verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније

on 27 - 08 - 2014       

Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније   Вечер-crop-resize

Проблемите со веста почнуваат уште од насловот: „Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније“. Комплетно збунувачки. Веста има проблем со содржајноста. Таа отвора многу прашања, можеби и повеќе отколку што одговара. Има многу наводи кои се нејасни, недообјаснети, или, пак, едноставно неодговорени.

Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније   ВечерЛинк до оригиналниот напис: Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније

Датум и време на објавување: 26.08.2014, 13:45

Датум на рецензирање: 26.08.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Еве го првиот пасус:

„Идеата Телеком Словеније да се подели на сервисен и на инфраструктурен дел би можела да ја загрози постапката за продажба на словенечкиот национален телеком оператор, но и да го забави целиот процес на приватизација во десетина компании во државна сопственост.“

За оваа идеја за реструктуирање на словенечкиот телеком оператор „Телеком Словеније“ (ТС), македонската јавност ја слуша првпат. Во такви услови редно би било најпрвин таа да ни се објасни, а после да ни се елаборира дали е добра или лоша. Вака, без никакви дополнителни информации, дознаваме дека таа била ептен лоша и можела да ја загрози и наближувачката приватизација на уште десетина фирми во Словенија. Зошто идејата е лоша? Не знаеме. Што врска има приватизацијата на другите фирми со евентуалната поделба на телекомот на два дела? Исто не знаеме. Ако идејата за поделба на ТС на два дела, која дури се наоѓа и во коалицискиот договор на трите партнери од коалицијата што во Словенија треба да состави Влада, е толку лоша, зошто идните потенцијални владетели во Словенија инсистираат на ова? Не знаеме и нема одговор. Добро е што барем е наведен изворот на изјавата во која се вели ова – словенечко Дело. Но, не знаеме дали некои од неодговорените нејаснотии се објаснети во нецитираниот дел од текстот на Дело, кој не успеавме да го најдеме (најновиот текст на Дело, во кој се спомнуваат клучните зборови „Телеком Словеније“, е од 9 август, а претходниот од 16 јуни).

 

ШТО Е ВАЖНО ЗА МАКЕДОНСКАТА ПУБЛИКА

Еве што вели последниот пасус:

– За купување на Телеком Словеније, како целина, најзаинтересиран е Дојче Телеком, а со инсистирањето да се продаде само неговиот сервисен дел би ја спуштило вистинската цена на словенечниот оператор за дури 700 милиони евра – наведува економскиот весник Фајненс.

Како прво, весникот не е Фајнанс, туку Финанце. Но, оона што е уште поважно е што е изоставен најважниот момент за македонските читатели, кои би се заинтересирале за оваа вест. Воопшто не е наведено дека ТС е сопственик на македонскиот телеком оператор ОНЕ, а од неодамна и на кабловскиот и телеком оператор „Близу“. Потоа, исто не е наведено дека ако „Дојче Телеком“ го купи ТС, тогаш ОНЕ и „Близу“ би морале да бидат продадени со оглед на фактот што „Дојче Телеком“ преку „Маѓар Телеком“ веќе го поседува „Македонски Телеком“ и сопственоста врз два телеком оператори не е дозволена според македонските закони зашто ќе се создаде преголема концентрација на сопственоста на телекомуникацискиот пазар. Ова би било навистина интересно за македонската јавност. Но, вакво нешто, се чини, е премногу да се бара овде.

 

НАСЛОВ КАКО ЗА ЗБУНУВАЊЕ НЕПРИЈАТЕЛИ

Насловот е, пак, посебна приказна. И веројатно најголемата грешка во целиот текст. Секој читател најпрвин го забележува ударниот наслов кој гласи: „Може да ја поткопа приватизацијата на Телеком Словеније“. Кој е тој што може да ја поткопа приватизацијата е прашањето кое веднаш му паѓа на памет на секој читател. По ваков нелогичен и нејасен наслов, реално е да се очекува дека најголемиот број читатели ќе ја прескокнат веста, а они поупорните, кои би ја отвориле, ќе видат дека во наднасловот стои: „ИДЕАТА ЗА ПОДЕЛБА“. Аха, што била работата! Како прво, не е „идеата“, ами „идејата“, ама после оваа ментална „наднасловно-насловска“ гимнастика станува јасно дека идејата за поделба е таа која би можела да ја поткопа приватизацијата. Проблемот е само што ова вака не оди. Не може насловот да е скаран со смисла сам по себе и истата да ја добие само ако е врзан за наднасловот. Ова никаде не се практикува. Ни во весник, а особено не на Интернет каде што ниту агрегаторите, ниту социјалните мрежи, како два главни канали за дистрибуција на вестите на глобалната информативна мрежа, пет пари не даваат за наднасловите. Ова значи дека ако насловот ви нема смисла, ништо не ви помага.

Кога се пишува вест за странска компанија, треба да се имаат предвид и да се објаснат основните работи пред да се навлезе во детали, кои за секого, барем на прв поглед, не се многу интересни, изгледаат туѓо и не е најјасно што значат. Исто така, треба да се следи новинарското правило на географска блискост, односно да се пишува, пред сѐ, за она што би ја интересирало домашната јавност. Што е она што за македонската јавност би било најинтересно кога се говори за ТС? Нејзината сопственост врз ОНЕ и промените кои ќе мора да настанат на македонскиот телеком пазар во случај компанијата навистина да биде купена од страна на „Дојче Телеком“. Овие моменти во веста се комплетно занемарени. Штета.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

не е апликативно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

збунува

нелогичен, недовршен

нејасен

не информира за содржината

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести