verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Подготвува ли СДСМ нов шок за поддржувачите – Шекеринска за премиер!

on 3 - 04 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

FireShot-Screen-Capture-029-sekerinska-premier-crop-resize

Телевизискиот прилог и написот пласиран на порталот не можат да се подведат под ниту една категорија на новинарски производ – се работи за компилација од шпекулации без конкретни извори, со само еден, анонимен соговорник, претставен како „еден од експертите“, кои ја развиваат тезата за претстојниот крах на најголемата опозициона политичка партија, поради лошите потези и кадровски решенија. Политичкиот спин е очигледен, а ставени во контекст на предизборниот амбиент, овој напис и ТВ-прилог, имаат конкретна употребна вредност, не како начин да се пренесе информација, туку како средство да се пласира политичка пропаганда и да се влијае на тоа како гласачите ќе ја перцепираат СДСМ и потпретседателката Радмила Шеќеринска.

Прекршени се и бројни правила на Кодексот на новинарите, меѓу кои се и принципот да се проверуваат информациите добиени од секој извор, како и тоа новинарот да води сметка да не пласира искривени факти и да не создава погрешна слика во насловите и да прави разлика меѓу застапување нечии ставови и новинарско известување.

Рецензија:Подготвува ли СДСМ нов шок за поддржувачите – Шекеринска за премиер!Линк до оригиналниот напис: Подготвува ли СДСМ нов шок за поддржувачите – Шекеринска за премиер!

Датум и време на објавување: 27.03.2014, 16:26

Датум на рецензирање: 1.04.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

АНОНИМНИ И ПРИСТРАСНИ ИЗВОРИ

Написот и телевизискиот прилог не се темелат на факти туку на пласирани произволни тврдења, шпекулации, полувистини и замени на тези. Изворите на информации на кои се повикува прилогот се наведува дека се анонимни и не може да се утврди нивната релевантност, а уште помалку дали се вистинити или лажни. Но, симптоматично е што изворите (значи не еден туку повеќе извори) од опозициската СДСМ, користени во овој прилог, сите од ред брифираат подеднакво – тие се песимистички, дефетистички, ситуацијата во сопствената партија ја оцртуваат како крајно негативна, а раководството го прикажуваат исклучиво во негативно светло, што во најмала рака остава простор за сомнеж во вистинитоста на пласираните тврдења.

Од аспект на содржајност овој напис е несеопфатен. Дадени се само шпекулациите кои ја оцрнуваат опозициската СДСМ, нема исказ од претставник на партијата, консултиран е само еден експерт, личност која не е претставена на гледачите, а таа ја дополнува негативната анализа на состојбата во Социјалдемократскиот сојуз во истиот манир во кој е срочен прилогот. Иако најавена како експерт (притоа не е наведено ниту во која област е нејзината експертиза), личноста која им се обраќа на гледачите настапува со веќе повеќепати слушнати тези и познат вокабулар, со прилично неекспертски формулиран односно неодмерен напад и кон претседателот на СДСМ Зоран Заев и кон Шеќеринска, па кај гледачот се продлабочува дилемата дали слуша стручна анализа од политички аналитичар или пак од гласноговорник на владеачката политичка партија.

Во овој случај се работи за чист пример на политички спин со кој се прави обид да му се нанесе политичка штета на одреден политички противник во пресрет на изборите. Отворено негативно насочен кон конкретна политичка опција, тој не може да се толкува поинаку освен како производ наменет за пропагандни цели.

 

НАМЕСТО НОВИНАРСКИ СТАНДАРДИ – СПИНУВАЊЕ И ДИСКРИМИНИРАЊЕ

Текстот е, всушност, непрекината низа на коментари дадени како сознанија од анонимни извори што е комотна позиција за пласирање на какви било шпекулации и спинувања. Се користат формулации како „мегаскандал“ за пораките од Заев до лидерот на ДПА Медух Тачи и  за киријата на сопругот на Шеќеринска иако тие случаи воопшто не беа соодветно аргументирани кога беа пласирани од страна на провладините медиуми, се искажуваат непотврдени шпекулации за внатрешните состојби и расположение во опозиционата СДСМ како  да се општопознати факти, како на пример тоа дека се размислувало како да се извлечел помал пораз на претстојните избори, што е типичен метод на пропаганда.

Насловот пласира шпекулација обвиткана во обланда на прашање без прашалник. Шпекулацијата е наменета за дискредитирање на личноста на конкретен политичар, со отворена навреда дека за поддржувачите на СДСМ ќе било шокантно ако Радмила Шеќеринска биде предложена за премиер. Намерата да се дискредитираат Социјалдемоктарскиот сојуз како партија, но и конкретна личност – попретседателката Радмила Шеќеринска, е нескриена. Шпекулација е дека, наводно, се разгледувала опцијата Шеќеринска да биде идниот премиер, доколку СДСМ победи на изборите и дека тоа ќе било „нов, непријатен шок“ за поддржувачите на партијата. Не се објаснува зошто таквата идеја би била непријатна, тврдењето е паушално, не е засновано на конкретни аргументи.

Евидентно е отсуството на било каков напор коректно да се известува за состојбите во опозициониот табор во предизборниот процес. Пропуштена е шанса да се направи коректна и издржана анализа на позициите во Социјалдемократскиот сојуз, а наместо тоа добиен пропаганден материјал кој не информира, туку дискредитира.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

анонимни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

полова дискриминација,

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести