verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ало, има ли портпарол во институцијата!

on 17 - 04 - 2015       
Најзатворените институции според зборовите на новинарите. Фото колаж: СПФМ
Најзатворените институции според новинарите. Фотоколаж: СПФМ

 

Мора да се напомене дека загрижува фактот што, како што велат колегите новинари, и покрај упорното инсистирање на одговор од некој портпарол на министерство или институција, на крајот од денот не успеваат да дојдат до него. За разлика од нив, новинарите што ги поддржуваат политиките на власта, речиси секојдневно ги имаат на „располагање“ портпаролите во своите прилози.

 

Пишува: Владо ЃОРЧЕВ

 

Да си портпарол во Македонија е многу поинаку од тоа што значи оваа професија во светот. Да си новинар, пак, во Македонија, кој мора да земе изјава или да има комуникација со портпарол е еднакво на невозможна мисија. Последниве години, портпаролите во институции, а и на политичките партии, толку се оддалечија од новинарите што отворено се поставува прашањето дали македонските институции имаат служби за односи со јавноста. Сепак, за да бидеме чесни, мора да кажеме дека постојат исклучоци, па има и портпароли кои се задолжени за медиумите, а кои совесно, професионално и принципиелно си ја вршат својата работа. За докрај да бидеме искрени, мора, исто така, да кажеме дека портпаролите на министерствата, институциите и на органите во состав на Владата се речиси целосно недостапни за новинарите, пред сè, за тие што критички ја опсервираат власта. За разлика од нив, пак, портпаролите на опзициските партии речиси стопроцентно се достапни за прашања и редовно одговараат на своите телефони.

Мора да се напомене дека загрижува фактот што, како што велат колегите новинари, и покрај упорното инсистирање на одговор од некој портпарол на министерство или институција, на крајот од денот не успеваат да дојдат до него. За разлика од нив, новинарите што ги поддржуваат политиките на власта речиси секојдневно ги имаат на „располагање“ портпаролите во своите прилози.

Последните случувања околу аферите „Пуч“ и „Прислушување“ само ја потврдија тезата дека прашањата од новинарите не заслужуваат одговор во Македонија.

 

ИМА ЛИ ПОРТПАРОЛ ВО ИНСТИТУЦИЈАТА?

За новинарот од „Нова“, Владо Апостолов, проблемот со портпаролите во македонските институции е тоа што голем дел од нив се мајстори во категоријата неодговарање на телефон, а дури потоа се шампиони да одговорат само на прашањата што им се по ќеф и тоа на начин на кој најчесто одговорите се некорисни.

„Апсолутно најнекорисен портпарол е гласноговорничката на Антикорупциската комисија, иако за тоа место сериозно ѝ конкурира колегата од Министерството за труд и социјала. Велат дека луѓево се мит, не постојат. Веројатно нивниот проблем е во тоа што и не знаат што да кажат откако ќе ја кренат слушалката. Министерството за транспорт и врски имаше пристоен портпарол, а сега тоа го работи еден поранешен колега-новинар кој досега не се покажал како корисен (уште чекам одговор на две прашња), а за мене Министерството за финансии е затворено откако пишував за тендерот на првиот братучед на Ставрески“, ни изјави Апостолов.

Тој додава дека Министерството за култура го урива Гинисовиот рекорд бидејќи повеќе од половина година чека одговор на прашањето дали Субрата ќе го изгради споменикот на Мајка Тереза.

„Нешто многу аир не сум видел ниту од владиниот портпарол. Последен пат ми крена слушалка кога излегоа шпекулациите дека учествувал во тепачка. Тогаш му гореше под нозете, па објаснуваше дека сето тоа било лага. Потоа повторно заборави како се одговара на телефонски повици. Позитивен пример се гласноговорниците на УЈП и на МВР, бидејќи, ако ништо друго, одговараат на повиците и најчесто на прашањата. А и тоа е нешто денес во Македонија. Во принцип, колку е помала институцијата, толку е потешко да се извлечат информации иако, нели, има исклучоци“, заклучува Апостолов.

Александрa Денковска-Гоцевска од новинската агенција „Мета“ тврди дека транспарентноста и отчетноста не е нешто со што портпаролите на нашите институции можат да се пофалат.

„Генерално, портпаролите на речиси секое министерство или друга државна установа не одговараат на прашањата на медиуми кои не се провладини. Слична е ситуацијата и со партијата на власт. Понекогаш се случува да заѕвонам и кај десет луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, а ниту еден да не крене слушалка.  Ситуацијата е уште полоша откако почна акцијата „Пуч“. Не сум добила одговор на ниту едно прашање. На владиниот портпарол Александар Ѓоргиев сум му ѕвонела и по десет пати дневно, сум му испраќала СМС-пораки, но без одговор. Понекогаш Ѓоргиев знае да напише порака дека е „во гужва“ и дека „ќе се јави за кратко“, но никогаш не се јавува – информира Деновска-Гоцевска.

Новинарката од БИРН Македонија, Мери Јордановска, вели дека во последниве години портпаролите на одредени министерства јасно и гласно си кажуваат: На ова прашање нема да ви биде одговорено!

„Понекогаш се чувствувам како да ги прашувам што јаделе дента, а не како ги трошеле буџетските пари. Сега, комуникацијата премина преку е-маил. Процесот е многу едноставен, им поставуваш прашање, ти велат „пишете ни на е-маил“, пишувате и одговор никогаш не добивате. Им се јавувате, не креваат. Таков е примерот со портпаролката на Антикорупциската комисија. Во една пригода ѝ ѕвонев точно 48 пати во еден ден. Ме интересираше дали покренале прекршочна постапка за кумот од првиот брак на премиерот Никола Груевски, Ристо Новачевски, кој од 2007 година нема поднесено анкетен лист за својата имотна состојба. Одговор никогаш не добив“, појаснува Јордановска.

Таа вели дека каj ВМРО-ДПМНЕ повеќе не се ни обидува да ѕвони.

„Додека му ѕвонам на портпаролот Илија Димовски, слушалката ја оставам на маса бидејќи знам дека нема да ми крене. Потоа излегува дека во моите стории ја нема втората страна. Да, признавам, ја нема, бидејќи се обидувам да ги искористам сите можни начини за да ја добијам, но од другата страна сè што добивам е молк. Институциите и власта не се подготвени да одговорат на прашањата кои се од јавен интерес, а онаму каде што нема транспарентност и отчетност, тогаш јасно е дека нешто се сака да скрие од очите на граѓаните“, вели Јордановска.

Последната можност што останува, според неа, е да се искористи Законот за пристап до информации од јавен карактер.

„Ќе чекаш еден месец, но барем знаеш дека се должни да ти дадат одговор. Но, дури и во тој дел се најдоа финти на кои играат: или ќе дадат нецелосен одговор или ќе напишат дека станува збор за „интерна“ информација или, пак, ќе напишат дека станува збор за оддавање лични податоци, мислејќи на компанијата со која бил склучен одреден договор. Чекањето најчесто е залудно, бидејќи, очигледно, министерствата и институциите имаат толку многу приватни и интерни информации кои одбиваат да ги споделат со јавноста, што секој мој обид да ја истражам таа информација во целост, со опфатеност на двете страни, паѓа во вода“, заклучува Јордановска.

 

СЛИКА И ПРИЛИКА НА МИНИСТЕРСТВАТА

За новинарката од „Нова“, Сашка Цветковска, комуникацијата со портпаролите не само што е тешка, туку има институции во кои воопшто нема портпарол.

„Исклучоците се толку ретки, што не можам да се сетам на некој со којшто имаме поефикасна комуникација и на некој што си ја разбира работата. Можеби портпаролката на УЈП би ја издвоила зашто одговара на повици и на прашања во договореното време. Едни од најужасните портпароли за коишто јас не можам да разберам зошто воопшто земаат плата и што работат се оние во Министерството за финансии и, дефинитивно, портпаролката на Антикорупциската комисија, извесна Антонија. Антонија зема плата, има службен телефон, а никогаш не одговорила на повик, порака или е-маил. Се случувало да ѝ ѕвониме без престан цели три недели, да ѝ праќаме СМС-пораки секој ден и електронски пораки, но оваа девојка, се чини, не е воопшто засегната – ни изјави Цветовска.

На крајот на денот, тврди таа, портпаролите се слика и прилика и на самите институции.

Ако имаме Антикорупциска којашто е целосно затворена кон граѓани и новинари, комисија којашто не одржува прес-конференции, не е засегната на никаков начин од она што се случува во јавноста и од јавно упатените повици за нивниот ангажман, тогаш не можете да очекувате дека тие зеле портпарол со намера тој нешто да сработи.

 

МОЛК ВО СИТЕ СЕКТОРИ

Сепак, молкот кај портпаролите не е само за прашањата што се поврзани со политиката или економијата на државата. Таков проблем имаат и новинарите кои работат други сектори, како социјала, здравство, скопски теми.

Како што ни рече новинарката која со години ја разобличува корупцијата во здравството, Менче Атанасова-Точи, не е ниту ново, ниту непознато дека некои медиуми тешко или воопшто не добиваат информации од институциите.

„Начинот на кој барам информација е по телефон, но задолжително праќам прашања и по електронски пат. Во Министерството за здравство, портпаролките се достапни во секое време, но прашањата ги препраќаат до шефот на кабинетот на министерот Тодоров, тоа е Ангел Митрески, и тој одлучува дали ќе биде одговорено или не. Во 99 проценти од барањата не ми било одговорено на прашањата, односно одговор добивам само ако му одговара на Митрески. Портпаролките во ова Министерство ја немаат улогата за која се поставени, туку се само технички лица, тргнати на страна“, вели Точи.

Во другите Министерства, портпаролите најчесто се недостапни на телефон. Такво искуство Точи има со Министерствата за труд и социјала, за образование, а владиниот портпарол воопшто не крева телефон ниту одговара на пораки.

„Во Министерствата за финансии и за земјоделство и да одговорат на телефонскиот повик, одговор на прашањата нема. На тие портпароли што си дозволуваат да не се јават на телефон (а, такви се најголем процент) дадена им е толкава слобода што ја злоупотребуваат функцијата, односно работата за која се платени. Се разбира, така се однесуваат само кон новинарите кои се обидуваат да информираат балансирано и професионално“, заклучува Точи.

Дека е точно тоа што го велат новинарите, се потврдува секојдневно на провладините телевизии. Таму, состојбата е сосема поинаква. Секојдневно на телевизија ги гледаме портпаролите како „срдечно“ даваат изјави и ги има секојдневно, иако, како што велат новинарите, само пред неколку часа и тие го барале за истата изјава. Така, новинарите кои сакаат да известуваат избалансирано и објективно се ставени во незавидна положба да ја немаат и втората страна на приказната.

Изјава за оваа тема побаравме и од Александар Спасовски, новинар во телевизија „Сител“ кого го прашавме дали комуникацијата со портпаролите на државните институции ви е редовна и на кој начин се одвива таа комуникација? Тој не сакаше да одговори на ова прашање со образложение:

„Извинете,

Не би сакал да коментирам за вашиот медиум

Бидејќи никогаш кога сте објавувале текстови кои имаат за цел дискредитација на медиумите во кои работам не сум бил побаран за изјава, не би сакал ни сега да се вклучувам во Вашите анализи.“

Од разговорите со новинарите се заклучува дека портпаролите се недостапни за нив. А, тоа им е основна дејност. Портпаролот мора да е доспатен за секој новинар, без разлика на тоа од кој медиум доаѓа. Тоа му е професионална обврска или, на крајот на краиштата, за тоа зема плата.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести