Новинарски егзибиционизам и перверзија
Објавено во Рецензии
on 16 - 09 - 2015 Автор: Зоран Бојаровски[Рецензија: Кога ќе ги дигитализираме ајварот и сармата]
Големо разочарување доживеа рецензентот на оваа медиумска содржина кога остана без образложение на најавата во насловот дека постои можност да се дигитализираат ајварот и сармата – претпоставува(в)ме, заради презервацијата на овие национални кулинарски вредности. Иако предизвикуваше недоумица наднасловот кој најавува содржина од конференцијата под наслов „Дигитал 2015“ – Конференција за новите трендови во телекомуникациите и медиуми, во смисла: што бараат ајварот и сармата на конференција за телекомкуникации и за трендови, остана малку надеж дека креативноста на авторот на овој новинарски текст отишла дотаму да пронајде врска меѓу нив.
За жал, кога ќе го прочитате до крај овој текст, единствено што ви останува да бидете сведок на уште еден „новинарски“ егзибиционизам кој, кон крајот на текстот, завршува во – перверзија.
Еве зошто.
Линк до оригиналниот напис: Кога ќе ги дигитализираме ајварот и сармата
Датум и време на објавување: 15.04.2015 09:14
Датум на рецензирање: 20.04.2015
Рецензент: Зоран Бојаровски
Како прво, оваа медиумска содржина не пренесува ништо, ама баш ништо, супстанцијално од толку важна тематска конференција. Тоа говори за недостатокот на авторот да препознае, селектира и да соопшти медиумски вредни информации кои ќе нè просветлат во однос на новите трендови во телекомуникациите и во медиумите.
Освен протоколарното известување од говорот на министерот за култура на Србија, авторот на текстот во целиот останат дел на содржината ги наведува гостите и говорниците на конференцијата и не пропушта да каже дека меѓу нив била и уредничката на весникот и на една национална телевизија во Македонија.
И токму тука, во тој дел, во листата на гостите е перверзијата што ја спомнавме во воведот на оваа рецензија. Меѓу гостите и говорниците на оваа конфренција е наведен и Срѓа Поповиќ, лидерот на Канвас, организација која се занимава со обука на граѓански активисти со концептот за ненасилен граѓански активизам.
Новинарски егзибиционизам и перверзија е да учествувате на конференција на која учествува човекот што весникот и телевизијата во која сте уредник го прогласија за единствениот балкански терорист и платеник кој ги обучува граѓанските активисти да ја срушат власта во Република Македонија, во тесктот под наслов „Ова е бандата експерти за државни удари која стои зад СДСМ и Заев!“, како и во уште неколку други кои сè уште постојат во Архивата на весникот.
Тој терорист и „платеник“, кој на конференцијата е претставен и како гостин професор на Универзитетот Харвард, учествувал на панел-дискусија под наслов „Надворешната политика, меѓународните односи и општествените промени во ерата на социјалните мрежи и новите медиуми“, рамо до рамо со амбасадорите на Швајцарија и на Велика Британија, како и со деканот на факултетот на политички науки во Белград. Сосема соодветно друштво за еден „терорист“ и сосема несоодветна реакција на авторот на овој текст кој пропуштил да го регистрира тоа.
Интересно е што уредничката на медиумот што ги потпишуваше овие текстови учествувала во панел-дискусијата под наслов „Медиумско скенирање на регионот“. Но, тоа е веќе една друга приказна и не е предмет на оваа рецензија.
Токму затоа, време е да свиткаме една… сарма.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
балансираност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови