verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Европа дефинитивно не може без “Јужен тек”

on 24 - 10 - 2014       

Mediamk-plotna-final-001-crop-resize

Оваа вест е комплетно изгубена во преводот, изгубена во изработката, изгубена во уредувањето и изгубена во насловувањето. И, како таква, таа не функционира никако, освен по принципот „да се збуни непријателот“ – ако читателот се смета за непријател.

Mediamk-plotna-final-001Линк до оригиналниот напис: Европа дефинитивно не може без “Јужен тек”

Датум и време на објавување: 24.10.2014 09:40

Датум на рецензирање: 24.10.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Многу е тешко да се зборува за вистинитост или за невистинитост на една вест кога во неа има наводи кои се спротивни еден на друг, која е контрадикторна и која е збунувачка.

Еве го почетокот на веста:

„Поддршката на Брисел за „Јужен тек” ќе беше јасен сигнал дека ЕУ не е подготвена да ги поддржи украинските европски амбиции и дека Украина не е солиден партнер за транзит на гас.“

Оваа реченица нема смисла. Секој оној што малку од малку гледа вести на ТВ, и тоа само повремено, знае дека работите се сосема обратни: ЕУ ги поддржува украинските европски амбиции, а не го поддржува гасоводот Јужен тек. Неколку минути пребарување на интернет открива дека оригиналната вест на „Ројтерс“ покажува оти е згрешен преводот: наместо „ќе беше“ треба да стои „би било“. Тогаш реченицава ќе имаше смисла. Но, ваквата грешка во преводот, со оглед на фактот што не е забележана, значи или комплетно невнимание или непознавање на актуелните геополитички состојби на европскиот континент.

Погрешниот превод продолжува и понатаму:

„Шефот на словачката компанија за транспорт на гас „Еустрим”, Томаш Маречек во однос на актуелната состојба изненаден е од реакциите на ЕУ.

Не сфаќам како ЕУ би можела да го поддржи „Јужен тек”, посебно сега во контекст на украинските амбиции, потреби и надежи – изјави деновиве Маречек.“

Проблемот е само што Маречек не е изненаден од ништо, а најмалку од реакциите на ЕУ. Во веста на „Ројтерс“, тој е цитиран како јасно вели:

„Потенцијалната поддршка на Јужен тек, особено во целост, не е позитивна поддршка за нашиот руски партнер, туку, всушност, сосема непријателска акција против Украина.“

И тој потоа едноставно додава дека не би можел да разбере ЕУ да го поддржи Јужен тек (како што и не го поддржува) со оглед на украинските амбиции, потреби и надежи, кои се земјата да продолжи и понатаму да биде главен транзитен центар на рускиот гас за Европа, улога која би ја изгубила со евентуалното градење на Јужен тек, како што ќе изгуби и големи суми средства од транзитот на гасот.

Кон крајот на веста, пак, таа се врти во сосема поинаква насока, известувајќи дека европските земји бараат алтернатива за рускиот гас и истакнува оти со отворањето на новиот терминал за течен природен гас во Литванија, оваа земја може и да се откаже од набавката на гасот од Русија, за на крај да се цитира и претседателката на Литванија, која тврди дека терминалот ќе ја промени енергетската карта на Балтикот.  Она што веста не го кажува е дека преку овој терминал ќе можат да се задоволат потребите за гас во износ од 90 отсто и тоа за сите три балтички земји: Естонија, Литванија и Летонија, како и дека евентуален нов договор за набавка на гас од Русија, можеби и нема да биде потпишан кон крајот на идната година ако руската страна не задоволи извесни услови.

Не е сосема најјасно што бара во оваа вест последниот дел за Литванија и за нејзините напори да ја намали својата енергетска независност од Русија, во напис кој говори за Јужен тек, гасовод кој нема врска со Литванија или со Балтикот.

Насловот, пак, кој гласи „Европа дефинитивно не може без Јужен тек“ е сосема нелогичен и неточен. Европа добро функционира на енергетски план без Јужен тек. Главната причина за изградбата на овој гасовод не е европското „можење“ или „неможење“, туку геостратешката цел на Русија да ја заобиколи Украина и гасот кон Европа да не поминува низ оваа земја, како и Путин да извојува геополитичка победа врз својот помал сосед на западната граница.

Од содржинска гледна точка, оценката за оваа вест е јасна и веќе искажана: комплетно конфузна со контрадикторни елементи, кои не соодветствуваат на вистината: ниту Брисел го поддржува Јужен тек, ниту има каква било намера да не ја поддржува Украина, ниту директорот на словачкиот гасоводен оператор „Еустрим“, Томаш Марачек, е нешто изненаден во своите изјави, како што покажува веста на „Ројтерс“, ниту, пак, е точно дека Европа не може без Јужен тек. Комплетен хаос, комплетна збунетост и куп неточности.

Проблем се и изворите за информации. Оваа вест, таква каква што е, претставува компилација од неколку претходно објавени вести од странски извори, од кои некои се веќе пренесени и на македонски јазик, но кои се тие не е никаде наведено.

При правењето на оваа вест потфрлиле сите фактори во синџирот на нејзината изработка, обработка и објавување. Парченца од вести, односно информации, се собирани од различни места, но нивниот спој не функционира, бесмислен е, како што е бесмислен и преводот, како што е бесмислена и целата вест. Многу лошо завршена работа.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

спротивставени еден на друг

најголем дел неточни

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

имаа само за некои информации

официјални

релевантни

1 извор

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести