verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЗНМ: САД и ЕУ со осуда на насилството кон новинарите

on 17 - 09 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

Здружението на новинари на Македонија на 17 септември 2015 година го објави следното соопштение:

Пред еден месец, Здружението на новинарите на Македонија, соочени со ескалацијата на насилството против новинарите и со неодговорното и непрофесионалното однесување на Министерството за внатрешни работи, испративме писмо до сите релевантни организации каде Македонија е полноправна членка, како што се Обединетите нации, Советот на Европа и Ораганизацијата за безбедност и соработка во Европа, како и до најбитните партнери на Македонија, како што се Соединетите Американски Држави и Европската комисија.

Во писмото ги алармиравме овие организации и држави дека насилството против новинарите зазема драматични размери и побаравме веднаш да интервенираат кај македонските власти да обезбедат сигурност во извршувањето на работата на македонските новинари и да не дозволат нивните животи да бидат доведени во опасност. Освен тоа ЗНМ бараше овие организации и држави да спроведат меѓународен надзор на овие случаи, што ќе помогне за нивното расветлување и за спречување нови напади.

Како одговор на нашите барања, неделава добивме писмо за подрршка од Американскиот стејт департмент и Европската комисија. Сакаме со вас да споделиме важни пораки што ги содржат овие писма до македонските власти.

„Соединетите Држави силно го осудуваат кое било насилство или вознемирување на новинарите. Насилството и заплашувањето кон новинарите опишани во писмото на ЗНМ немаат место во едно модерно демократско општество“, вели во писмото заменикот на државниот секретар на Американскиот стејт департмент, Џон Хеферн.

Заменикот на државниот секретар Хеферн ги поттикнува македонските новинари кои биле жртви на криминални дејства и на заплашување веднаш да ги известат одговорните власти затоа што за нив така им е полесно да ги следат овие случаеви кога се дел од службените полициски и судски извештаи. „Службените лица во нашата амбасада во Скопје и во Вашингтон ќе продолжат внимателно да го следат статусот на слободата на печатот во Македонија и ќе продолжиме и понатаму да се заложуваме за зајакнување на слободата на медиумите во земјата“, додава во писмото Хефнер.

Тој смета дека слободата на печатот е централна компонента на едно здраво и демократско општество и е клучно за евроатланската интеграција на Македонија и затоа во иднина ќе ја поттикнат слободата на печатот и ќе продолжат да се заложуваат за зајакнување на слободата на изразувањето пред македонската влада.

Загриженост за ескалација на насилството против новинари во Македонија искажува и Кристијан Даниелсон, генерален директор на директоратот за проширување на Европската комисија. Даниелсон во писмото ги повикува властите да ги истражат случаите и да ги изнесат прекршителите пред лицето на правдата. „Потребно е да се обезбеди сигурна средина на новинарите независно да ја извршуваат својата работа без незаконско мешање и без страв од закани и од цензура“, порачува Даниелсон во писмото до ЗНМ.

Тој сугерира дека ова прашање треба да биде адресирано во рамките на политичкиот дијалог и на надминувањето на политичката криза во земјата.

Ве потсетуваме дека вицепример нападна новинар и помина без никаква политичка одговорност. Освен тоа, новинари беа нападни со прачки и беше уништен имот на новинари, а надлежните институции сè уште ги немаат откриено сторителите.

Го повикуваме министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, сериозно да се ангажира за расветлување на случаите на насиство против новинари. Се надеваме дека министерот Чавков ќе ја искористи ова можност и ќе ги охрабри своите соработници поактивно да се заложат за расветлување на овие инциденти.

Претплатете се за најнови вести