verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СКАНДАЛ: Овие луѓе ли ќе говорат за слобода и независност?

on 26 - 12 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

2-nezavisnost-09876-09807-crop-resize

Нешто не ми е јасно. Дали е ова критика за „опозициските“ медиуми или, пак, самокритика на порталот кој го има објавено конкретниот текст? Да бидам искрен, впечатокот е како да имаме работа со напис со симптоми на подвоена природа.

2Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Овие луѓе ли ќе говорат за слобода и независност?

Датум и време на објавување:  22.12.2014, 13:47

Датум на рецензирање: 23.12.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

СИЛНИ ОБВИНУВАЊА НА СЛАБИ НОЗЕ

Текстот има многу проблеми, кои се толку сериозни што се на ниво на фабрички мани.

Прво, која е неговата цел? Очигледно, оправданоста за постоењето написот ја бара само во пресметката, со јасна политичка заднина, со оние „поинаквите“. Значи, намерата не е да ја информира јавноста, како секое нормално и кредибилно новинарско дело, туку да пребројува и да отстрелува.

Второ, се обвинуваат цела низа интернет-портали дека објавуваат текстови кои ги „диктира опозицијата“ само врз основа на паушални тези и до крај неразјаснети аргументи. Внимавајте, во нормални држави со нормална медиумска атмосфера, некој би можел да биде повикан на одговорност зашто јавно тврди дека десетина медиуми „оркестрирано дуваат по опозициски ноти“, а притоа нуди тенки докази. Не можете некому да му забележувате дека пренесува информација преземена од официјалната веб-страница на опозицијата. Што е тука лошо? Ако опозицијата пласира важна вест, секако дека сите, а не само „опозициските“ медиуми, треба да ја објават, а не да ја забаталат или да ја објават на крајот на телевизиките дневници, како што често се случува.

Понатаму, упорно се тврди дека сите „поинакви“ портали се финансираат од Сорос, иако дел од нив јавно објавија дека веќе не добиваат пари од оваа фондација. Голем број од овие медиуми не ги кријат своите финансии, за разлика од некои други, и, исто така, не кријат дека понекогаш практикуваат меѓусебна соработка, иницирана, пред сè, од малите буџети, која опфаќа и преземање текстови со јасно наведување дека станува збор за преземен напис. Тоа, секако, не е крунски аргумент дека некој им дошепнува во уво како да пишуваат и што да објавуваат или, пак, го оправдува тврдењето дека „Сето ова покажува дека опозициските портали не се ништо друго, туку само копија еден на друг“.

Небулозата да биде уште поголема, како некаков си доказ се зема и тоа што неколку од „инкриминираните“ објавиле текстови со слични наслови во кои се цитира став на „Студентски пленум“. Пак, не ми е јасно што е тука спорно? Дека се пренесува позицијата на оваа неформална младинска организација, која ептен ѝ ги помати сметките на Владата и нејзината „образовна реформа“?! Овие медиуми се виновни и дека еден од друг ја презеле веста дека „Директорката на ОУ Кочо Рацин се појавува во спот на ВМРО-ДПМНЕ“?! Значи, не е информација дека личност која сите ние ја плаќаме за да ги образува децата паралелно и партиски агитира, туку грев е зошто тоа ѝ се кажува на јавноста. Е, ова е навистина премногу. Медиумски пример за искривување на реалноста по нечија желба и терк. Навистина не сакам да бидам адвокат на низата споменати и таргетирани новинари во написов, но не можам, а да не забележам дека нивното „распнување“ во текстот минува без ниту една буква од нивен став или мислење. Значи, втората страна не дека не е застапена, туку таа не била ни планирана. Оттука, за какви извори на информации и кредибилност може да зборуваме кога содржината недвосмислено е пристрасна биз ниту трошка објективност. Потврдата за тоа ја даваат коментарите како:

„Оние кои постојано говорат за слобода на иразување и независност, сами ги погазуваат принципите за кои наводно се залагаат, доколку треба да ја извршат пропагандната ролја зададена од партискиот центар кој ги контролира.“

Или:

„Ваквите оркестрирани објави се повеќе од очигледни и станува јасно дека се контролирани од еден ист центар кој само ја наложува задачата која треба да ја извршат десетици лица кои се добро преплатени од Соросовата фондација да ја вршат пропагандната улога на опозицијата.“

 

КРИТИКА ИЛИ САМОКРИТИКА, ПРАШАЊЕТО Е СЕГА!

Но, врвот на сè, е лицемерието кое провејува низ целиот текст. Ако некој медиум веќе решил да им суди на другите од браншата, тогаш тоа претпоставува негова целосна чистота и кредибилитет да зборува за новинарство. А, да бидеме искрени, тоа што го продуцира овој портал, вклучувајќи го и конкретниот напис, има многу малку допирни точки со објективен и вистински журнализам.

Затоа, пак, ќе прашам случајно да не е грешка и да не станува збор за самокритика, а не критика за другите.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

недокажани

не може да се утврди точноста на наводите

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

повеќе не, отколку да

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

најверојатно е оригинал, непотпишан

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести