verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Да си Гордана Јанкулоска

on 7 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
jankulovska_08122011_g-kolaz-001-zolto
Гордана Јанкулоска, тефтерот на власта и најкористеното лице за прес-конференции на власта. Фото: Влада на РМ, колаж: СПФМ

 

Не сум броел, но речиси сум сигурен дека во изминатите девет години Јанкулоска и МВР имаат одржано најмногу прес-конференции во споредба со сите други министерства на Груевски. Во која друга нормална и вистински демократска земја во светот министерот на полицијата е со години најекспонираната медиумска личност во јавноста? Нешто мора да е гнило во таквата Данска.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Сега е веќе сосема јасно дека еден од главните проекти на Никола Груевски по освојувањето на власта во 2006 година му бил Министерството за внатрешни работи на Македонија да го претвори во габаритна, приватна фирма за обезбедување на интересите и на операциите на фамилијата. Амбициозниот проект за приватизација на оваа суштинска државна институција му бил доверен на најблискиот човек на Груевски, братучедот Сашо Мијалков (Сега и не е важно дали било обратно: дали Груевски бил најблискиот човек на Мијалков кој ја добил довербата да биде премиер на земјата; итн.). Се добива впечаток дека за неполна деценија, како никогаш досега од времето на странските џандарски окупации на Македонија, се впрегнати сите организациони и професионални потенцијали на МВР – документациски, истражни, за следење и за анализа, за сплеткарење од секаков вид, за политички притисок и за уцени, но и моќниот апарат за закана и за примена на сила – за бизнис и за политичките интереси на фамилијата. Некоја идна политичка и правна форензика најверојатно ќе покаже дека со тоа е овозможена операција од гигантски пропорции за преземање туѓи бизниси, упади и рекетирања на домашни и странски поединци и фирми, местења на тендери, злоупотреби на берза, користење банкарски и други финансиски канали за парични трансакции, но и класични криминални зафати во областа на изборните злоупотреби и фалсификати, политичките уцени, местењето судски процеси, уништувањето или преземањето на опонентски политички партии, итн. Доколку интересите на фамилијата понекогаш се поклопувале со јавниот интерес на граѓаните – добро; кога интересите на фамилијата биле на штета на јавниот интерес – дотолку полошо по граѓаните.

„Круната“ на фантастичните злоупотреби, како најфино ткаена рибарска мрежа фрлена врз целото општество, е инсталирањето на систем за прислушување, купен со народни пари, за кој експертите за ваква технологија ме убедуваат дека има потенцијал за следење на 300.000 телефонски броеви. Сепак, никој не е совршен: дали поради мрзеливост или поради нечија саботажа, операцијата за прислушување стигнала до скромната цифра од само 26.000 прислушувани броеви. Потфрлањето е големо. На пример, фактот (барем од она што е досега објавено преку „бомбите на Заев“) што се прислушувани само шест странски амбасадори, несомнено го ставил под ризик целиот систем на злоупотреби на власта. Голема несмотреност на тимот на Мијалков.

Напоредно со оваа опсежна приватизациска зделка на МВР, со разорни последици по институциите на демократијата и на правната држава, сосема се онеспособени или неутрализирани сите други државни инстанци кои, во согласност со своите овластувања, можеле да ја попречат големата криминална операција на фамилијата. Чул ли некој нешто, со години наназад, за работата на Финансиската полиција, на Управата за спречување на перење пари, на Државната комисија за борба против корупцијата, на Јавното обвинителство итн.? Денеска, де факто, повеќето од овие институции речиси и не постојат, освен како услужен сервис на власта и на ниво на згради и илјадна партизирана администрација вдомена во нив, усовршена на безброј семинари како да не си ја работи работата.

 

ЖЕНА? ГЕНИЈАЛНО!

Но, уште од почетокот, на еден аспект на оваа демократска и правна перверзија, со право, му е посветено клучно внимание: кој да биде поставен за министер за внатрешни работи, за таа личност да биде убедлива камуфлажа, своевидно „Потемкиново село“ кое ќе го одвлече вниманието од комплексниот криминален зафат? Тоа морало да биде некој кој пред домашната и пред странската јавност би изгледал по малку наивен и не многу истакнато интелигентен, доволно неук и безопасен, но и кооперативен, за да не подигнува преголеми сомневања и нервоза кај соговорниците. Се разбира, кој и да бил избран морал да биде комплетно контролибилен и лојален кон фамилијата, подготвен на беспоговорна послушност. Со други зборови, некој кој не само што, со ентузијазам, нема да си ја врши работата, туку по потреба весело и „по устав и по закон“ ќе ги крши сите законски пречки за злоупотребите што ќе ги практикува фамилијата.

Според моите информации, од тесниот круг на фамилијата некој итро им предложил – мене тоа ми личи на начинот на размислување на еден Протоѓер – тој човек да биде… жена.

„Генијално!“, извикал Груевски.

Изборот паднал на Гордана Јанкулоска. Во тоа време немажена, со цврст карактер и со политичка циничност типични за жена без мајчински обврски, на која партијата, а не семејството, ѝ се најважни во животот – партијата, всушност, ѝ е семејството, иако не сосема во смисла на фамилијата – Јанкулоска изгледала како навистина идеален кандидат. Таа поседува формални, но релативно безлични образовни и искуствени референци. Има проверена лојалност и стравопочит кон големиот водач уште од неговата рана политичка промоција – и по дваесетина години поминати со него, таа и во негово отсуство за „Претседателот“ зборува со уплав и во Вие-форма. Располага и со демонстрирана толеранција за сомнителни зделки уште од опозициското време на „Аналитико“. Школски пример за бирократ кој е во состојба, со смрзната насмевка под мустак и со бесконечна кондиција за состаночење, да го убие и најкреативниот ум околу себе. Политичка куртизана со „вградена“ желба да биде опкружена со мажи на кои ќе им се допадне не само преку својата услужливост, туку и ќе ги изненадува со демонстрирање поголема цврстина од нив. Всушност, една машка-женственост, една стар-малост, не знаеш дали гардеробата и очилата ѝ го издаваат карактерот – или обратно. Политички, морален и интелектуален хермафродит како створен за операцијата за затскривање на криминалниот зафат на столетието на фамилијата.

Навистина генијално.

 

МЕДИУМСКИ ГУМЕН КУРШУМ

Сепак, од досега објавените неколку стотици прислушувани телефонски разговори („сечени, лепени, монтирани, креирани“), јасни се индициите дека  Јанкулоска ги надминала и најоптимистичките очекувања на фамилијата. И тоа не мислам на „сапунската опера“ од разговори што таа ги води со најдобрата другарка, Ставрески, туку на долгите телефонски елаборации во кои активно учествува во разно-разни подготовки, извршувања или прикривања на кривични дела од кои може да се заклучи дека МВР било претворено во своевиден фамилијарно-партиски драгстор за 24/7 употреба на неговите капацитети за криминалните операции на режимот. Местење избори, фалсификување јавни исправи, рекетирања и уцени, физички притисоци и примена на сила, „рентирање“ полициски битанги за најразлични илегални оперативни изведби на терен, попречување истраги, прикривање насилства, злоупотреба на милионски фондови, непостапување по бројни законски обврски и неколку тони секојдневно лажење, лажење, лажење… Сето тоа „Горде“ не го правела само со бараниот од фамилијата ентузијазам, туку и со голема лична страст, затскриена со повремени морални дилеми и извесна гадливост заради тоа со кого е ставена во ситуација да си има работа. Со текот на времето, Јанкулоска развила и еден личен „заштитен механизам“: длабок презир кон повеќето соработници и „човечиња“ околу неа. Добро, дури и таа морала некако да заспие навечер.

Не можело ова да го прави која било личност. На пример, погледајте ја таа – па, да, болна – систематичност: во нејзиниот тефтер се наоѓаат запишани сите 100.000 административци вработени од оваа власт, сите мижи-бутај меѓупартиски договори, сите купи-продај заговори! „Госпожа“ Јанкулоска е подвижната архива на фамилијата. Не се бројат телефонските разговори во кои Мијалков и Груевски ја прашуваат како се договоривме за ова, кој беше оној, што ветивме онаму, а за возврат што добиваме од оние… Гордана гордо им вели – свесна за својата незаменливост и несвесна за бесмисленоста на причините за тој факт – да не се секираат, бидејќи таа има сѐ за секого и за сешто во нејзиниот тефтер!

Имала Јанкулоска уште една специфична задача: таа и Мијалков се главните информативни извори за дотурање „гумени куршуми“ до провладините медиуми за дискредитација, медиумска манипулација и карактерна ликвидација на политичките неистомисленици. Не сум броел, но речиси сум сигурен дека во изминатите девет години Јанкулоска и МВР имаат одржано најмногу прес-конференции во споредба со сите други министерства на Груевски. Во која друга нормална и вистински демократска земја во светот министерот на полицијата е со години најекспонираната медиумска личност во јавноста? Нешто мора да е гнило во таквата Данска.

 

ЧЕЛИЧНАТА ДАМА

Не е сосема неважно дали Јанкулоска, конечно, заслужила да стане вистински член на фамилијата – или останала да изигрува (се извинувам за грубоста:) висококвалитетна черга пред влезот на МВР од која фамилијата си ги бришела чевлите пред секое влегување во светот на неограничените можности на Министерството?

Мислам дека одговорот на оваа дилема нема само општо политичко, туку и правно значење за самата Јанкулоска, бидејќи, хипотетички, би можел да придонесе за нејзиниот различен третман при правосудната разврска на криминалните дејства на фамилијата во Македонија.

Што мислам јас за тоа? Искрено, мислам дека Мијалков никогаш во неа не гледал сериозен фамилијарен, туку само извршителен потенцијал на максимално послушен партиски војник. Молам тоа, кога ќе дојде денот, да биде земено како значителна олеснителна околност за „челичната дама“ на македонската демократска хаварија. Ако заради ништо друго, тогаш макар како мал знак на благодарност што преку нејзините бројни телефонски искажувања добивме непроценлив историски документ за димензиите на забеганоста на целата оваа работа.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести