verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За „фурнаџиските“ факти и докази во македонското новинарство

on 28 - 04 - 2015       
Бајачки, гатачи, митски суштества, ѕвезди, симболи и слични глупости - ништо не помага пред налетот на реланоста. Фото: Фликр и портали. Колаж: СПФМ
Бајачки, гатачи, митски суштества, ѕвезди, симболи и слични глупости – ништо не помага пред налетот на реaлноста. Фото: Фликр и портали. Колаж: СПФМ

 

Историјата е полна со податоци дека претседатели и премиери на моќни држави користеле совети од бајачи, астролози, гатачи или јасновидци за да ја донесат „вистинската“ одлука. Оваа практика не е непозната и кај нас, но и кај нашите соседи. Ваквата „пракса“ сега се пренесува и на македонското новинарство кога се „известува“.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Најсвежата приказна доаѓа од Србија. Српските медиуми во август 2013 година објавија дека поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, консултирал гатачка при донесувањето на сите важни политички одлуки. Оваа тајна на Тадиќ на јавноста ѝ ја откри сега веќе починатиот генерален директор на српската национална телевизија, Александар Тијаниќ.

Ваков пример памети и македонската политика, во времето кога Љубчо Георгиевски беше премиер. Иако јавно никогаш не потврди, во јавноста се зборуваше дека тој во својот кабинет имал ангажирано јасновитка како свој советник.

 

ЈАСНОВИДЦИТЕ ВО ФОКУСОТ НА ВЛАДИНИТЕ ТРУБАДУРИ

Јасновидците отсекогаш биле интересни и за медиумите, а народот, водејќи се од својата желба да ја дознае иднината, ги следи со огромно внимание. Така, многу често во медиумите можат да се прочитаат и слушнат разно-разни претскажувања за тоа кој ќе победи на избори, кој политичар ќе има подем, а кој пад во својата кариера, каква година ја очекува државата, дали ќе се подобри економската состојба, дали ќе се реши спорот со името итн. И сето тоа е забавно сѐ додека не се поминат границите на вкусот. Во вртлогот на политичката криза која ѝ се случува на Македонија, во која фрчат „бомби“ и обвиненија за „пуч“ и за предавство, со свои видувања и претскажувања како сето ова ќе заврши, излегоа двајца јасновидци. Нивните ставови и мислења беа пренесени во некои провладини медиуми, кои на многу перфиден начин се обидоа да ги претстават како некои експерти, за мобилизација против опозицијата.

 

МЕДИУМОТ КАКО КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА „ПЕРЕЊЕ“ МОЗОЦИ НА НАРОДНАТА МАСА

„Луѓето ќе веруваат во она што медиумите им кажуваат во што да веруваат“ – Џорџ Орвел.

Прва со ексклузивното предвидување за тоа каков ќе биде исходот од „бомбите“ на опозицијата излезе телевизијата „Сител“, во чијашто утринска програма „Ја сакам Македонија“, јасновидецот Илија Бошков-Крајнички ги презентираше своите толкувања.

„Заев е пуштен низ вода, со самото неприсуство на Бранко Црвековски во Универзалната сала. Опозицијата направи голема штета на државата, со ова немаат никаква корист, сами се демантираат, не ја добија меѓународната поддршка. После 8ми април актулената власт ќе ја добие директната поддршка. Кај нас има преседан, опозиција да прислушува позиција“, анализираше Крајнички за на крајот заедно со водителката да заклучат дека не е во ред „бомбите“ да се објавуваат секој ден, бидејќи тоа наликувало на турска серија.

Веднаш по него, со уште поголема ексклузива излезе весникот „Вечер“. „Јасновидците за актуелната политичка ситуација во Македонија: Зоран Заев е фурнаџиска лопата“. Ова го предвидува новата Баба Ванѓа од Бугарија, Звездана Георгиева.

„Претседателот на СДСМ Зоран Заев е „фурнаџиска лопата”. Тој гледа само да спечали поени на најбрз можен начин, без да се изгори самиот. Како човек носи многу избрзани одлуки, нетипични за еден стабилен, сериозен човек. Тој има поддршка од мал број сопартијци, голем број од тие што се до него имаат дволична улога“, вели во ексклузивен разговор за „Вечер“ бугарската јасновитка и парапсихолог Звездна Георгиева, која многумина ја нарекуваат нова Баба Ванѓа.

 

ЈАСНОВИДЦИТЕ – ДЕЛ ОД ПОДОЛГОТРАЈНАТА ВУЛГАРИЗАЦИЈА НА НОВИНАРСКИОТ ПРОСТОР

Користењето на т.н. јасновидци, астролози и слични шарлатани како сериозни политички аналитичари и прогнозери е дел од подолготрајната вулгаризација и пауперизација на новинарскиот и на јавниот простор, што го со години го спроведува оваа власт, смета уредникот на „Слободен печат“, Жарко Јорданоски.

„Само сетете се на сите оние козари, овчари и други простаци што со години сеат говор на омраза од најгледани телевизии и појавата на овие лажни гатачи нема да ве изненади. Нивното активирање само говори за степенот на очај во кој се наоаѓа агит-пропот на Груевски. Прво, не станува збор за никаков интерес за духовното, спиритуалното или окултното, туку за евтин трик да се испрати уште една подмолна, сублиминална порака во корист на власта – и ништо друго“, посочува Јорданоски.

Ако имаше некој јасновидец кој „прочитал“ во ѕвездите дека Груевски ќе заврши долги години во затвор, тоа сигурно немаше да биде објавено ниту, пак, ќе го канеа таквиот јасновидец како гостин во емисијата, без оглед на неговите „референци“.

„Не, напротив. Тоа докажува дека станува збор само за уште едно орудие за перење на мозокот на публиката и за уште еден обид да се натера македонската јавност да верува дека она што го гледа не го гледа и она што го слуша – не го слуша! Иако тоа орудие изгледа бескрајно просто и проѕирно, не смее да се потцени. Како што не смее да се потцени глупавоста на кој било народ. Јавните настапи од позиција на познавач на оностраното, на човек упатен во мистериите на натприродното, имаат голема моќ врз свеста и врз потсвеста, особено на суеверната публика, а анкетите покажуваат дека во Македонија таа е значителна“, изјави Јорданоски.

Експертот по комуникации и колумнист, Сашо Орданоски вели дека не е зачуден од потребата на Груевски да ангажира гатачи, јасновидци и ѕвездочитачи за да „купи“ уште некој ден или уште некоја недела за останување на власт.

„Тие се дел од пропагандистичките обиди за продолжено затапување на јавноста во Македонија, иако сите симптоми укажуваат на тоа дека јавноста е пробудена и дека очекува политички расплет кој нема да може да се избегне со гледање во кафе, со читање тарот-карти и со толкување на распоредот на планетите во вселената. Со бајачките на Груевски е завршено“, смета Орданоски.

Тој анализира дека во Македонија, на една страна, има новинарство, а на друга „антиновинарство“ предводено од пропагандниот апарат на власта кој го уредува Мартин Протоѓер во содејство со Јанко, Миленко, Латас, Мирка, Ратајковски/Петревски итн.

„Овие, вториве, имаат малку врска со новинарството, а многу врска со манипулации, лажење, политички ликвидации, криење криминал и корупција, лажни пророштва и очајни обиди за зачувување на своите привилегии и профити овозможени од Никола Груевски. На сето тоа му се гледа крајот. Штетите од нивното дејствување во професијата и на медиумскиот пазар се огромни и ќе треба многу време и напори за македонското новинарство да закрепне од злото што го нанесоа врз македонскиот медиумски систем“, заклучува Орданоски.

 

КАКО ЕДЕН ФРАНЦУСКИ РЕПОРТЕР ЈА ТЕСТИРАШЕ СПОСОБНОСТА НА ЕДЕН ЈАСНОВИДЕЦ

Во контекст на јасновидците, експерти, застапени во дел од провладините медиуми, потсетуваме на еден француски новинар скептик, кој реши да ја тестира способноста на неговиот соговорник – јасновидец да ја предвиди иднината. Тестот беше краток и имаше јасно видливи резултати.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести