verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Спинувани главните политички настани

on 30 - 01 - 2016       
Дај им збор на амбасадорите, ама прескокни ја нивната најважна порака. Фото: скриншот
Дај им збор на амбасадорите, ама прескокни ја нивната најважна порака. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“  во 18 часот на 29.01.2016 година]

 

Овој ТВ-дневник ги обработи главните политички настани, но тие, главно, беа спинувани, необјективни и несеопфатни. Освен политиката и пофалбите за ВМРО-ДПМНЕ, други позначајни настани од јавен интерес не беа опфатени.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот почна со јавување во живо од пред зградата на Владата, каде техничкиот премиер, Емил Димитриев, имаше средба со европскиот и американскиот амбасадор, Аиво Орав и Џес Бејли. Акцентот во овој прилог беше ставен врз пораките на Орав и на Бејли, односно дека Договорот од Пржино го утврдил 24 април како датум за избори и дека ЕУ и САД до 20 февруари, до распуштањето на парламентот, ќе подготват извештај за тоа дали има услови за фер и демократски избори и дали тие ќе можат да се одржат на тој датум.

Притоа, беа пренесени дел од изјавите на двајцата амбасадори.

Но, во прилогот беше испуштена суштинската порака, а тоа се новите критериумите и рокови кои Орав и Бејли ќе им ги испорачаат на партиите вклучени во процесот на реализација на Договорот од Пржино, што треба да се исполнат заклучно со 19 февруари, а се однесуваат на избирачкиот список, реформите во медиумите и одвојувањето на државата од партиските активности.

Во рамки на овој прилог беше пренесен и дел од прес-конференцијата на премиерот Емил Димитриев, одржана по средбата со двајцата амбасадори.

Веднаш по ова следуваше еден спинерски и манипулативен прилог, односно пренесеување на текст од порталот „Курир“, кој без никакви факти и докази ја напаѓа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, дека „Со закани и притисоци го спроведувала мастер планот на Заев“. Прилогот беше едностран, немаше став од Специјалното обвинителство, ниту, пак, од опозицискиот СДСМ, иако беа директно посочени и нападнати. За овој прилог, Специјалното обвинителство објави и демант на својата фејсбук-страница.

Во овој политички дел од дневникот следуваше и вест за прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на која тој порача дека „избори на 24 април нема да има“ и одговорот од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ дека „фер, слободни и демократски избори може да има и ќе има“. Во прилогот беа пренесени ставовите и на двете страни еднакво.

Првиот блок вести заврши со информацијата дека Управниот суд ги суспендирал сите 29 решенија на министерот Спасовски.

„Управниот суд ги поништи 29-те решенија кои кон крајот на декември ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски со кои беа разрешени началници во секторите за внатрешни работи во повеќе градови, а 17 лица беа унапредени дури и за седум скалила. Според Чавков грубо се прекршени повеќе одредби од Законот за внатрешни работи, во кој е детално регулирана постапката за условите за распоредување на работниците во МВР и на пониско и на повисоко работно место.“

Овој прилог не беше сеопфатен од причина што прес-конференција на оваа тема имаше и министерот Спасовски, но таа беше пренесена со една реченица. На други телевизии можеше да се слушне повеќе од оваа прес-конференција, односно да се види ставот и на Спасовски и неговата порака дека „она што го зборува Чавков е лага“.

Вториот блок вести беше посветен на црната хроника, а прилозите што се емитуваа беа оној за надзорникот дилер кој продавал дрога во затворот во Идризово и за овчарот од Батинци кој бил нападнат од волк. Во рамките на прилозите можеа да се слушнат изјавите на директорот на „Идризово“, Живко Пејковски, и на овчарот кој раскажа како го соборил волкот.

Третиот блок вести беше посветен на фалби за ВМРО-ДПМНЕ и за нивни проекти. Така, гледачите можеа да слушнат дека почнала реконструкцијата на булеварот АСНОМ во општина Аеродром, а изјави имаше од градоначалниците на Скопје и на Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски. Тука, секако, беше нагласено и дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дошол за да се запознае со планот за реконструкција.

Понатаму следуваше прилог за најновите проекти на ВМРО-ДПМНЕ за младите и информацијата дека „младите биле многу задоволни од нив“. Она што беше непрофесионално во овој прилог е генерализацијата на поимот „млади“, имајќи го предвид фактот дека проектите биле презентирани на трибина на УМС на ВМРО-ДПМНЕ,  а изјава имаше само од нејзиниот претседател, Владимир Неловски. Не можеа да се слушнат изјави од други „задоволни млади“. Беше пуштена и изјава од Груевски од претходниот ден.

Следуваше информацијата за „Жестоката расправа за предлог-законот за стечајци во Собранието“. Во овој прилог освен изјави на две пратенички, од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, немаше ништо суштинско.

Гледачите не добија информација за каков предлог-закон станува збор и што тој предвидува, ниту, пак, дека стечајците беа пред Собранието од каде упатија порака до пратениците „ да се ослободат од партиското влијание и да размислуваат со своја глава“.

Во следниот блок вести следа прилози за опсерваторијата Кокино, за МПЦ-ОА и сторија за Македонката Сандра која како волонтер им помагала на бегалците на грчкиот остров Лезбос. Во рамки на прилогот „Нов промотивен проект за Кокино“ имаше разговор со директорката на Агенцијата за туризам, Лела Крстевска. Прилогот „МПЦ-ОА воздржана во пресрет на светиот сеправославен сабор на Крит“ беше посветен на фактот дека автокефалноста и начинот на кој една црква може да стекне таков статус нема да биде тема на која ќе се расправа на саборот.

Во блокот вести од светот имаше информации за заострувањето на процедурите за давање азил од страна на германската влада и за елитна населба во Сан Франциско на која ѝ се заканува опасност да заврши во океан.

Она што граѓаните не можеа да го слушнат во овој ТВ-дневник, а е од јавен интерес, беше пораката од Министерството за здравство во врска со најновиот вирус зика, планот за одговор на бегалската криза кој го претставија ОН и хуманитарните партнери, како и информацијата дека Љубе Бошкоски може да излезе на слобода во март.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести