verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Уапсен Кили, во подрум одгледувал марихуана

on 10 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Македонските медиуми одново станаа пример како масовно и речиси без исклучок се повредува пресумпцијата на невиност и правото на личен и семеен живот со веста дека еден наш естраден уметник, во последно време и водител на емисија на младинско радио, е уапсен заради одгледување на марихуана во семејна викендичка.

Иако текстовите за лицата за кои е отворена истражна постапка ги пуштаат со иницијали, во обработката на повеќе начини нивниот идентитет се открива до крај, на многу места и со објавувања на фотографии. Онаа фотографија објавена во дневниот весник „Дневник“ секако заслужува особено внимание, бидејќи на особено груб начин ја повредува потребата за заштита на една личност сѐ до судската и извршна пресуда со која недвосмислено се докажува вината на едно обвинето лице.

Уапсен Кили, во подрум одгледувал марихуана

Линк до оригиналниот напис: Уапсен Кили, во подрум одгледувал марихуана

Датум и време на објавување: 06.09.2013

Датум на рецензирање: 06.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Веста за апсењето на познатиот актер и водител се рашири брзо низ медиумите, бидејќи МВР веќе има испробано, можеби и на стотина пати, методи како да ја задоволи „гладта“ на медиумите по „екслузива“. Поделен е и видео материјал, кој не е сосема коректен кон идентитетот на уапсениот. Податоците се „заверени“ од страна на МВР и сите факти се документирани, бидејќи за нив полицијата знаела многу одамна. Се добива впечаток дека се чекал моментот кога ќе се изврши апсењето и од тоа ќе се направи сенароден спектакл.

Извори на информации: Кога веќе се пласира готова вест, која полицијата ја дава со многу детали (80 саксии, одгледувани крај климатизери, каде се наоѓале, семето било увозно и сл.), медиумот има време да се обиде да ја прошири веста со други, пропратни теми кои сами по себе се наметнуваат: зошто нашата полиција е успешна само кај марихуаната, а ги нема потешките дроги во нејзините биланси,  дали во овој случај имаме комплетно потфрлање на социјализацијата и лекувањето на зависноста, колку мерките затвор кај нас поттикнуваат или спречуваат земање на опојни средства… Во текстовите од црните хроники по нашите медиуми, како и во овој случај, се повторува фактот дека страниците или телевизиското време се обични „трамбулини“ за полициските потпароли.

 

Содржајност: Со оглед на тоа што медиумот во овој случај е дневен весник кој треба да внимава на респектот што го уживал, ова претпоставува дека освен МВР како извор на информацијата требало да се оди и на нови извори и стручњаци, како дел од одговорите на прашањата што веднаш се профилираа низ социјалните мрежи. Иако уредниците можеби не се сеќаваат, токму овие мрежи подбуцнувале за промени на рутината кога станувазбор за опојните дроги.

Имено, за да имаме содржајност, со оглед на тоа што се работи за лице кое и порано користело марихуана и имало проблеми со законот поврзани со неа, требало барем да се одговори на прашањето колку овие „криминалци“ претставуваат општествена опасност или требало да инсистира на разграничувањето на користењето на дрогата за свои потреби од онаа која значи продавање, односно препродавање. Можеби и требало да имаме потсетување на практиката во многу земји за постепена легализација на лесните дроги или барем за нивно помалку спектакуларно третирање. Ова апсење е повеќе повод за други прашања до портпаролот, бидејќи многу од оние заплени на дроги, па и марихуаната на граничните премини (а, ги има во последно време) остануваат без одговор кој ги одгледува тие количества и колку заработува „босот“, а не само да дознаваме кој ги превезувал и во кој гепек била сокриена „тревата“?!

Пристрасност: Пристрасноста кон полициската работа, на крајот на краиштата, не е дозволива и заради овозможувањето банални апсења да станат дневна или неделна преокупација. Во случајот со апсењето и одредувањето на притвор на уметникот, ние главната општествена опасност ја имаме во фактот дека не е заштитена пресумпцијата на невиност и дека токму медиумите го откриваат идентитетот и за тоа никој досега не одговарал! Да споменеме дека членот 8 од Европската конвенција за човекови права (инаку обврзувачки документ за Република Македонија) подразбира дека при обезбедувањето информации за осомничени, обвинети или осудени страни во кривичните постапки треба да се почитува нивното право за заштита на приватноста, додека членот 6 упатува на третман на сите лица кои се соочуваат со кривично обвинение како невини сѐ додека не се докаже спротивното според законот. Во овој случај имаме наклонетост кон сензационализмот на сметка на заштитата на човековите права.

Оригиналност/Плагијат: Во најголем дел од текстовите во нашите медиуми по овој случај, па и во овој прилог, имаме само пренос на доста обемниот извештај на полицијата, што со оглед на професијата на полицајците морало да им одземе големо време и концентрација за да се добие толкава дескриптивност. Разликата се јавува само во опремата на текстовите, главно во насловите и фотографиите кои се одбирале.

Квалитет на насловот: Насловот „удира во чело“ – тој веднаш ни го соопштува идентитетот на уапсениот, за да нема недоразбирање кога подолу, во текстот, ќе се читаат иницијалите. Со самото тоа се објавува и идентитетот на второто лице кое се сомничи како одгледувач, бидејќи, од иницијалите се гледа дека се работи за лице со исто презиме. Така, ем полицијата е „чиста“ ем весникот е читан…

Фотографија: Фотографијата е грижливо одбрана и го прикажува Кили како свири на неговото пијано, во некаков весел мизансцен, каде сликата на ѕидот дава атмосфера на еден дијабловски  поттекст, како некаков вид на потсвест која турка кон „општа диверзија на злото“ кон нас.

Говор на омраза: Токму фотографијата ја зголемува повредата на пресумпцијата и создава чувство на одбивност кон уапсениот, кому му е веќе откриен идентитетот. Таа не само што однапред го дискредитира, туку индиректно влијае и на позицијата на неговите најблиски во непосредната и поширока околина. Така, изборот на фотографијата на свој начин шири говор на омраза!

Заклучок:  Она што на денот на објавувањето на веста особено загрижува е фактот дека ниту еден уредник, особено главен, не се појави не се „посипа со пепел“ заради очевидното кршење на основните човекови права. Со оглед на тоа што таквото кршење се јавува во дополнителната обработка на текстот (наслов, фотографија) уредувачката политика е таа која покажува недозволива хипокризија.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести