verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Внимавај, дете!

on 25 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Кој е јавниот интерес да се објави податокот дека седумгодишно дете, кое било земено од страна на неговите баба и дедо, кои не го давале на  мајката, има шуга и не е бањато со месеци?  Па макар и да станува збор за пренесување на детали од судење, како што е овој пример!

 

Фото: Brett Jordan

Фото: Brett Jordan

Пишува: Саше Димовски

 

Малата Александра не одела на училиште, по целото тело имала шуга и била валкана, а сега на мајката и треба многу трпение и труд за детето да се врати во нормала, да се социјализира.

Навидум, само пренесена информација од судска постапка, каде што по пријава на мајката се води кривична постапка против таткото на детето и неговите родители кои не дозволуваат контакт со детето и покрај постоење на судска одлука за утврдено старателството. Информацијата дека детето имало шуга и не било бањато со месеци е дополнета и со фотографија на малолетното девојче!

Но, во суштина, овој исказ кој го дала мајката во судница, а новинарите кои го следеле судењето го пренеле во целост не водејќи сметка за интересите на малолетното дете, отвора многу сериозно и суштинско прашање: како да се заштитат правата на децата во медиумите, дури и во случаи кога нивните родители од за нив познати причини можат свесно или несвесно да ги повредат.

Ако во целата приказна, додека полицијата го барала девојчето, кое по бракоразводната парница не и било дадено на мајката (семеен спор, каде што приватноста е загарантирана, а постапката е тајна), се оправдуваше со јавниот интерес, односно право на детето да живее во семејство, со свои родители и да биде социјализирано во општеството, како ќе го оправдаат медиумите податокот со изнесувањето на личните работи поврзани со девојчето, како што е неговата здравствена состојба, социјалната запуштеност и илустрацијата со негова фотографија под веста?! Фотографијата, добиена со посредство на нејзиниот родител/старател во периодот кога била во тек постапката за нејзиното пронаоѓање, може и да најде оправдување ако се гледа хуманиот аспект и повикот да биде лоцирано и вратено девојчето, но која е потребата од објавување дека „девојчето има шуга“ и веста повторно илустрирана со нејзина фотографија.

 

Приватниот интерес на прво место

 

Кодексот на новинари, утврдува дека:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. 

Но, дека

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

Може ли да се дефинира кој е јавниот интерес во случајов со објавување на овој податок за девојчето, наводно дека имало шуга и повреди по телото, како и други податоци кои биле изнесени во текот на судењето? Во овој случај, ниту може, ниту смее, овие податоци да се затскријат зад наводен јавен интерес или дека тоа било соопштено од родителот на детето.

Покрај правото на пристап до информации од јавен интерес, кога се во прашање правата на малолетниците, медиумите и новинарите имаат посебна обврска да внимаваат што објавуваат и во кој контекст ќе бидат објавени податоци или фотофрафии кои можат да го идентификуваат малолетникот, независно дали станува збор за жртва, сведок или оштетен во постапката.

На новинарите мора да им биде познато дека: не смеат да интервјуираат или фотографират деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.

Дали објавувањето на фотографиите на денот на судењето против таткото, бабата и дедото на детето може да се стави во права на детето или дека тоа е направено во согласност со родителите? Во конкретниот случај, согласноста се однесува на двајцата родители, бидејќи родителското право не е одземено.

Грешка, во конкретниов случај направил и судот, кој морал одредени делови од постапката да ги затвори за јавност или ако веќе судењето го направил достапно до јавноста да ги предупреди присутните новинари одредени делови од исказот или сведочењето да не ги објавуваат во јавност токму поради заштита на правата на малолетникот.

 

Дали судот не го повредил Судскиот деловник?

 

На ова судот е обврзан и според Законот за малолетничка правда (кој сега се менува и ќе биде насловен како Закон за правата на децата), според Законот за кривична постапка и Судскиот деловник.

При донесувањето на одлуката за давање одобрение за снимање и фотографирање ќе се води сметка за интересот и довербата на јавноста, природата на случајот, интересот на постапката, приватноста и безбедноста на учесниците во постапката, утврдуваат правните акти.

Снимањето и фотографифањето ќе се одвива под надзор на судијата, односно претседателот на советот на начин кој ќе обезбеди непречен тек на постапкта, ред во судницата и почитување на достоинството на судот.

Снимањето и фотографирањето во судот, може да се прекине или ограничи:

– на барање на странките, а по одлука на судот, во кое било време; ако со одлука на судот е исклучена јавноста за дел од постапката или за одредено процесно дејствие, поради постоење на законски причини; ако сведокот – оштетениот од кривичното дело го бара тоа, за времето додека трае неговото сведочење; ако судот најде дека некој учесник во постапката би можел да биде изложен на опасност, срам, настанување на штета или би можеле да настанат пречки во примената на законските мерки на принуда или ако поради природата на доказите што треба да се изведат тоа е задолжително (сослушување на заштитени сведоци, малолетници и др.) (член 358 од Судскиот Деловник)

Пропустот на судот за заштита на правата на малолетникот не ги оправдува новинарите и медиумите да не внимаваат на законските ограничуваења кога станува збор за деца и малолетници. Границата помеѓу јавниот и приватниот интерес може да биде тенка само во случаи кога станува збор на јавни функционери и носители во законодавната и извршната власт, но тоа може да се однесува само на нив, но не и на нивните малолетни членови во семејството.

Во конкретниот кривично-правен настан од кој известуваа новинарите присутен бил и тим од Центарот за социјална работа, чии членови се должни да интервенираат во ситуација кога ќе оценат дека се кршат правата на малолетникот независно дали станува збор за семејство, институции, медиуми.

Медиумите го пренесоа и следното сведочење кое се однесува на девојчето, од постапката која се водела во Центарот за социјална работа, а која е тајна и доверлива!

 

Не ме давајте на нејзе оти таа сака да ме киднапира, рекла малата Александра кога ја видела прв пат својата мајка. Татјана Бошњаковска, мајката на малолетната Александра којашто беше грабната, пред судот раскажуваше каков бил првиот контакт со нејзината ќерка и како напредува сега.

 

Случајот со малолетното девојче, кое беше топ тема во повеќето медиуми во изминатиов месец, сега оди на училиште. Можеме ли да претпоставиме какви ќе бидат реакциите на нејзините соученици, на нивните родители, на околината кои преку ваков, некритички однос на изнесување на информации дознаа дека наводно имала шуга, дека изгубила голем дел од градивото во прво одделение, па тоа ќе го надоместува со доплнителна настава. Како ќе гледаат кон ова девојче нејзините врсници во училиштето? Дали ќе си играат со неа и ќе ја дружат? Дали ќе се ресоцијализира побрзо ако нејзината фотографија и натаму служи како илустрација за веста поврзана со овој спор?

 

Повторна виктимизација на жртвите

 

Секако дека нема. Па, затоа, ваквите информации можат да направат или направија дополнителна жртва од малолетното девојче, кое во периодот било заедно со неговиот татко, баба и дедо, па не знаело ниту можело да знае за правните аспекти на спорот помеѓу мајката и таткото, но, сега, по нејзиното вклучување во образовниот процес и тоа како ќе знае, а на тоа постојано ќе ја потсетуваат нејзините соученици или околината која имаше можност да ги прочита овие информации.

Пред новинарите има уште еден предизвик: пресудата не е правосилна, па истата се очекува да биде обжалена и за неа да расправа Апелацискиот суд. Тогаш тие ќе мора да бидат многу повнимателни и да не ја користат фотографијата на малолетното девојче за илустрација од судењето и одлуката на повисокиот суд.

Крајот на судската постапка, во која мајката бара да се укине притворот за таткото и дедото за девојчето да има семејство, доволно говори за сензитивноста на семејните спорови, на кои медиумите мора да им пристапуваат крајно претпазливо, со голема доза на професионализам, ослободени од сензационалистички пристап, не навивајќи за ниту една од страните и не сугерирајќи пресуда. Постапките за одземање на малолетник, неплаќање издршка или слични дела кои произлегуваат од семејните спорови, бракоразводните парници, мора да бидат внимателно анализирани пред да се објават, зашто тогаш родителите заслепени најчесто од омразата меѓу себе, се пресметуваат преку децата, а во нивната пресметка ги вклучуваат и медиумите. Честопати сме сведоци и на обвинувања за злоупотреба на децата (па дури и сексуална) од страна на родителите, па ако се пренесуваат некритички може да нанесат ненадоместливи штети по правата на децата.

Во рамки на институцијата Народен правобранител постои одделение за заштита на правата на децата кое може да реагира и во ситуации ако тие права им се повредени и преку медиумите, не навлегувајќи од какви побуди тоа е сторено.

Затоа, медиумите мора да го вклучат алармот секогаш кога пишуваат за малолетници! ВНИМАВАЈ, ДЕТЕ!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести