verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Атина и Будимпешта плаќале, Македонци продавале

on 25 - 09 - 2013       

Atina i Budimpesta plakjale 001

Пример за новинарска сторија во која авоторот/авторите затскриени зад редакцијата објавуваат приказна полна со сочни детали за последната полициска акција „Шпион“, каде што пласираат само полициски информации без да се направи и најмал напор за сопствено истражување. Во текстот сите податоци, според начинот на претставување, се добиени на брифинг со креаторот на случајот, а новинарите биле трансмитери на неговите откритија, кои не ги пласираат како нечие тврдење, туку како сопствено новинарско истражување.

Приказната е еднострана, полна со детали кои не можеле да ги имаат од официјални документи, доколку користеле такви, и тоа детали кои не можат да се поврзат со водењето на судската постапка. Во оваа приказна новинарите ги соголуваат шпионите па нѐ информираат дека најмалку еден од притворените е хомосексуалец! Замислете какво откритие! Mалку било што бил шпион, па уште и хомосексуалец! Во ситуација кога „пропуштиле“ да посочат кој е хомосексуалецот, во овој текст читателите ќе најдат интересна забава: можат да типуваат кој од дваесетте осомничени за случајот може да биде и шпион и хомосексуалец! Неофицијално, како што пишува во статијата.  

Atina i Budimpesta plakjaleЛинк до оригиналниот напис: Атина и Будимпешта плаќале, Македонци продавале

Датум и време на објавување: 22.09.2013 година 17.45 часот

Датум на рецензирање: 25.09.2013 година

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Информациите во текстот се пласирани како апсолутна вистина, без никакво дистанцирање, ако се исклучи споменувањето дека дел од тврдењата се добиени неофицијално. Во оваа фаза на постапката, кога судот реши да ја затвори истрагaта за јавностa, ваквите детали нема начин да се проверат пред надлежен орган, па оттаму вистинитоста на ваквото тврдење може да се проверува подоцна во судска постапка каде што двете страни, спротивставени меѓу себе, ќе докажуваат кој е во право. Дали навистина се продавале информации, на кои служби, дали видео снимките со еротска содржина служеле за уценување и на кој начин делувала групата? Во прв момент се наметнува дилемата дали ако информациите во текстот се точни, не се соочуваат ли новинарите со кривична одговорност за изнесување на доверливи информации од истрагата? Доколку не се точни, пак, прашањето на кое аворите треба да дадат одговор е: дали постапиле професионално, изнесувајќи ги сите пикантерии што не се предмет на кривично гонење и која е целта за пласирање на овие детали?

Извори на информации: Во текстот се користат неофицијални извори, кои, според сѐ, укажуваат дека се полициски кои ја раскажуваат кривичната пријава, засилена со пикантерии за наводните хомосексуални склоности  на еден од притворените, посетите во вила на езеро во Швајцарија или бањи во Унгарија каде што друштво им правеле две „елитни“ проститутки. Друг извор не може да се детектира во текстот.

Содржајност: Написот е навистина содржаен, па според стилот на пишување, со мала адаптација, од новинарска приказна може да се адаптира во филмско сценарио.

Пристрасност: Авторите покажуваат комплетна пристрасност, јасно посочувајќи дека овој случај нема шанса да „падне“ на суд, а за тоа „виновни“ се инспекторите кои работеле макотрпно на истрагата. Спротивно на Кодексот на новинари, се прејудицира пресуда, се убедува дека полициската приказна, вклучително и пикантериите кои не се и не можат да бидат составен дел на кривичната пријава и барањето за спроведување на истрагата, се веродостојни.

Текстот на неумесен начин, со посочување дека наводно еден од уапсените бил хомосексуалец, стигматизира 20 луѓе, бидејќи јавноста во било кого од притворените „може“ да го препознае хомосексуалецот во приказната! Кој би ја потврдил ваквата информација, уфрлена поради атрактивност на приказната, не водејќи сметка дека на тој начин се вперува прст во сите притворени за наводна хомосексуалност, која ниту е, ниту може да биде дел од кривично-правниот настан окончан со акцијата „Шпион“.

КоментирањеТекстот изобилува со коментари, пишуван е во неправилна форма, што не може да се подведе под истражувачка сторија, туку само како прераскажан чаршиски муабет, во кој најсериозните обвинувања за уапсените во акцијата „Шпион“ некој ги раскажува неофицијално. Во текстот нема цитати, ниту посочување на извори и личности, па оттука ова четиво изобилува со коментатосрки пристап, а информативниот, пак, е заменет со озборувачки елементи, недолични за објавување без поткрепа со докази или изјави на учесници во постапката, што го прават текстот несоодветен за понатамошно цитирање и користење како релевантен извор на информации.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е продолжение на серијата информации објавени во неколку медиуми, кои несомнено се добиени од брифер во МВР. Текстот не само што е оригинален, туку тој и ги надминува границите на оригиналноста со внесување на пикантерии кои никогаш нема да можат да се докажат и само ќе отворат простор за дополнителна стигматизација на притворените, многу пред судот да донесе одлука. Сепак, овој текст се одделува од другите на оваа тема по оригиналните откритија за сексуалната ориентација на еден од притворените и дружењето на уапсените со проститутки, без да наведе било каков податок кој ќе не убеди дека постојат докази за ваквите тврдења.

Квалитет на насловот: Со насловот директно се посочуваат две земји, Грција и Унгарија, за кои се вели дека плаќале за информациите на македонските разузнавачи. Но, насловот со ништо не се вклопува во сензационалистичкиот пристап на текстот, кој изобилува со информации, а за кои се очекува да го привлечат вниманието на читателот. Во насловот, сепак, се изнесува тврдење кое понатаму во текстот со ништо не е поткрепено. Авторите не нудат ниту еден доказ за наводните трансфери на пари. Оперираат со термините „десетици“ и „стотици“ илјади евра, кои наводно ги добиле од неофицијални извори.   

ФотографијаТекстот е илустриран со три фотографии, од кои едната е полициска, направена за време на акцијата, на која се гледа дел од запленетата комуникациска опрема на осомничените, додека другите две се илустрација од досиеја, кои не се вклопуваат целосно во приказната и нејзиното илустрирање, кое може многу да придонесе за комплетниот визуелен изглед на сторијата.

Говор на омраза: Посочувањето на податокот дека еден од уапсените „неофицијално “ е хомосексуалец, дека за време на дејствување на групата живееле луксузен живот во вили низ Грција, Швајцарија или Унгарија, дека се дружеле со проститутки, уценувале луѓе користејќи ги нивните хомосексуални склоности, зависности од дрога или вонбрачни врски, насочува говор на омраза кон притворените. Ваквите делови во текстот кои нема можност да се проверат или потврдат низ судската постапка, сугерираат казна уште пред почеток на судењето и поттикнуваат говор на омраза кон „шпионите“ што јасно може да се види од коментарите на читателите.

Заклучок: Непотребна сензационалност во приказната, пикантерии добиени од неофицијални извори без оградување за нивната вистинитост, без било какви докази кои ќе нѐ убедат во приказната дека службите на нашите соседни земји плаќале илјадници евра за добивање на информации.

Нема истражувачки елементи кои би нѐ навеле на факти и податоци за веродостојноста на тврдењата со посочување на барем неколку конккретни ситуации од што ќе се заклучи дека постојат писмени докази и траги кои би можеле да ја поткрепат приказната. Вака, таа е само едно убаво сценарио за филм, во кој има секс, лаги и видеоленти и пример за текст што изгледа како да го пишувал полициски работник, кој го реферирал случајот пред свој пријател во кафеана, а не новинарски производ, зад кој не стои само еден автор туку новинарска екипа.

Низ текстот провејуваат само неколку податоци што можат да се проверат, како оној за отказот на првосомничениот во случајот, што не е случај со другите изнесени информации. Во текстот авторите не се оградуваат дека „наводно“ се случиле тие настани или дека има такви докази, туку изнесуваат тврдења и сугерираат пресуда како да ги имале пред нив сите релевантни докази, но од презентираното не ни даваат повод да веруваме дека е така.

Ваквиот пристап покажува дека иако требало да се има сериозен пристап за вакви теми, раскажана ни е обична кафеанска приказна, која може да ја склопи секој граѓанин и кој не мора да биде новинар, ниту, пак, да знае што му налагаат професионалните стандарди.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

потикнува на насилство

дискриминира

дискриминација според сексуална ориентација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести