verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Мистериозно откритие за проектот Скопје 2014

on 4 - 01 - 2014       

Falanga-miseriite-20141-crop-resize

Веќе неколкупати, различни колеги вклучени во овој проект како рецензенти, констатираа дека секојдневно се среќаваме со новинарски продукти кои не секогаш можат да се изедначат со стандардите на востановените новинарски жанрови или форми. И оваа рецензија е посветена на еден таков новинарски производ, објавен на еден од порталите на македонската дијаспора. Велиме производ зашто се работи за содржина составена од текст од неколку реченици, кои го наведуваат читателот да проследи еден видеоматеријал кој е, всушност, одреден број едноставно анимирани страници на кои е испишан „главниот“ текст. Некој чуден, би рекле, аматерски обид за мултимедијална содржина. Веднаш да кажеме дека се работи за една компилација, или, рециклажа на тезите од книгата „Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“ на која прв во 2011 година реагираше магазинот „Фокус“ во текст со наслов „Масонските и античките симболи во проектот Скопје 2014“.

Falanga-miseriite-2014Линк до оригиналниот напис: (Видео) Мистериозно откритие за проектот Скопје 2014

Датум и време на објавување: 1 јануари 2014 година

Датум на рецензирање: 3 јануари 2014 година

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: За да зборуваме за вистинитост во оваа наивна мултимедијална содржина, треба да се докаже последната реченица од видеото која поентира дека:

Проектот Скопје 2014 е модерен култ и тајна на една цивилизациска мистерија во свој континуитет!

За да се објасни поентата на оваа завршница, авторот на мултимедијалната содржина што ја рецензираме наредил една низа од историски настани и ликови, поврзал нешто што не се поврзува. Односно, единствено нешто што ги поврзува се езотеријата, мистеријата, окултното…  А, тоа тешко се докажува.

Но, ајде да бидеме фер и да наведеме само некои тврдења за кои велиме дека само езотеријата може да ги поврзе.

На почетокот се сугерира дефиниција на зборот „талисман“, како предмет за кој се верува дека има магиско или свето својство во зависност од културата во која се создава, најчесто кај многубожните или пагански цивилизации. Може да биде скулптура, но многу ретко и сосема погрешно е да се каже дека „скулптурата е најсилниот талисман“, а авторот на текстот се обидува да го докаже токму тоа, алудирајќи на концетрацијата на точен број (34 – а бројот 34 е највисокиот степен кај масоните) скулптури на едно место – на плоштадот Македонија.

Потоа, се наведува, проектот „Скопје 2014“ има некаква врска со некаков таинствен древен ракопис од Охрид (?!). Ниту се наведува кој е тој ракопис, ниту каде може да го видиме…

Најинтересен прилог во езотеријата на оваа мултимедијална приказна е мистеријата на годишнините кои авторот ги доведува во врска со „Скопје 2014“ и особено со Александар Македонски. Па вели: „Оваа година ќе се навршат 2.300 години од пренесувањето на телото на Александар Македонски во Александрија“ и крајно неповрзано додава дека:

„Проектот Скопје 2014 се планира да биде завршен во март 2014 година, на 2000 годишнината од смртта на Октавјан Август!“

 

Во 2014 година се навршуваат 1800 години од посетата на Каракала на гробот на Александар Македонски и колежот над машкото население во Александрија.“

 

„Во 2014 година се навршуваат 1000 години од смртта на цар Самоил. Во 2014 се навршуваат 700 години од смртта на Жак де Моле кој е последниот голем мајстор на витешкиот ред Темплари.“

 

„Во 2014 година се навршуваат 500 години од објавувањето на графиката „Меланхолија“ и од откривањето на магичниот квадрат од Албрехт Дирер во 1514 година.“

 

„Во 2014 се навршуваат 500 години од објавувањето на втората карта на светот на Пири Реис во 1514. Проектот Скопје 2014 се планира да се заврши во 2014 кога се навршуваат 400 години од објавувањето на манифестот Фама Фратернитатис. Ако синболот претставува видлива асоциација на невидливото, каква асоциација се симболите на херметичкиот магиски ред Златна зора???“

Цитатите, како што може да се види, ги пренесуваме автентично за да ги посведочиме граматичките и правописните грешки, иако во овој  случај тоа е најмалку важно.

И така, додека во заднина на видеото оди музика и злокобното „уууууу, уууууу“, да завршиме со крунско прашање на мистеријата:

„Дали поставеноста на триумфалната капија и споменикот на Александар Македонски го синболизираат овој древен ритуал и дали палмите покрај кејот на Вардар се декор од древните Александриски улици.“

Извори на информации: За жал, авторот на видеото и на кусиот текст кој наведува на гледање на видеоконструкцијата, не ги наведуваат изворите од кој е преземена целата оваа „окултистичка мистерија“  ниту книгата Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“, ниту текстот објавен во магазинот „Фокус“ во ноември 2011 година.

Оригиналност/Плагијат: Има многу елементи кои укажуваат на тоа дека текстот што го рецензираме е плагијат. Поточно и најдобронамерно, би сакале да веруваме дека тој е компилација од наводите на споменатата книга и од текстот во „Фокус“, иако тоа никако не ја оправдува постапката што изворите не се наведени.

Квалитет на насловот: Насловот е дефинитивно сензационалистички зашто има цел да „покрие“ бајата приказна.

Фотографија: Фотографијата е преземена од референцата „Скопје 2014“ на „Википедија“. Зачудува фактот што на фотографијата има лого на веб-сттраницата на која е објавен текстот што го рецензираме, иако фотографијата е преземена од веб-страница што го дозволува тоа според условите на „Криејтив комонс“ (Creative Commons).

Заклучок: Што да заклучиме освен дека е навистина непримерено, не му личи на кој било новинар, на ваков начин, некритички и без дистанца да се впушта во плетење мистерии и митови. И уште да финишира со една ваква реченица:

„Проектот Скопје 2014 е модерен култ, и тајна на една цивилизациска мистерија во свој континуитет!“

Освен, се разбира, доколку новинарот јасно не стави до знаење дека пишува за езотерии и за мистерии и дека тие нешта не ги изедначува со реалноста и со стандардизираните и утврдени историографски околности.

На крајот, нам не ни останува ништо друго освен да кажеме дека сега се очекува во Скопје да допатува Ден Браун и по „Ангели и демони“, „Кодот на Да Винчи“, „Изгубениот симбол“ и „Инферно“, да го напише својот најнов роман „Мистеријата на Скопје 2014“ и да се фотографира пред најголемата мистерија за која досега никој не даде автентично толкување – рингишпилот во талисманот Скопје 2014.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести