verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Заменик-премиерот Пешевски стана новинар – со благослов на медиум

on 24 - 09 - 2015       

КАНАЛ-5-Телевизија-pesevski-stojanovski-crop-resize

 

[Рецензија: Драстично намалена невработеноста во општина Илинден]

 

Ова е веројатно една од ретките инстанции каде што потпретседател на Владата на РМ, во овој случај, Владимир Пешевски, ги замени присутните новинари и почна да им поставува прашања на понизок функционер, градоначалник на општина и на надлежно лице во локална градинка пред ТВ-камери (и тоа во овој случај пред ТВ-камерите на втората најгледана национална комерцијална телевизија во земјата). Едноставно, во текот на давање изјава, Пешевски реши да го насочи, да го поттурне градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, со поставување прашања и со тоа да си ја преземе врз себе улогата за вршење „објективно новинарство“, како и да направи бајаги неврзан муабет со надлежно лице на локалната градинка, која во моментов се реновира, едноставно барајќи индиректно владата да биде пофалена од неа, зашто тешко дека може да се очекува нешто друго во ситуација кога пред камери некој е прашуван од заменик-премиер и тоа во присуство на нејзиниот директен шеф, градоначалникот на Општината. Се разбира, заменик-премиер може да глуми новинар или што било друго, што претставува веројатно еден од повисоките „дострели“ на актуелниот популизам практикуван од оваа власт, но уште поголем проблем е што медиумот тоа го дозволил.

КАНАЛ-5-Телевизија-pesevski-stojanovskiЛинкуван наслов на анализираниот напис: Драстично намалена невработеноста во општина Илинден

Датум и време на објавување: 24.09.2015, 15:32

Датум на рецензирање: 24.09.2015

Рецензент:  Владимир Петрески

Инаку, станува збор за промотивен прилог, како и многу други во изминативе месец-два, кои наликуваат како да се снимени во предизборна кампања, до која има уште шест месеци, прилог во кој нема ама баш никаква критичка дистанца, ниту, пак, волја за објективно информирање. Едноставно, сѐ што е сервирано, сѐ е објавено без никаков критериум дали нешто е вест-вредно или не, дали нешто навистина личи на предизборна кампања надвор од преизборен период и покорување на интересите на владејачката партија или не.

Најпрвин за насловот. Тој вели дека во општина Илинден е драстично намалена невработеноста. Добро. Ете, Пешевски вели дека во општината (која е, всушност, индустриска зона на целиот главен град) се изградиле 168 погони. Додуша, не се изградиле, многу сѐ уште се во градба, ама добро. Но, во првата реченица од текстот, пак, се вели оти стопанствениците се пожалиле дека има недостиг од квалификувана работна сила. Каде тоа има недостиг од квалификувана работна сила? Во општината или во цело Скопје? Од општината не ни може да се очекува да ги снабди сите овие погони со работна сила. Не е јасно. Покрај тоа, не ќе беше лошо да слушнеме нешто од бизнисмените со кои се сретнал Пешевски, со оглед на големиот број фирми во Илинден и фактот што оваа општина станува индустриска локомотива на Скопје. Но, нив ги нема. Веројатно зашто Пешевски ним не би можел да им поставува прашања, како на градоначалникот и на лицето од детската градинка, и би можело да се случи некој од нив да каже нешто непредвидено. Но, од друга страна, пак, од веста цела Македонија дозна дека во општината се изградила улица од 330 метри вредна „дури“ 32.000 евра. И, така, одеднаш, една маалска уличка во една приградска скопска општина стана национална вест.

Најголем проблем е, се разбира, фактот што редакцијата дозволила прашањата, суфлирањата, вербалните поттурнувања на Пешевски до градоначалникот Стојановски да влезат во прилогот и да „глумат“ новинарско известување. Нешто слично се случи и во текот на разговорот на Пешевски со надлежната, непретставена госпоѓа од локалната градинка во реновирање, на која како да ѝ беше непријатно да одговара на неговите прашања пред цела Македонија, внимавајќи да не каже нешто што не треба.

Значи, ако се сметало дека градоначалникот Стојановски треба да каже нешто дополнително во однос на изградбата на третиот сегмент од локалната канализација, тој требало да биде прашан од новинарот настрана и подалеку од претставниците на Владата дојдени во посета, за да може да одговори без никаков притисок. Иако, од неговите зборови, во прилогот на оваа национална телевизија, уште пред да почне прашувањето на Пешевски, дознавме и премногу за овој исклучително локален, уште повеќе маалски проект, зашто се однесува само на дел од жителите во општината (330 семејства). Истото се однесува и на „разговорот“ со надлежното лице од детската градинка. Можело, евентуално, да се пушти дел од разговорот меѓу неа и Пешевски (ако се сакало заменик-премиерот да се претстави како народски и комуникативен човек), но ако се сакало да се биде објективен и неименуваната госпоѓа да говори слободно, а не будно набљудувана од нејзините шефови, таа, исто така, требало да се праша одвоено и од новинарот присутен на местото. Можеби во едно такво, поинакво милје, таа ќе кажеше нешто сосема спротивно од она што го рече во присуство на Пешевски. И прилогот ќе станеше вест-вреден и интересен. А, не да му се дозволи на вицепремиерот да глуми новинар. Тој, колку што е познато, не е на платниот список на овој медиум.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

несоодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести