verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Баланс помеѓу правото на приватност и правото на информираност

on 8 - 05 - 2015       
Скулптури со затоврени очи на јавно место. Белфаст, уметник Paddy McCann, 2003. Фото: William Murphy, 2012
Скулптури со затоврени очи на јавно место. Белфаст, уметник Пади Меккен (Paddy McCann), 2003. Фото: William Murphy, 2012

 

Искуството покажува дека медиумите најчесто отстапуваат од основните начела за заштита на личните податоци заради изнесување лични податоци во поголем обем од она што е потребно за исполнување на целта, односно задоволување на јавниот интерес.

 

Пишува: Елена Стојановска, магистер по комуникации

 

Кога станува збор за правото на приватност поставено на релација со правото на информираност, како и со слободата на медиумите, многу е едноставно да се заклучи дека меѓусебно се конфронтираат, дека се поставени едно спроти друго, но главната тенденција е да се воспостави баланс помеѓу нив. На едната страна е правото на информираност, интересот на граѓаните да бидат информирани, правото на информирање на новинарите, а на друга страна правото на заштита на приватноста, правото на заштита на личните податоци, личниот и морален интегритет на секој поединец. Фактот дека се поставени на еднакво ниво укажува на неопходноста од постигнување баланс меѓу истите.

Воспоставувањето баланс помеѓу правото на приватност и правото на информираност е вистинска вештина, особено во правен систем во кој постојат бројни исклучоци од Законот за заштита на личните податоци, кои се однесуваат на новинарите. Практиката во европските држави, а и кај нас, покажува дека примената на законите за заштита на личните податоци често доведува до забуни во толкувањето на одредбите – некогаш толкувањето е премногу рестриктивно, пристапот до податоците е целосно забранет во име на приватноста, некогаш е премногу слободно, така што правото на приватност се става на маргините во однос на јавниот интерес.

Иако Законот за заштита на личните податоци нема целосна примена врз обработката на личните податоци од новинарите, сепак тоа не ги ослободува новинарите од обврската да ги почитуваат начелата за заштита на личните податоци.

Искуството покажува дека медиумите најчесто отстапуваат од основните начела за заштита на личните податоци заради изнесување лични податоци во поголем обем од она што е потребно за исполнување на целта, односно задоволување на јавниот интерес.

Основниот концепт по кој медиумот треба да се води е „битност (важност) на информацијата“. Новинарите мораат да вршат процена дали објавуавњето лични податоци кои се содржани во веста е битно, односно дали и без нивното објавување ќе биде постигната целта и, конечно, дали објавувањето на личните податоци е од јавен интерес или не.

Правото на субјектот на лични податоци да не се согласи неговите лични податоци да бидат објавени е, исто така, составен дел од концептот. Во случаите кога не преовладува јавен интерес за откривање на идентитетот на одредено лице, а доколку тоа лице е дел од некој прилог, новинарот мора да побара негова согласност за објавување на личните податоци.

 

ЈАВНИ И ПОМАЛКУ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ

Новинарите треба да прават разлика помеѓу јавните личности кои извршуваат политичка или јавна функција и јавните личности кои се популарни, а не извршуваат политичка или јавна функција. Доколку личните податоци што се однесуваат на јавни личности кои не се јавни по функција, не се релевантни за да се пренесе одредена вест и не се од јавен интерес, тогаш истите не треба да бидат објавени. Љубопитноста на јавноста не може да биде сфатена како јавен интерес. Заштитата на личните податоци на „обичниот граѓанин“ и јавните личности е различна. Условот за почитување на приватноста е автоматски редуциран за онолку колку што самото лице е навлезено во јавниот живот или има контакт со други заштитени интереси. Во принцип, податоците на јавните личности можат да бидат објавени без изречена согласност на истите.

Во практика, се прави разлика помеѓу апсолутните и релативните лица на јавниот живот. Првата група вклучува лица кои се постојано под окото на јавноста поради нивната функција и улога во општеството (политичари, глумци, професионални спортисти, владини претставници и др.). Релативни лица на јавниот живот се оние кои се интересни за јавноста повремено, поради нивната поврзаност со конкретен настан (победници на одреден настан, добитници на лото, криминалци). Податоците на релативните јавни личности може да бидат објавени само кога постои оправдан јавен интерес поврзан со одреден настан. Ова, исто така, важи за објавувања информации поврзани со сторители на кривични дела, за кои постапката е веќе завршена или, пак, за факти кои се случиле одамна, бидејќи во такви случаи не постои правен интерес. Сензационализмот со објавувањето на некорисни информации е дозволено било за апсолутни или релативни јавни личности, но не за да се повредува нивното право на приватност, не да се попречува нивниот приватен живот.

Правото и обврската на медиумите во информирањето на јавноста зависи од нивната автентичност. Луѓето имаат право да бидат точно информирани. Иако брзината на информацијата е битна за медиумите, информацијата може да биде корисна само ако можеме да ѝ веруваме. Ова не значи дека треба да се изнесуваат само објективни факти; но, како и да е, објавените факти треба да бидат проверени, носителот на информацијата треба да ја исполни обврската за точност на информацијата. Навремената проверка на собраните информации – опишана во детали во Кодексот на новинари – не е секогаш потребна. Исклучоци во однос на претходно споменатото се случуваат кога новинарот открива одреден податок од државен орган, на пример, на прес-конференција или во билтените на некој државен орган. Во ваков случај се смета дека информацијата е проверена и дури ако информацијата е неточна или заштитата на приватноста е повредена, новинарот има поделена одговорност со државниот орган кој ја изнел информацијата.

Според анализата на Koman Perenic и Information Commissioner Slovenia, во Media and the Protection of Personal Data, ситуацијата е поинаква во случај на изразување на мислење или коментирање кога е вклучена силна субјективна компонента и е тешко да се одреди дали е изворна или не. Правото на изразување на сопственото мислење е пошироко отколку правото на информација и поединецот има право да го изрази неговото/нејзиното мислење дури и да не го подели со другите. Како и да е, постојат граници во оваа област. Мислењето не треба да биде навредливо кон поединецот. Секоја личност треба да дискутира на начин што одговара на едно цивилизирано општество и да биде во согласност со добрите манири и однесување. Но, дискусијата може да биде емоционална, конкретно како одговор на предизвик. Постои помала толеранција во политичките дискусии со недемократски тон, што води до несакани последици кои не можат да бидат поддржани. Политичарите не се одметници; оттука, дебатите треба да бидат објективни, култивирани и потребно е да го почитуваат човековото достоинство. Слободата на изразување, иако ограничена, сепак, е важна за јавниот интерес, но постојат неколку ограничувања (исто така валидни во случај на пренесување на фактите и на мислењата). Негативните мислења интересни за поединци, а не за целата јавност, иако тие претставуваат чиста забава, не се дозволени. Затоа, медиумите може да објават вести и мислења внимателно проверени и кои содржат објективен интерес дури и кога тие навлегуваат во приватноста на поединецот. Колку повеќе овие вести и мислења навлегуваат во приватноста, дотолку имаат помалку простор за објавување.

 

Основни принципи за правилно објавување на лични податоци и информации за приватниот живот

  • Процена на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци и поставување баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност и заштита на личните податоци;
  • Правична обработка на личните податоци, односно обработка во согласност со закон или по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци;
  • Анонимизирање на лични податоци кои не ја менуваат суштината на веста;
  • Задолжително анонимизирање на лични податоци на малолетни лица;
  • Објавување на иницијали наместо име и презиме на лицата кои се жртви на несреќи или лица против кои се води судска или управна постапка;
  • Заштита на приватноста на домот.

 

СТАНДАРДИ ЗА ЗАШТИТА НА ПРИВАТНОСТА ВО МЕДИУМИТЕ

Препорака на Европската платформа на регулаторни тела е дека регулаторните тела треба да имаат извесни овластувања во однос на прашањето на заштита на приватноста (само доколку не дејствуваат како цензори или морални судии) и дека поголем акцент треба да се стави на саморегулативата. Иако концептите за човечкото достоинство и приватноста се многу апстрактни, има општа согласност дека во радиодифузијата треба да постојат прецизни регулаторни насоки.

 

Најсоодветен пример за тоа е британското регулаторно тело ОФКОМ кое има разработено стандарди за заштита на приватноста во медиумите. Според ОФКОМ, основен принцип кој треба да го почитуваат британските електронски медиуми е дека „секое навлегување во приватноста во програмите или добиен материјал што е вклучен во програмите, мора да биде оправдано“. Притоа, „оправдано“ значи дека медиумите мора да докажат дека постојат оправдани причини за навлегување во приватноста. Причина за тоа може да биде јавниот интерес за откривање криминал, заштита на јавното здравје или безбедност, откривање лажни изјави од поединци или откривање нестручност која има последици врз јавниот интерес.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести