verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За регионалните односи на Македонија: РЕГИОНАЛА – Усложнета билатерала или упростена мултилатерала (2)

on 3 - 07 - 2014       
Македонска лубеница – осите се опција. Фото: Charles Roffey, 2008

Македонска лубеница – осите се опција. Фото: Charles Roffey, 2008

Факт е дека една земја не ги бира своите соседи, но, дали тоа значи било дека можеме со нив дури и да не комуницираме или да прифатиме сѐ што ни се сервира, токму заради тоа што не можеме да го промениме соседството? Дотолку повеќе што тоа соседство со векови се обидувало Македонија да не им биде сосед!

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера / ополномоштен министер

 

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде)

 

Факт е дека една земја не ги бира своите соседи, но, дали тоа значи било дека можеме со нив дури и да не комуницираме или да прифатиме сѐ што ни се сервира, токму заради тоа што не можеме да го промениме соседството? Дотолку повеќе што тоа соседство со векови се обидувало Македонија да не им биде сосед! Дури и денес, посебно на некои од оние сајтови што не сакаме да ги наведуваме – се сретнуваат „очекувања“ дека Македонија ќе биде разделена меѓу Бугарија и Албанија или Србија и Грција и дека веќе нема да бидеме „трн“ во нивните идилични „меѓусоседски“ односи. Се разбира дека една умерена политика значи една средна линија, линија на компромиси, но и таа политика има свои позитивен или негативен предзнак. Македонија се обиде и со „еквидистанца“ (негативен предзнак) и со „еднаква соработка“ (позитивен предзнак), па, можеби некој читател ќе се запраша во која сфера спаѓаат овие конференции за Западен Балкан, или како тие рамки би ги акомодирале нашите национални интереси?

Уште пред две години, значи една година пред да го добиеме петното дека сме единствената држава за време на чие претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа не се одржа самит (а за што пишувавме овде), некои новинари се обидоа да ја објаснат корелацијата билатарела – регионала. Според Капитал (22.08.2012):

„… Кога горат ѕидовите на соседот, проблемот е твој! Вака велел Хорациј и оваа негова мудра мисла со векови се користи во дипломатијата како отсликување на важноста и неопходноста од добра билатерала. Но, во македонската надворешна политика оваа максима нема голема примена, а и нашите соседи, за волја на вистината, упорно докажуваат дека Хорациј и не им е нешто омилен мудрец. (…) Македонските експерти се едногласни во ставот дека клучен проблем во односите не само на Македонија со соседите, туку и воопшто, меѓу балканските народи и држави е тоа што политичарите од сите земји ја користат билатералата за “билдање“ на сопствениот рејтинг и за игра на домашната политичка сцена. (…) Мора да сфатиме дека нам и Словенија ни е далеку ако прво не се средиме со соседите. (…) Регионот е нашето природно поле и 80% од нашата дипломатска активност мора да бидат насочени тука“.

 

РЕГИОНОТ НАЈВАЖЕН ЗА НАШАТА ДИПЛОМАТИЈА

 

Се чини дека овие 80% се дури и скромна проценка во условна споредба со она што го покажуваат анкетите на јавното мислење за очекувањата на граѓаните. Според истражувањето за ставовите на граѓаните за односите на соседите со Македонија спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС) од 2013 година произлегува дека се работи за 93,2%. Имено, според ЕВести (21.12.2013):

„Односите со соседите се важни за Македонија, според големо мнозинство од 93,2 отсто на граѓаните. Од петте соседи, граѓаните ја перципираат Србија (42,5 %) како најпријателски сосед, по која следи Албанија (18,5 %), додека најнепријателски сосед е Грција (81,2%), а секој петти граѓанин (22,8 %) мисли дека ниту еден сосед не е најпријателски за Македонија. (…) Како што е посочено во извештајот од анкетата, граѓаните на Македонија ги оценуваат сегашните односи со соседите со 0,11 на скала од -5 до 5. (…) – Ставовите за Србија и Албанија како најпријателски сосед се разликуваат меѓу етничките Македонци и Албанци, а за Грција како најнепријателски сосед нема разлики по етничка припадност и партиско симпатизерство, стои во денешното соопштението од МЦМС. (…) Прашани посебно за секој сосед, граѓаните на Македонија ги имаат следните перцепции за пријателското или неутрално однесување: Србија (87,1 %), Албанија (71,3 %), Косово (64,4 %), Бугарија (53,4 %) и Грција (7,95 %)…“.

Ако се земе јавното мислење како единствен одлучувачки фактор, тогаш практично би значело дека Елинската Република би требало да ја „прескокнеме“ кога се во прашање и билатералните и регионалните односи. А, ако, пак, си дозволиме да направиме една „сопствена математика“ од аспект на конкретно прашање, како што е ред тоа да го направи секој попрофесионален новинар, произлегува дека инклинацијата кон словенските држави (Србија и Бугарија) е во речиси идеална рамнотежа со инклинацијата кон албанските држави (Албанија и Косово) или во просек: 70,25% во полза на првите наспроти 67,85% на вторите две држави.

Покрај методот на сопствена математика насочен во функција на откривање на релевантните елементи на нашиот национален интерес и негово корелирање со актуелните движења на меѓународен план, веројатно е наједноставно за еден новинар да ги поврзе оние објективни критериуми што му стојат на располагање. Неодамна на социјалните мрежи на Македонија проструи извонредно провокативно видување со билатерална односно билатерални споредби под наслов: „Зошто Македонија не е Финска – рангирање и јазот PISA“, а го објави Румели опсервер,(28.5,2014):

„Една земја што со нетрпение ги очекува најновите меѓународни рангирања и споредби е сигурно Финска, мала Нордиско- европска земја со петмилионска нација. Не е важно што се мери – среќа, креативност, одрживост, полова еднаквост, добробит на децата, или дури и наклоност кон велосипедите: Финска секогаш завршува како глобален победник. (…) Дали оваа приказна за демократијата и просперитетот од 20-тиот век може да им послужи како поука на другите мали, европски земји со проблематично минато и сложено соседство? Што е потребно за да Македонија (Косово, Албанија, Босна или Србија) постигне таква добросостојба и просперитет како Финска кога и да е во иднина? Зошто Македонија не е како Финска?“

 

СПОРЕДУВАЊЕ СО НАЈДОБРИТЕ

 

Овој конкретен новинар се досетил да тури на едно место седум индексни мерења и дошол до извонредно интригантни видувања, а сепак не претендирајќи дека ја открил „конечната вистина“! За жал, сличен пример на вакво пишување кај наш новинар – не најдовме. Како и да е, ако се нафрлиме повторно на методот на сопствена математика, како што и е ред, можеме да се апстрахираме од индексите кои претежно ги мерат перцепциите и да ги издвоиме индексите што претежно конгломерираат факти и тоа без екстремните резултати (како што се оние на Македонија во рамките на ОЕЦД тестирањата ПИСА). Ако притоа ги издвоиме само земјите непосредни соседи на Македонија, ги додадеме поранешните југословенски републики, како и неизбежната Турција како изворна членка на Балканскиот полуостров (иако засега не е членка на Западен Балкан, но, сосема сериозно аспирира кон тој статус), можеби ќе дојдеме до следнава табела:

Tabela 002 del vtori-final

Веднаш паѓа в очи дека, колку и да ни е, според „Капитал“, далеку Словенија, сепак, токму таа е државата од регионот која предничи, буквално речено, на секој од мерените демократски планови. На другата страна е Турција која е „рекордер“ со дури четири најлоши рангирања. Ако претендираме за влез во тнр. „демократско семејство“ (НАТО и ЕУ), тогаш не е ли поарно да се дружиме и учиме од оние што веќе покажале, и тоа солидни резултати?

(Продолжува – крајот идната недела)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести