verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Mатеријал од позната сорта: „Владата најдобра, сѐ другото не чини“

on 6 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански

aaaaa-0987-crop-resize

 

[Рецензија:  Владата пресече за средношколците, пленумот инструиран од СДСМ]

 

Понудениот материјал е од познатата сорта „Владата најдобра, сѐ другото не чини“. Како поинаку да се нарече текст кој на цел глас труби за добрите дела на властодршците во однос на образованието и кој со еднаков жар ги куди „лошите“ средношколци затоа што ништо не прифаќале од тоа што им се нудело. Образложението за таквото поведение на младите написот го гледа, секако и нормално, во опозицијата и во фамозната фондација „Сорос“. Велам дека го гледа, ама не и дека го аргументира.

aaaaaЛинк до оригиналниот напис: Владата пресече за средношколците, пленумот инструиран од СДСМ

Датум и време на објавување: 01.05.2015, 11:05

Датум на рецензирање: 03.05.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ВИСТИНА „КОРОДИРАНА“ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ВЛАСТА

Неверојатно е високо нивото на сеприсутност, во овој случај медиумска, на владините позиции за безмалку секој аспект од животот во државава. Но, ако е малку што на сите мејнстрим-медиуми се редат изјави на вицепремиери, министри, директори и разно-разни функционери, тогаш на одредени интернет-портали истите тие настапи „малку“ се дотеруваат и во оркестриран стил им се врши „генералка“, сѐ со цел за дополнително да се втемели перцепцијата кај јавноста дека не само што Владата е супер, туку дека другите ич не ги бива. Е, па, по опозицијата, студентите, синдикалците, дел од новинарите, професорите, ред им дојде и на средношоколците. Во овој текст младите се нападнати со „тешко оружје“ – дека се продолжение на опозициските политики. Жестоките обвиненија истресени се како од ракав, без притоа да бидат поткрепени ниту со вистински извори на кои може да им се поверува ниту, пак, со асолни аргументи. Фразата „според информациите“ ама баш ич не помага во кредибилноста на изнесените тврдења. Сѐ се базира на веќе познатите формулации дека за секоја работа која не е по ќеф на владејачките структури одговорни се СДСМ, Сорос, а во овој пример и фондацијата МОФ?! (МОФ е невладина, непартиска и непрофитна организација), колку да бидеме прецизни.

Да се вратиме на темата, можеби навистина за сè виновни се опозицијата и т.н. соросоиди, можеби навистина имаат таен план, можеби странски сили ѝ коваат зла судбина на Македонија, можеби и вонземјани се вмешани, можеби се подготвува инвазија врз земјава од Марс? Премногу можеби, а можеби и е така, а можеби тоа е муабет за во кафеана? Она што е сигурно е дека за нешто да се објави и за него да се тврди дека е е вистина, потребни се факти, аргументи, докази, изјави, а не апла отворени и нескриено обоени коментари:

„Речиси без двоумење совршено јасно е дека зад Средношколскиот пленум, но и сите останати пленуми стои директно СДСМ и фондациите како МОФ, кои се финансирани од СОРОС“;

 

„На сето ова пленумот ги злоупотребува средношколците и не покажа волја и разбирање за договор. Практично бојкотот на наставата преставува и трајна загуба за средношколците“.

Ај пак, по којзнае кој пат да повториме, бидејќи навистина е важно:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.

Оттука, не е дека нема вистинитост во материјалот, особено во делот на цитирањето на ставовите на владините претставници, но таа е спинувана за сметка на непоткрепените формулации изнесени, пред сѐ, во вториот дел од написот кои, гледано во целост, всушност се и причината за неговото објавување. Секако, не треба да се заборави дека во текстот никаде ја нема другата страна – позицијата на „Средношколски пленум“. Младите се споменуваат само кога се бележат како вакви или онакви. Не велиме дека нивните ставови се идеални или супер, тоа не е целта на рецензијата, туку нотираме дека воопшто ги нема нивните мислења. Кусо, имаме вистина „кородирана“ за потребите на власта. Она што дополнително боде очи е впечатокот дека на една многу сериозна тема ѝ се пристапило дневнополитички, со повеќе „плукачки“ отколку информативни компоненти. Лабавото третирање на горливиот проблем, кој не е осамен во образованието и го блокира нормалното одвивањето на наставниот процес, е доказ за минималниот новинарски ангажман. Пристрасноста, која е неизбежна, се манифестира и во преземањето на написот од серија други портали со сличен фалбаџиски тон кон владејачката структура. Да прашам, ако Владата била толку толерантна, како тоа не може средношколците да ги врати во клупите?

Оцената е дека ни се сервира неизбалансирано, пристрасно и содржински „голо“ четиво. Совет: и да не се прочита, нема да има каква било загуба.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

и да и не

официјални, анонимни

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести