verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Вести без спорт, свет и без концепција

on 1 - 06 - 2016       
Нападни-нападни, брани-брани, фали-фали. Фото: скриншот колаж
Нападни-нападни, брани-брани, фали-фали. Фото: скриншот колаж

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 31 мај 2016 година]

 

Во ова информативно издание немаше место за вести од спортот и од светот. Тоа е недозволиво за еден професионален ТВ-дневник во релативно обичен ден, во кој немаше некаков катастрофичен или изненаден настан, кој би влијаел сè друго да биде ставено настрана. Концепцијата на главното информативно издание на денот е многу важна. Во конкретниов случај, недостигаа редица важни информации и гледачите беа нецелосно неинформирани. Во вестите како да недостигаше волја, душа и жар да се направи ТВ-дневник кој би ги задоволил широките информативни потреби на јавноста. Или, пак, така требало да биде?

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кога еден ТВ-дневник нема да ги опфати настаните од светот и од спортот, не може да се каже дека тој е комплетен. Таков беше вторничкиот ТВ-дневник во 18 часот на телевизија „Канал 5“. Она, пак, што беше прикажано во делот за Македонија, најблаго речено, може да се нарече турлитава. Без целина, без концепт за едно информативно издание, како набрзина да е правено и со лош редослед на прилозите, вечерните вести поминаа безлично. Во него недостигаа голем број информации што една информативна редакција не смееше да ги пропушти. Што се однесува до квалитетот и до професионалноста во прилозите, поголемиот дел беа необјективни и несодржајни.

 

УДАР ВРЗ ОПОЗИЦИЈАТА

Во прилогот насловен „Политиканство наспрема отчетност – кој што сработе во својот мандат“, се величи акцискиот план на Владата предводена од Емил Димитриев, а половина од прилогот се коментари кои се интегрирани во него:

„Владата предводена од ВМРО-­ДПМНЕ останува посветена и на реализирањето на голем број проекти во насока на поквалитетен живот на граѓаните. Голем број проекти кои беа стопирани во време на СДСМ, од 2006 повторно беа рестартирани и реализирани.“

Во прилогот се набројани повеќе проекти кои СДСМ не ги сработил: Плаошник, гимназијата „Зеф Љуш Марку“, прилепската болница…

Прилогот се темели на работи кои минатата влада (пред 10 години) не ги сработила, но нема ниту една изјава од тогашни претставници во извршната власт. Можеле да се обидат да ги најдат и денешните членови на високи функции во СДСМ, партијата која тогаш била на власт, но ниту тоа не е направено. Тоа го прави прилогот несодржаен и необјективен.

Кога, пак, веќе се спомнуваат областите кои треба да се реформираат, пожелно би било да се каже дека тие се дел од извештајот на Рајнхард Прибе и дека мора да се работи на нив ако државата сака да го продолжи патот кон ЕУ и кон НАТО. Кога се зборува за овие реформи, воопшто не е кажано зошто тие треба да се реформираат. Сигурно не затоа што се добри? Па, само еден пример е доволен за да се види необјективноста на прилогот. Никаде во него не се споменува за извештаите на светските организации за падот на слободата на медиумите, причина поради која и Прибе, а најверојатно и Димитриев бараат итни реформи.

Неизбежен дел и од ова информативно издание беа протестите на „Шарена револуција“. Тие беа претставени во негативен контекст во прилог полн со спинови и со невистини. Веднаш уште на почетокот се вели:

„Полицијата синоќа го приведе возачот на комбето, 54-­годишен скопјанец, кој, според информации на порталот Прес24, е вработен во СДСМ, партија која што, како што е познато, заедно со невладините организации финансирани од Институтот отворено општество ги организираат протестите.“

Прилогот почнува со неоснована генерализација дека токму СДСМ и Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) или, како што тие сакаат да ја наречат, „Сорос“, се одговорни за однесувањето на демонстрантите. Инаку, во прилогот има целосен молк за вистинскиот организатор на протестите на „Шарената револуција“ – здружението „Протестирам“.

Темпото продолжува во ист стил и упорно се тврди дека СДСМ е организатор на протестите, а „Сорос“ дава пари, ама никаде тоа не е аргументирано. Прилогот не нуди докази ниту за шпекулацијата дека и возилото е сопственост на опозициската партија.

За сето тоа можело да се земе изјава од партијата, макар и колку да се изглуми објективност, но ниту тој минимум не е направен за гледачот да добие впечаток дека некој се трудел околу овој прилог. Вака изгледа дека оваа информација е добиена од некој центар и во вестите е само прочитана.

Третиот прилог беше пресвртница во вестите, па од напад врз опозицијата, се премина на пофалби за власта. Овојпат беа избрани медицинските „успеси“ со специјализацијата на лекари надвор од Македонија. Прилог е направен по посетата на премиерот Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од 28 мај годинава на струмичката болница, која се реновира. Оттогаш медиумите што ја подржуваат политиката на Владата постојано прават прилози што ги вклучуваат репликите на Тодоров и на Груевски. Ништо поинаков не беше ниту овој. Сепак, ако се сакало да се издејствува содржајност, доволно било да се даде дел од соопштението на СДСМ, кое партијата го испрати по посетата на оваа тројка на болницата во Струмица, а во кое, меѓу другото, стои:

„Со кое лице Тодоров и Груевски се појавуваат во јавноста и зборуваат за т.н. проекти? Нивните најголеми проекти се нивните лични богатења. Здравството во Македонија е на колена. Пациентите се незадоволни, лекарите понижени.

Граѓаните не добиваат квалитетни здравствени услуги, лекарите немаат основни услови за работа, умираат родилки и бебиња, медицинскиот персонал е под постојани притисоци и закани.

Нема пари за основни потреби. Пациентите сами си набавуваат лекови, медицинска опрема и помагала.

Клиничките болници и здравствените домови се во огромни, милионски долгови коишто секојдневно се зголемуваат“.

Во вестите се најде и место за текст од „Дневник“: Јанева нема да го повлече Грчев од случајот за „Космос“. Во текстот, кој беше само прочитан, побарана е изјава од сите, но не и од Грчев, за кого, пак, се работи. Притоа, се спори компетенцијата на архитектот, ама никаде не се даваат аргументи зошто тој не може да биде вешто лице. Професор е на факултет, има долго искуство… Каква е таа деградација дека поради членство во партија не смее да ја врши својата професија.

 

ПРОБЛЕМ – ПРЕМОЛЧЕНИТЕ ИНФОРМАЦИИ

Сепак, се чини дека поголем проблем во ова информативно издание е тоа што го немаше во него, отколку тоа што беше објавено и што гледачите имаа можност да го видат.

Еден од битните настани кои го одбележаа денот беа изјавите на амбасадорите на ЕУ и на Холандија во Македонија, Аиво Орав и Ваутер Пломп, на промоцијата на истражувањето за националниот систем за интегритет на Македонија.

„Ако една земја сака да остане демократски и модерна, да се развива економски, од клучно значење е справување со корупцијата, особено на високите нивоа. Сведоци сме на единствена исклучителна политичка конфузија со одлуките кои се носат во последно време. Оваа конфузија, за жал, продолжува и понатаму. Европската унија јасно изјави дека селективната правда и помилувањата не се прифатливи. ЕУ заедно со другите меѓународни фактори ја нагласува важноста на СЈО и улогата на правосудството“, рече Орав.

Холандскиот амбасадор Пломп истакна дека Холандија навистина ја поддржува демократизацијата и борбата за владеење на правото, која го поздразбира и принципот на еднаквост на сите пред законот.

„Холандија придава голема важност на владеењето на правото и активно придонесува за подобрување во оваа област во Македонија. Политичката волја е клучен предуслов за тоа. Она што сега е важно е сите засегнати страни да го почитуваат владеењето на правото, а тоа значи поддршка на работата на СЈО и сеопфатно повлекување на помилувањето за сите лица што ги помилува претседателот“, рече амбасадорот Пломп.

Исто така, гледачите заслужија да знаат дека СДСМ поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспори одлуката за формирање Kомисија за импичмент на претседателот, Ѓорге Иванов. Како што велат од партијата, при формирањето на комисијата за одговорност на Иванов, тие побарале од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, да обезбеди спроведување на деловникот, но тој не сторил ништо.

„Со оглед на тоа што Трајко Вељаноски не презема ништо за заштита на Деловникот на Собранието, СДСМ денеска поднесе тужба до Управниот суд. Со тужбата се оспорува одлуката за формирање на Комисија за импичмент заради тоа што е спротивна на член 206 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Одредбата од членот 206 став 2 од Деловникот предвидува: Комисијата за импичмент има претседател и десет члена кои, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ги избира Собранието, при што се обезбедува соодветна застапеност од пратеничките групи и пратеници кои не се организирани во пратенички групи“, рече Дескоска.

Во ТВ-дневникот не најде место ниту информацијата дека повторно се одложи рочиштето за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети за учество на протестите при демолирањето на канцеларијата на претседателот Иванов.

Причината е затоа што одбраната сè уште не го добила вештачењето за штетата направена при настанот.

„Бараме Апелациониот суд Скопје како надлежен второстепен суд да ја прифати желбата која беше поднесена вчера за укинување на мерката куќен притвор за Здравко Савески, членот на президиумот на Левица, и Владимир Куновски од централниот комитет на Левица, рече Бранимир Јовановиќ.

Во вестите, сепак, најдоа место прилозите за судските процеси „Диво Насеље“, „Захир Беќири Чауш“, имаше прилози за здравјето, пушењето и за лековите, за железничкиот превоз…

Во ова информативно издание немаше место за вестите од спортот и од светот. Тоа е недозволиво за еден професионален ТВ-дневник во релативно обичен ден, во кој немаше некаков катастрофичен или изненаден настан, кој бвлијаел сè друго да биде ставено настрана. Концепцијата на главното информативно издание на денот е многу важна. Во конкретниов случај недостигаа редица важни информации и гледачите беа нецелосно неинформирани. Во вестите како да недостигаа волја, душа и жар да се направи ТВ-дневник кој би ги задоволил широките информативни потреби на на јавноста. Или, пак, така требало да биде?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести