verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Заробени медиуми: „Хихирику“ пак ќе кукурига

on 17 - 10 - 2014       
Хихирику ТВ Ретро-crop-resize

Хихирику на МТВ во златните времиња. Од видео клип на МТВРетро, 2014 (целиот клип подолу)

Ова е мала, но значајна победа на преживеаниот дел на критичката  јавност за ослободување на медиумите

 

Пишува: Ерол Ризаов

 

Има надеж, не е сѐ изгубено. Забранетата „Хихируку“ се враќа на радиобрановите на „Радио Скопје“ по две недели молк. По текстот Го забранија и Хихирику во „Утрински весник“ и по јавниот настап на Конференцијата на СЕЕМО што се одржува во Скопје, на која присуствуваат новинари, медиумски експерти, пратеници во парламентите, поранешни министри и претседатели на држави од преку 20 земји, експресно се вклучија штапските партиски жешки линии. Итно е повикан авторот Иван Карадак во Политбирото на разговор со менаџментот и со одговорните уредници. Падна нова наредба: „Хихирику“ продолжува како и цели 40 години да кукурига како култна сатирична најслушана програма на „Радио Скопје“. Вклучете го радиото во недела во 11 часот – почнува емисијата за хумор и… сатира „Хихирику“.

Оваа победа на преживеаниот дел на критичката јавност, колку и да е навидум мала, е значајна и го покажува патоказот дека не треба да се плашиме во битките за слободни медиуми. „Хихирику“ во недела ќе продолжи, се надевам со истата жестина, без самоцензура, да го исмева нашиот примитивизам, провинцијализам, злоупотребата на власта, да ги жигосува криминалот и корупцијата како што тоа и го прави сите овие децении.

 

„ДОСТА Е“, ПА КОЈ САКА НЕКА БИДЕ

Ова не е мала победа во земјата каде се забранува хуморот и сатирата кои се на исчезнување. Веста е добра, ама нема место за голема радост и за триумф. Самата помисла да се угаси најголемиот бренд и имиџот на „Радио Скопје’, да се забранат сатирата и хуморот, па макар тоа било и само две недели, со изговор дека нема пари за бедни хонорари од 150 до 200 евра месечно за врвни артисти од нашите театри, е силен аларм кој ечи како сирена дека е последен миг за храбра и машка борба за ослободување на заробените македонски медиуми. Оваа трагична епизода со„ Хихирику“ е парадигма на состојбите и јасна насока како да се вратиме на позициите кои беа одамна освоени. Не може да биде целосна победа ако некој си дава право да гаси и пали, да дава наредби и директиви што може да слушаат, да гледаат и да читаат граѓаните на државата за свои пари. Убиство на демократијата и на слободата не се случува само кога власта го ограничува правото на информирање на граѓаните, туку и кога преку своите бирократски механизми, го оневозможува пристапот на јавноста брзо да ја провери точноста на информацијата.

 

 

За ваквите забрани во втората декада на 21 век мораме еднаш да кажеме јасно и гласно: „Доста е“, па кој сака нека биде. Битката за демократија нема крај. Таа никогаш не завршува и денеска сѐ уште трае и во Скандинавија и во Азија и во Америка и во Африка и во Западна и во Источна Европа, само нивоата се различни. Пред само шест години македонскиот журнализам се соочуваше со проблеми кои ги имаат и најразвиените држави во светот. Во 2008 година бевме на 34. место на светската ранг-листа на Репортери без граници, за веќе во 2014 година да бидеме на 123. место заедно со азиските и со африканските режими. Што ни се случи во овие шест години, кога од извонредното 34. место со кое не бевме најзадоволни, а сега со 123. место молчиме како риби, дури и кога сатирата се забранува. Се случи целосна деградација на еден од основните предуслови за воспоставување на демократијата во една земја. Урнати се темелите на слободното информирање. Македонските најгледани телевизии се ставени под целосна контрола на власта, а таа што не ја прифати новата улога е уништена до темел со стогодишна казна затвор за сопственикот и за менаџментот. До 2008 година и оваа телевизија беше фалена од власта и добредојдена како деловен и коалиционен партнер на Владата. Штом заврши љубовта, стасаа полицијата и судот. Вкупно еден век затвор и катанец на врата. Кај другите ТВ-газди, кои си беа во скутот на власта и пропагатори на владините политики, влезе страв во коски, бидејќи телевизиите се само одбранбен механизам за нивните други големи бизниси. Една по една, сите најгледани телевизии се наредија на владината трибина со невидено досега полтронско и апологетско фабрикување на вестите и на информациите, кои никогаш не можете бргу да ги проверите колку се точни. Јавниот сервис МРТВ и во овие критички години продолжи да биде изборно наследство на секоја власт, со послушност како никогаш досега.

Се разбира, ни власта не им остана должна на своите медиумски партнери. Таа е и натаму најголемиот огласувач со народни пари кај телевизиите, кои даваат целосна и безрезервна поддршка на владините политики. На овој начин е воспоставена доктрината како да се стимулира лошото апологетско новинарство. Таа операција е успешно изведена со гебелсовската стратегија дека сè што критички пишува за власта е предавник и непријател на татковината, странски платеник, кодош или криминалец. Со ригорозната контрола на најгледаните и највлијателни медиуми влеговме во црвена фаза кога повеќе не се потребни притисоци и драконски казни за новинарите и за редакциите. Тие, во најголем број, се престроени со патриотска уредувачка политика, која се осмислува и спроведува во партиските штабови. Останаа само малку медиуми и портали кои можат да дишат на шкрги, соочени со тешки финансиски проблеми.

 

БОЈКОТ НА ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА СЕЕМО

Гледате ли што се случува со Конференцијата на СЕЕМО која, не случајно, се одржува во Скопје. Го гледав господин Данило Тирк, поранешниот словенечки претседател на државата, на владата и на Собранието, како со часови стрпливо седи и ги слуша изложувањата и дискусиите, ги гледав странските дипломати и пратеници, поранешни министри и високи функционери на големи меѓународни асоцијации и фондации. Ги слушав внимателно дискусиите на голем број странски новинари и уредници. И не можам да не го споделам со вас впечатокот дека во ваков репрезентативен состав и значајна трибина македонската влада го прати министерот за надворешни работи Никола Попоски да ја брани големата слобода на медиумите. Човекот не знаеше дали „Хихирику“ се дава на радио или на телевизија. На сите вакви собири, уводните изложувања се на премиерите или на претседателите на државите. Нашите најодговорни народни избраници не дојдоа да се соочат со големите демократски дострели на Македонија според тоа како ги гледаат другите. Видлив е бојкотот на провладините медиуми на оваа голема меѓународна конференција на асоцијацијата СЕЕМО за подобрување на медиумските слободи и стандарди.

Затоа, повторното кукуригање на петелот на „Радио Скопје“ е, чинам, голема победа на патот кон демократијата.

Втората победа ќе биде набргу, со ослободувањето на новинарот Томислав Кежаровски, кој е единствен новинар во Европа осуден на казна затвор за откривање на идентитетот на заштитен сведок пред речиси шест години. Третата победа е најзначајна: Македонија ќе мора да ги ослободи медиумите ако сака да продолжи по патот на Европа и на НАТО. Но, тоа нема да падне како подарок од небото, а најмалку од која било власт. Мора да ја добиеме таа битка преку борба со аргументи и со дијалог, со еснафска и со професионална храброст. Ќе победиме прво на домашен терен, па потоа и на гостување во Брисел. Поинаку не бидува.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести