verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонија со камата 3,97, Албанија и Бугарија рекордери со 7,5 отсто

on 24 - 07 - 2014       

Македонија со камата од 3 97  Албанија и Бугарија рекордери со 7 5 отсто-crop-resize

Станува збор за напис кој прави комплетно несоодветни и неодржливи споредби и компарации по принципот на собирање „баби и жаби“. Настрана фактот што во него има и неточни изјави на соговорниците, објавени без никаква проверка.

Македонија со камата од 3 97  Албанија и Бугарија рекордери со 7 5 отстоЛинк до оригиналниот напис: Македонија со камата 3,97, Албанија и Бугарија рекордери со 7,5 отсто

Датум и време на објавување: 20.07.2014, 18:07

Датум на рецензирање: 24.07.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Проблемот со вистинитоста написот го има во компарациите. Се споредуваат каматите под кои државите во соседството имаат издадено еврообврзници, при што се тврди дека Македонија платила најниска камата. Ваквата споредба со себе носи редица методолошки предизвици и импликации, кои во текстот воопшто не се адресирани. На пример, не е кажано каков рок на доспевање имаат еврообврзниците издадени од другите земји. Нашава еврообврзница има рок на доспевање од 7 години, но за оние од соседните земји рокот не го знаеме. Секој што малку од малку се разбира во меѓународните финансиски инструменти знае дека по правило обврзници со различен рок на доспевање не се споредуваат зашто каматите се различни. Каматите се секогаш повисоки кај обврзниците со подолг рок на доспевање. Овде, на пример, на веб сајтот на американското Министерство за финансии, можете да ги видите актуелните приноси на државните обврзници на САД со различни рокови на доспевање. Веднаш се гледа значителна разлика меѓу оние со рок на доспевање од 1 г., 7 г., 10 г. и 30 г. Сето ова покажува дека споредбата на камати на обврзници со различен рок на доспевање едноставно не се прави зашто добиените споредби не значат ништо.

Потоа, за обврзниците издадени од Србија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Албанија не е наведено кога се издадени – лани, преклани, пред 2 или 3 години. Каматите не стојат во место и тие се менуваат постојано во зависност од состојбите на пазарот. Кога се споредува камата под која е издадена обврзница од пред една, две или три години со обврзница издадена неодамна не се добиваат никакви аналитички вредни податоци. Токму затоа тоа не се ни прави. Ова што се прави, пак, е споредба на приносите на тие обврзници во моментов или во ист момент во минатото и тоа оние приноси под кои се тргува со тие обврзници на секундарните пазари на капитал. Само овие податоци се сметаат за релевантни и вредни за споредба. Еве, овде имаме табела која покажува колкави приноси носат обврзниците на различни земји и тоа врз основа на истргувани обврзници. Податоците покажуваат дека во моментов државните обврзници на Бугарија на пример, имаат приноси од 3,55%, што е помалку од 3,97%, колку што плати Македонија за последната еврообврзница. Весникот вели дека Бугарија платила камата од 7,5 отсто, но со таква камата на светските пазари на капитал со бугарските обврзници се тргувало дури во 2009 година (како што покажува овој графикон овде, исто објавен и подолу) и оттогаш каматата постојано паѓа.

Bulgaria Government Bond 10Y   Actual Data   Forecasts   Calendar-crop-resize-frame-final

Тука треба да се истакнат две работи: како прво, 2009 година е во средиштето на светската рецесија и капиталот тогаш беше многу скап. Македонија таа година издаде еврообврзница со камата од 9,87 отсто, која ја отплативме лани. Ако веќе се споредуваат две обврзници, зошто не би се споредиле македонската од 2009 со камата од 9,87% со бугарската со камата од 7,5 отсто, најверојатно издадена истата година. Тоа изгледа донекаде пологично, иако, се разбира, и таквата споредба е собирање „баби и жаби“ зашто нашата еврообврзница од 2009 беше со 5 години доспевање, а податоците за бугарската еврообврзница, спомнати овде, се однесуваат на оние издадени со рок на доспевање од 10 години.

10491063_10203480529528235_1978868480889610335_nАко, пак, ги тргнеме податоците настрана, она што е нашироко познато при одредувањето на висината на каматите на државните обврзници е многу едноставно: се разбира дека Грција има повисоки камати од сите други балкански земји зашто е презадолжена и нејзините обврзници носат значителен ризик и, исто така, се разбира дека Бугарија ќе има пониски камати и од Грција и од Македонија зашто има најнизок јавен долг во Европа, членка е на ЕУ и не ѝ натежнуваат меѓуетничките односи и проблеми како нам во Македонија. Ваквото расудување е содржано во бројките од веќе спомнатат табела на Trading Economics. Но, според овој напис состојбите се сосема поинакви и надвор од секоја логика – во него и Македонија и Грција имаат пониска камата од Бугарија.

Настрана фактот, пак, што и изјавата на соговорникот во текстот, професорот на Американ колеџ, Марјан Петрески, во првиот дел едноставно не е точна. Тој вели:

„- Ова, меѓу другото, покажува дека инвеститорите ја гледаат економијата како стабилна, што се рефлектира и врз стабилниот кредитен рејтинг кој не се промени во текот на кризата.“

Се разбира дека кредитниот рејтинг на Македонија беше намален во текот на кризата. Тоа го стори „Стандард и Пурс“ и тоа двапати: еднаш во 2011, а потоа и во 2013 година.

Проблем претставуваат и изворите на информации. Се говори за камати на обврзници издадени од страна на соседните земји или земјите од регионот, но не е кажано од каде потекнуваат податоците за овие издадени обврзници, а камоли да дознаеме кога се тие издадени и со каков рок на доспевање – податоци кои се клучни за поблиску разбирање на понудената споредба.

Вака кога ќе се постават работите, не може да не се забележи и политичка пристрасност кон власта. Таа особено се потенцира и со некритичкото цитирање на изјавата на министерот за финансии, Зоран Ставревски, која не е ставена во соодветен контекст, при што тој вели дека е постигната „историски најниска каматна стапка“ во издавањето на еврообврзници од страна на Владата, што е безмалку несериозно. Македонија има издадено само три еврообврзници во период од само 9 години. Тоа е сосема недоволно за правење било какви споредби, а камоли за користење на придавката „историски“. Една еврообврзница мора да има најниска каматна стапка, но тоа е сосема безначајно кога станува збор само за три. Тоа е исто како за втората еврообврзница издадена со камата од 9,87% во 2009, исто од оваа власт, да се каже дека е со „историски највисока каматна стапка“, иако дотогаш имало издадено само уште една. Плус, пак, што и самото тврдење е проблематично. Точно е дека еврообврзницата издадена во 2005 година имаше каматна стапка од 4,6 отсто, но таа е издадена на 10 години и нормално е да има повисока камата. Невозможно е да се претпостави колкава би била каматата на оваа сегашнава обврзница кога и таа би била издадена на 10 години, но сигурно би била повисока зашто оние обврзници со подолг рок на доспевање секогаш имаат повисоки камати.

Насловот, пак, ги продлабочува контроверзиите од самиот текст преку инсистирањето да ги прикаже каматите што ги плаќа Македонија како најниски без доволно податоци и преку собирање на „баби и жаби“.

Економските показатели мора да споредуваат на начин на кој има смисла. Податоците за производството на топлинска енергија во една земја од третиот квартал во годината (лето) никогаш не се споредуваат со оние од првиот квартал (зима) зашто тоа нема смисла. Топлинска енергија секогаш ќе биде произведена далеку повеќе во зима отколку во лето. Тоа е типичен пример на собирање „баби и жаби“. Истото се случува и во овој напис. Само што, се разбира, оперирањето со податоци кои се однесуваат на финансиски инструменти од сегментот на меѓународните финансии изискува многу повеќе и знаење и квалификувани извори. Како што гледаме овде, и на факултетски професор може да му се случи грешка, ако не е доволно добро информиран. Ако овие елементи недостигаат и ако на тоа се додаде и политичката пристрасност, тогаш може да се добие ваков неуспешен новинарски производ, кој, покрај тоа, како таков е најавен и на насловна страница.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

и има и нема

официјални, неофицијални, анонимни

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести