

on 1 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
 Податоците за малолетните лица, жртви на полов напад не треба да бидат објавувани дури и кога постои претпоставена согласност од нивниот родител Фото: www.gettyimages.com Принтскрин
Податоците за малолетните лица жртви на полов напад не треба да бидат објавувани дури и кога постои претпоставена согласност од нивниот родител  Фото: www.gettyimages.com, принтскрин

 

Иако во меѓународната регулатива за заштита на приватноста е вметнат принципот на „право да бидеме заборавени на интернет“, отстранувањето на податоците што се дел од вести и од прилози на медиумите е практично невозможно. Затоа, треба да се води сметка за тоа дали кога малолетната жртва ќе порасне ќе смета дека јавно достапните информации и податоци за неа објавени во име на јавниот интерес ја повредуваат нејзината приватност и влијаат на нејзиниот живот.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Објавувањето на името и на презимето, фотографијата, роднинските врски, поврзувањето со политичка ориентација на осомничениот за полов напад врз малолетник, отвораат низа прашања и дилеми што ја подгреваат јавната дебата за оваа социјална појава, но во исто време ја преминуваат границата на почитување на приватноста (на жртвата која е малолетна и на сторителот во претходна постапка, согласно Законот за заштита на личните податоци ) и пресумпцијата на невиност согласно Кривичниот законик на Република Македонија.

 

Откривање на идентитет – малолетни лица

Лични податоци на малолетни лица не смеат да бидат објавени без соодветна заштита, односно замаглување на ликот, дисторзија на гласот и употреба на иницијали. Малолетните лица се лица со ограничена деловна способност, а со самото тоа тие не можат сами да се согласат дали одредена информација за нив ќе биде јавна или не. Согласност за објавување на лични податоци за малолетни лица мора да биде побарана од нивните родители, старатели или законски застапници, но дури и кога истата ќе биде добиена, мора да се води сметка за идните импликации од објавувањето на личните податоци на малолетното лице.

 

Откривање на идентитет – осомничени лица

Објавувањето на податоци за лица против кои се води судска или управна постапка е спортивно од Законот за заштита на личните податоци, особено ако се земе предвид и непочитувањето на начелото за презумција на невиност. Јавниот интерес за истражните акции и за судските процеси е голем и оправдан, но во секој случај медиумите мораат да обезбедат соодветно анонимизирање на лицата што се директно инволвирани во постапките кои се сè уште во тек.

 

„Фејсбук“ – извор на информации

Во првичните информации за настанот беа објавени локацијата и годините на старост на осомничениот за делото и на малолетната жртва. Откако на „Фејсбук“ семејството на жртвата почна да објавува информации за настанот, медиумите, сметајќи дека самото објавување на „Фејсбук“ значи и согласност за јавно достапна информација, почнаа да објавуваат детали меѓу кои и идентитетите на сторителот и на жртвата. Но, што заборавија медиумите кога „Фејсбук“ им стана извор на информации?

 

  • Медиумите треба особено да внимаваат на приватноста на малолетните лица, жртви на полов напад. Тие не го губат правото на приватност само поради тоа што нивните родители ѝ се познати на јавноста, па со самото тоа се и повеќе следени од јавноста, или поради тоа што откривањето на злоделото само по себе е од голем јавен инетерес;

  • Податоците за малолетните лица жртви на полов напад не треба да бидат објавувани дури и кога постои претпоставена согласност од нивниот родител, старател или од друго возрасно лице од семејството.

 

 ИНТЕРНЕТОТ НЕ ЗАБОРАВА

Оправдана ли е јавноста на податоците во Регистерот за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и за педофилија како извор на информации?!

Ако добро се анализира Законот за посебен регистар за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и за педофилија, може да се заклучи дека целта на обработката на личните податоци е обезбедување заштита на децата од сексуална злоупотреба, педофилија и од трговија со малолетни лица преку достапност на информации за лицата што живеат во нивната околина, а кои се осудени за такви кривични дела.

Вака поставената цел не е во согласност со начелата на заштита на личните податоци од аспект на достапноста на информациите. Практиката во државите каде има ваков регистар е достапноста до него да биде ограничена, односно пристап до регистрите имаат градинки, училишта, домови за деца, интернати, родители кои ќе се обратат во полициска станица.

Обемот на податоци содржани во регистарот би бил соодветен доколку пристапот е ограничен. Во овој случај, кога регистарот е јавно достапен, потребно е намалување на обемот на лични податоци (иницијали, точен датум на раѓање, точна адреса на живеење). Во секој случај, тоа што овој регистар има статус на јавна база на податоци не значи дека тие податоци можат да бидат објавувани од медиумите.

Иако во меѓународната регулатива за заштита на приватноста е вметнат принципот на „право да бидеме заборавени на интернет“, отстранувањето на податоците кои се дел од вести и од прилози на медиумите е практично невозможно. Затоа, треба да се води сметка за тоа дали кога малолетната жртва ќе порасне ќе смета дека јавно достапните информации и податоци за неа објавени во име на јавниот интерес ја повредуваат нејзината приватност и влијаат на нејзиниот живот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *