verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Чудо невидено! Пензионерите задоволни од зголемените пензии!

on 9 - 08 - 2015       

Пензионерите задоволни од новото зголемување на пензиите Вистина-crop-resize

 

[Рецензија: Пензионерите задоволни од новото зголемување на пензиите]

 

Замислете луѓе, чудо невидено. Пензионерите биле задоволни од новото зголемување на пензиите. Кој би рекол? Ај тоа, туку и директорите се задоволни од намалувањето на казните за фирмите, хонорарците од укинувањето на законот за плаќање придонеси на хонорари, а студентите од бесплатните ваучери за набавка на таблети. Вакво чудо досега не сме виделе – кога некоја социјална или професионална интересна група ќе добие некакви бенефиции од државата, истата да биде задоволна од нив. Бидејќи, секој нормален човек би очекувал, нели, добитниците на таквите бенефиции да искажат масовно незадоволство од нив и да организираат масовни протести.

Пензионерите задоволни од новото зголемување на пензиите ВистинаЛинк до оригиналниот напис: Пензионерите задоволни од новото зголемување на пензиите

09.08.2015, 12:44

Датум и време на објавување: 09.08.2015, 12:44

Датум на рецензирање: 09.08.2015

Рецензент: Владимир Петрески

Се разбира дека пензионерите ќе бидат задоволни од зголемувањето на пензиите. Ништо друго и не може да се очекува. Но, проблем е што ова не претставува вест, односно новост. Во овој напис нема ништо што е вест-вредно. Ај што нема ништо што е вест-вредно, туку има редица погрешни информации. И многу неодговорени прашања, кои навистина би претставувале вест и кои написот можеле да го направат интересен, содржаен, со нови информации и со тоа да го заслужи називот „вест“. Но, тоа не била целта. Целта била политичка промоција на владата пред изборите во април идната година. А, причината зошто ваквите предизборни мерки се преземаат сега, а не поблиску до изборниот термин, е зашто по нова година ќе има нова влада која нема да дозволи вакви флагрантни предизборни потези во корист на една партија, онаа на власт.

Исто како што претседателот на пензионерското здружение, Драги Аргировски, не мораше да нè извести дека неговите колеги пензионери се задоволни од повисоките пензии, немаше потреба ни да ни кажува колкав е процентот на зголемувањето на пензиите по групи на пензии, ако тие се зголемат линеарно за 630 денари. Ова објаснување не значи ништо:

„Пензионерите кои земаат по 9.500 денари, а тоа се 82 илјади пензионери тоа е голема бројка, ќе добијат зголемување од 7 отсто. Оние кои имаат просечна пензија од 12.470 денари ќе добијат зголемување во висина од 5 отсто, додека пак оние што земаат околу 20.000 денари пензија ќе имаат зголемување од околу 3 отсто, а најмало зголемување ќе имаат оние со пензија над 35 илјади денари.“

Каква е таа „просечна пензија 12.470 денари“? Такво нешто нема. На што се однесува тој просек од 12.470 денари? Колку е најниската пензија, а колку е највисоката, па просекот да биде 12.470? Истото важи и за другите „просечни пензии“ кои Аргировски ги спомнува во износи од 8.000, 9500, 20.000 и 35.000 денари. Какви просечни пензии се овие и колку тоа просечни пензии има? Сето ова е бесмислено и само ѝ додава непотребна комплексност и неразбирливост на веста. Она што требало да се каже е за пензионерите да дознаат колку ќе им биде пензијата со следното зголемување, сѐ што треба да направат е на досегашниот износ да додадат 630 денари. И толку.

Слично на ова, непотребна е и следната реченица која вели:

„Ова зголемување на пензиите, според него, ќе значи и зголемување на просечната пензија во Македонија.“

Стварно? Навистина? Зголемувањето на пензиите ќе значи и зголемување на просечната пензија? Кој би рекол! Неверојатно! Многу интересно! И тоа, внимавајте, ова е „според него“, според соговорникот Драги Аргировски. Значи ли тоа дека има и такви мислења според кои зголемувањето на пензиите нема да ја зголеми и просечната пензија? Кои ли се тие со поинакви мислења, тие кои сметаат дека зголемувањето на пензиите можеби ќе го намали просекот? Има и такви?

Сега стигнуваме и до погрешните податоци. Во цитираната изјава се вели дека „Бугарија и Албанија имаат по 150 евра пензија“, што не е точно, барем што се однесува на Бугарија. Просечната пензија на Бугарија е 173 евра, со тоа што е зголемена за 1,9 отсто од 31 јули, што значи дека сега изнесува 176,3 евра. Овде треба и да се има предвид дека и Бугарите и Бугарките порано заминуваат во пензија од граѓаните на Македонија. Понатаму се вели и дека во Србија просечната пензија е 180 евра, што, исто така, не е точно. Просечната пензија таму е 192,6 евра (23.159 динари). Сосема е сигурно дека Албанија и Косово имаат пониски пензии од Македонија зашто се далеку посиромашни од Македонија, особено Косово. За Грција се вели дека пензиите значително опаднале, што е сосема точно со оглед на тамошната должничка криза, но тие, сепак, се три-четири пати поголеми од пензиите во Македонија.

Она што не е точно, тоа е дека „во нашето опкружување пензиите се намалуваат“. Освен во Грција, тие се привремено намалени само во Србија и тоа само пензиите поголеми од 305 евра (36.700 динари), но причините за ова се сосема оправдани и се однесуваат на големите поплави кои лани ѝ се случија на Србија и кои ѝ нанесоа големи материјални штети. Од друга страна, пак, пензиите најнормално се зголемуваат во Албанија, а и во Бугарија.

Изјавата продолжува со уште едно општо место при што се вели дека зголемувањњето на пензиите „ќе значи подобрување на стандардот на пензионерите во Македонија.“ (Навистина? Не знаевме. И тука да не има некој кој тврди дека повисоките пензии ќе значат влошување на стандардот на пензионерите?), а има и еден нејасен дел кој вели дека „според Државниот завод за статистика, споредбено со земјите што ги спомнав, ние во Македонија имаме и најниска потрошувачка.“ Каква потрошувачка? Кај домаќинствата? Кај пензионерите? Не е јасно.

Во секој случај, оној дел од написот кој можеше барем да понуди компаративна споредба на пензиите во Македонија и во соседството ги има згрешено бројките и и тој не си ја заврши својата информативна функција.

Штета. А, текстот можел да биде многу поинтересен. Само ако се сакало да се постават вистинските прашања и на нив да се добијат одговори. Дали линеарното зголемување на пензиите е законско? Дали е корисно? На прв поглед изгледа дека е добро пензионерите со пониски пензии да добијат поголемо процентуално зголемување, но нема ли тоа да доведе до намалување на уплатите за придонеси, ако сегашните работници сметаат дека и онака пензиите нема да им бидат многу пониски ако вршат поголеми уплати за придонеси. Потоа, како е можно држави како Бугарија и Србија, кои се побогати од нас според домашниот бруто-производ (БДП) по жител и кои имаат повисоки просечни плати од нашите (особено Бугарија) да имаат пониски пензии? Што е причината? Од каде ќе се најдат потребните 30 милиони евра дополнителни средства за исплата на овие пензии на годишно ниво? Можеме ли како држава ова зголемување на пензиите да си го дозволиме во ситуација кога имаме буџетски дефицит од 3-4 отсто веќе неколку години наназад и кога од буџетот за пензии веќе се одвојуваат 350 милиони евра, а тој износ од идната година ќе мора да се зголеми на 400 милиони евра? Но, овие прашања никој не сакал да ги постави.

На крај, чуден момент е и фактот што изјавата е дадена исклучиво за провладини медиуми. Каде биле критичките медиуми? Дали воопшто биле поканети да дојдат да постават свои прашања или воопшто не им било кажано дека претседателот на пензионерското здружение ќе дава изјава или ќе одржи средба со медиумите? Или средбата била само за провладините медиуми за да не се најде некој да ја наруши идилата полна со веќе познати и бескорисни информации и со погрешни компаративни податоци, кои како такви под наредба требало да ѝ се сервираат на јавноста како предизборен маркетинг?


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

веќе познати, бескорисни и неточни

и веродостојни и неверодостојни

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести