verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ФОТО: Жерновски ќе го прави Центар како Тирана

on 7 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

22-0987-009987000-crop-resize

Отсуство на информативна компонента, непостоење на кредибилни извори, омаловажувања на поединци, кои на моменти преминуваат и во навредлив говор кон цели заедници во земјава, а за сметка на тоа никаде го нема главното – веста. Ова се главните одлики на текстот кој е предмет на рецензија. Станува збор за повторно „ставање под лупа“ на работата на градоначалникот на Општина Центар кој, судејќи според напишаното, што и да направи, па макар и да се сврти „наопаку“, никогаш „некому“ нема да му биде по мерак. Понуденото во написот, изобилува со спин-елементи, се со цел да се минира работата на локалната власт, која, нели, за чудо не е продолжена рака на владата. Крајната цена – неквалитетен прозивод, за жал ја плаќа публиката.

2Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Жерновски ќе го прави Центар како Тирана 

Датум и време на објавување:  04.02.2013, 09:28

Датум на рецензирање:  05.02.2013  

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Овде имаме класичен пример за извртување на фактите. Ни се пласира „приказна“ дека градоначалникот на Центар, според сопствено убедување и вкус, „префарбал“ една зграда во неколку шарени бои. Но, тоа не е така, бидејќи првиот човек на Општината, во консултација со надлежните служби и архитекти, всушност, му го вратил назад основниот лик на објектот, кој и поради тоа што бил „колоритен“ во оригиналното издание во 60-тите години од минатиот век, и го добил името „Папагал“. Значи, на зградата ѝ се дава првичниот изглед како што била замислена и изградена, по што, со текот на годините исчезнале нејзините препознатливи бои. Втор елемент кој е спорен околу вистинитоста, всушност, е поврзан со претходно кажаното, а тоа е дека никаде немаме изјава или објаснување на градоначалникот дека тој спроведува „рехабилитација“ на фасадата на објектот, а не и, како што се пишува во текстот, негово целосно преправање. Да сумираме, тргајќи ги настрана вкусовите, вистина е дека локалните власти на објектот му го враќаат стариот лик, а не дека му „натураат“ нов, како што сака да ни се прикаже.

Извори на информации: Главниот столб на кој се потпира написот е дека „Папагалот“ не е по ќеф на граѓаните на Центар. Во ред, но каде се изворите за тоа да го поткрепат. Веќе вообичаено за ваквите текстови нема кредибилни соговорници, ниту, пак, извори и затоа само слушаме за „незадоволство на граѓаните“ за изгледот на зградата. Единствен извор кој е коректно наведен е ставот, секако негативен, на владејачката партија за ваквиот потег на надлежните во Центар.

„Со реакција вчера се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека она што нив им се гледа како соодветно, е соодветноста на карактерот на Жерновски со стилот на зградата Папагал.

– Се друго на оваа зграда е посоодветно за стилот на Индија, отколку на европскиот класичен или современиот стил, велат од ВМРО-ДПМНЕ“.

Плус, се споменуваат негативни коментари на социјалните мрежи, но тие никаде не приложени.

Содржајност: Ништо особено, освен ако не сакате, повторно, да го слушнете ставот на централната за локалната власт во Центар. Нема какво било истражување, барем вистинска мини-анкета, за ставот на Центарци за враќањето на стариот лик на „Папагалот“. Наместо „саглам“ содржајност се нудат, во најмала рака, чудни и вознемирувачки формулации, верувам за некого и навредливи:

„Револтираните центарци коментираат дека со овој чекор нивната Општина е поразнобојна и од Шуто Оризари и од најурбана општина, станува општина за потсмев;

„Не ни се допаѓа воопшто, како велигденско јајце е. Како Битпазар да е, а не Центар, ова изгледа смешно. Навистина е грда, реагираат разочараните граѓани на општината“.

Пристрасност: Неизбалансираноста се гледа од далеку. Веќе споменавме дека никаде ја нема втората, страната на градоначалникот, а тоа верувам не е случајно. Пристрасноста, со тоа што јасно се споменува само ставот на владејачката партија, е од политичка природа. Ставот 2 од членот 14 Кодексот на новинарите на Република Македонија вели дека:

„Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.

Оригиналност/Плагијат: Далеку од тоа дека овој непотпишан материјал е оригинал. Низа текстови со ептен слични формулации се појавија на неколку портали. Случајно? Не мислам така.    

Квалитет на насловот: Употребен е некоректен наслов, бидејќи преку него се сака да се омаловажи проектот за ревитализација на фасадите во Тирана, кој, пред десетина години го почна тогашниот градоначалник Еди Рама. Не велам дека неговата идеја не предизвикала контроверзи, но во секој случај мислењата, не само домашни, туку и светски, не биле исклучиво негативни.

Фотографија: Искористени се неколку фотографии како обид за паралела меѓу зградата во Скопје и проектот во Тирана. Во секој случај тешко е двата случаи да се стават во ист кош, бидејќи кај нас станува збор за обнова на една, велам една зграда во „старото руво“, а во Албанија за цел процес кој траел неколку години. Затоа може да се каже дека употребените „фотки“ се злоупотребени зашто очигледна е намерата да им се даде пејоративна квалификација. Не сѐ што е „пошарено“ од барокот значи дека е лошо.

Заклучок: „De gustibus non est disputandum“ – или преведено „За вкусовите не се расправа“, што би значело дека секој си има право на свој став. Но, оваа изрека секако не важи во земјава, каде во последниве години има чудна, но наметната појава на „масовно размислување“, односно тоа што му се допаѓа на мнозинството, мора да му се допадне и на поединецот. Ако некој нешто каже, ако воопшто и може, против барокот во Скопје тогаш веднаш против него тргнува „медиумската лавина“. Зошто? Затоа што се обидел да критикува нешто што не им по ќеф на сите. Значи, ем се натура барок-хистерија во главниот град, ем да не се зборне ништо против неа. А, ако се има спротивен пример – фасада „Папагал“, нормално која не е во устроениот барок-фазон, тогаш наредбата до медиумите е „п(л)укајте колку што можете“. А притоа каде се стандардите, критериумите и одговорноста кон новинарската професија?!


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

само на едно место е нотиран извор

провејува „една“ страна

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести