verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Агенциско новинарство – фабрика за вести

on 10 - 08 - 2016       
Новата зграда на „Франс Прес“ во Париз. Фото: Википедија
Новата зграда на „Франс прес“ во Париз. Фото: „Википедија“

 

Битна разлика помеѓу новинските агенции и другите медиуми е во тоа што новинските агенции ги опслужуваат другите медиуми и така посредно доаѓаат до крајниот корисник: читателот на весник, слушателот на радио, гледачот на телевизија, корисникот на интернет…

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Агенциското новинарство (анг. agency journalism/reporting) е облик на новинарство што се остварува по пат на агенција која служи за пренос на вести во весници, магазини, радија и телевизии. Новинските агенции се фабрика за вести. Тие се вклучени во мрежата на светска размена, а за вестите најчесто се добива претплата од секој корисник. Агенциите, всушност, се занимаваат со новинарскиот жанр – вести, кои мора да бидат јасни и кратки. Во агенциското новинарство најважно е начелото на сигурен извор на информации, краток опис на настанот и брза дистрибуција на информациите.

 

АГЕНЦИСКИ НОВИНАРИ

Агенциските новинари се истражувачи. Главна задача им е да откријат вест која како производ за понатамошна употреба ќе се доработи од другите медиуми. Агенциските вести по форма се стандардни вести кои ги имаат сите пет елементи (5W) – кој, што, каде, кога и зошто.

Битна разлика меѓу новинарските агенции и другите медиуми е во тоа што новинските агенции ги опслужуваат другите медиуми и така посредно доаѓаат до крајниот корисник: читателот на весник, слушателот на радио, гледачот на телевизија, корисникот на интернет…

Агенциските вести информираат за настани (факти) и мора да бидат точни, брзи и непристрасни. Тие функционираат по системот на превртена пирамида. Тоа значи дека почнуваат од најбитните, па се движат кон помалку важните податоци. Делови од вестите мора така да бидат структурирани да може да се исфрлат при преземањето во другите медиуми, а притоа да не се загрози содржината на информацијата.

 

ПОЧЕТОЦИ НА АГЕНЦИИТЕ

За прва агенција се смета „Франс прес“, чиј прв сопственик, французинот Шарл Луј Авас, својата мала фирма ја претворил во новинска агенција во 1835 година, засилена со дописничка мрежа.

Дописниците на Авас му биле потребни затоа што весниците не можеле да си дозволат дописничка мрежа. Идејата на Авас била да ги продава вестите на пазарот. Така настанала првата новинска агенција на светот – „Авас“.

Во 1879 година, агенцијата преминува во државна сопственост, која покрај вестите почнува да емитува и реклами. Агенцијата „Авас“ и компанијата за рекламирање „Сосиете женерал дес Анонсес“ (Societe Generale des Annonces) се спојуваат во 1920 година. На 1 август 1940 година во Лондон се формира Француска информативна агенција (Agenceferancaise d’ Information-AFI). Агенциската работа која ѝ припаѓа на државата во тоа време станува Француската информативна служба (OFI – Office Francais d’ Information).

Пол Луј Брет во Алжир во ноември 1942 година создава агенцијата „Франс Африка“, а на 5 март 1944 година преодната влада ги спојува ОФИ и „Франс Африка“ и така настанува Агенција „Франс прес“, со што агенцијата „Авас“ се преименува во Агенција „Франс прес“ во државна сопственост.

 

Најголеми светски агенции

„Ројтерс“ (Reuters), Лондон, Велика Британија

Агенцијата „Ројтерс“ под ова име дејствува непрекинато од својот почеток во септември 1851 година. Оваа агенција од првиот ден исто така дејствува како акционерско друштво со ограничена одговорност.

„Асошијетед прес“ (Associated Press – AP)

Од 1848 година АП е регистрирана како непрофитна организација во сопственост на американските медиумски компании. На почетокот на 20 век како косопственици им се приклучуваат и радиските куќи. АП денеска има 1.550 членови-содружници.

 

 

МОДЕРНОТО ВРЕМЕ И АГЕНЦИИТЕ

Циркулацијата на информации во светот, која поради дигиталната револуција стана толку брзa, им наметна на новинските агенции да го променат начинот на работа и на корисниците да им понудат поинакви производи, како што се фотографии, графики…

Социјалните медиуми, исто така, користат различни содржини. Најчесто и тие, како и агенциите, користат текстуални информативни содржини, видеоматеријал, аудиоматеријал и слики. По објавување на сите овие информативни содржини, тие преку глобалната интеренет-мрежа стануваат достапни за поширок аудиториум. Можат да се препорачуваат од еден на друг, да се препраќаат, да се оставаат коментари …

Сето тоа го загрозува работењето на новинските агенции кои работат на истиот принцип.

Парадоксот, пак, е во тоа што, сепак, и покрај „вината“ на социјалните медиуми во падот на новинските агенции, тие сè уште ги одржуваат во живот. Имено, преку социјалните медиуми новинските агенции стануваат повидливи, а со тоа го зајакнуваат и нивниот бренд. Вестите што ги продуцираат агенциите се споделуваат на „Фејсбук“ и на „Твитер“ и така допираат до читателите.

Новинска агенција не може да ги игнорира сите релевантни извори на вести, а исто така и новинарите не можат да ги игнорираат сите релевантни промени во општиот начин на живот. Социјалните медиуми, сепак, ги поттикнуваат новинарите да ги користат овие алатки.

 

НОВИНСКИ АГЕНЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Во Македонија најголема и најстара агенција е Македонската информативна агенција – МИА, која почна со работа во Скопје на 30 септември 1998 година.

МИА е официјален јавен информативен сервис на Република Македонија, новинска агенција формирана со одлука на Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, а активирана со одлука на Владата на Република Македонија на 1 декември 1997 година.

„Заради целосно, навремено и објективно информирање на граѓаните, како и за информирање на меѓународната јавност за активостите на републичките органи и на другите субјекти во Републиката, се основа јавно претпријатие под името Македонска информативна агенција“, стои во основачкиот документ на законодавниот дом од 18 февруари 1992 година со кој се положи темелот на МИА.

Сепак, од непознати причини, активирањето и функционирањето на агенцијата се одложуваше наредните пет-шест години. Тогашната влада реши професионалното агенциско работење да го супституира со основање на Македонско прес-биро (МПБ), кое функционираше во рамките на тогашното Министерство за информации.

Во почетокот на 1998 година, владата донесе одлука МИА да се активира и да профункционира, како јавен информативен сервис, а истата година на 30 септември почна и редовната продукција на вести. На почетокот тоа беа вести и извештаи на македонски и на англиски јазик. Во мај 1999 година во МИА е формирана албанска редакција и оттогаш агенцијата има редовни сервиси на албански јазик. Македонската информативна агенција денес ангажира педесетина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство.

Во Македонија постојат и други новински агенции како што се „Мета“, „Макфакс“ и „Нетпрес“.

 

Стандарди во агенциското пишување

Стандардите за агенциското пишување вести потекнуваат од англосаксонската или американската традиција. За тоа постојат подлабоки прични од „културниот и медиумскиот империјализам“. Што треба да се знае? Текстот не смее да биде организиран хронолошки. Треба да се избегнуваат долги реченици. Пасусите не би требало да бидат подолги од четири до пет реда. Не треба да се повторуваат истите зборови на кратко растојание (треба да се пронајде некој синоним, затоа што повторувањето на зборовите ја открива лексичката сиромаштија на авторот и го прави текстот здодевен). Треба да се избегнуваат долги описи, а особено не треба да се повторува она што е веќе речено. Треба да се избегнува китењето во таканаречен барок-стил со премногу епитети и со сложени стилски фигури.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести