verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Фејсбук-пропаганда

on 7 - 06 - 2015       

 

 

[Рецензија: Албанците бараат од Заев да ги исполни ветувањата упатени до нив (ФОТО)]

 

Ова е текст кој има малку зборови, а многу принтскринови од социјалните мрежи, најмногу од „Фејсбук“. Притоа, „Фејсбук“ се користи како извор, иако во новинарството тоа не би требало да биде така. Можно е социјална мрежа да биде некаков показател за некаво однесување, но во никој случај не смее да се користи како релевантен извор и на него да се гради новинарски напис. Тука имаме токму случај како што не треба да биде, па затоа е и денеска на рецензија.

zaev fejsbukЛинк до оригиналниот напис: Албанците бараат од Заев да ги исполни ветувањата упатени до нив (ФОТО)

Датум и време на објавување: 02.05.2015, 14:09

Датум на рецензирање: 04.06.2015

Рецензент: Владо Ѓорчев

Последниве деновиве се води оркестрирана кампања против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со пласирање квазиинформација која потоа се спинува и се добива текст од овој тип, кој е класичен циничен национал-шовинизам. Еден центар на моќ праќа смилени детали и потоа медиумот само ги пласира. Секако дека во ниту еден момент не може да се потврди вистинитоста и објективноста, но во одредени медиуми одамна веќе не царуваат овие димензии. Во написот се работи за дискредитација на претседателот на СДСМ, без поткрепа и со измислени факти.

„Ти си пример за политичар и гордост за албанците“, „Да си стоиш на зборот да те потсетиме албански да се учи во градинките и во основните училишта“, „Ти си нашиот лидер“… Ова се дел до коментарите што доаѓаат од Албанците, а кои може да се забележат на официјалниот фејсбук-профил на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Со овие пораки, наводно од „Фејсбук“, почнува текстот на кој се темели целата теза. Иако не може да се докаже дали се ова вистински или лажни профили, чудно е што текстот ги зема како негативни. Не е јасно зошто би било спорно некој да пофали политичар за неговите ставови и размислувања? И зошто тоа би било страшно ако е искажано од Албанци? Македонија е мултиетничка држава и сите се граѓани од прв ред, без разлика на својата верска, расна, етничка и политичка ориентација. Нема ништо спорно да се пофали политички лидер. Башка што ова се случува на „Фејсбук“, од каде не може да се очекува политичка коректност. На крајот на краиштата, дали нешто ќе се случи или не, одлучува народот на избори, кој дава доверба на влада која треба да ги спроведе своите ветени политики.

„Практично, Заев првиот потег го направи кога во денот кога Македонија жалеше по загинатите полицајци во кумановската акција, тој се сликаше насмеан со жителите на кумановската Дива населба, покажувајќи го знакот на УЧК.“

Овој пасус не е вистинит. Точно е дека Заев беше во Диво Насеље веднаш по случувањата, но нема ниту еден доказ (фотографија и видеозапис) каде покажува на знакот на УЧК. Тоа што му го спинуваа провладините медиуми нема врска со вистината, затоа што тој се сликаше со граѓани од населбата, без притоа да знае кој е до него. Тоа дали бил насмеан или не, не е работа на новинарот да толкува, туку си има други професии кои точно го одредуваат однесувањето на политичарите во јавноста. Инаку, зошто е спорно што Заев отишол на местото на настанот? Па, во нормална држава таму истиот ден би отишле и премиерот и министрите задолжени за безбедноста на земјата. Прво, за да видат што се случувало и второ за да демонстрираат смиреност.

„Конечно, врвот беше постигнат кога на косовската телевизија обелодени дека се прифатливи предлози кои ќе значат рекомпонирање и федерализација на државата, Заев се заложи за изучување на албанскиот јазик уште од градинка и основно училиште, како и внесување на мултикултурализмот во преговорите за името, што би значело и негово вклучување во решавањето на идентитските прашања.“

И овој пасус не е вистинит. Заев не најави никаква федерализација. Тој само рече зошто да не се учи јазикот на некој што живее во Македонија. Зошто од ова се крева толкава фама? Децата во училиштата и денеска учат по два јазика. Од кога да се научи еден јазик е негативна појава? Или за да се оправда цинизмот во ова четиво се посега и по нешто што ниту еден научен труд не може да го побие. А, тоа е добробитта да се учат јазици кои не се мајчини. Наспроти фактот што Заев тоа го кажа како пример кој не би бил штетен, а не како готова работа.

Ова е, инаку, текст кој со спинови, без аргументи, нафрлани квазитеми се сака да се делегитимира лидерот на опозицијата. Притоа, не е побарано ниту мислење од него, ниту од партијата за да се има објективност што навистина СДСМ мисли да направи околу овие прашања кога ќе дојде на власт. Исто така, нема забележано ниту некое толкување од експертска јавност. Зошто тогаш ова би требало да се земе како разумно и објективно четиво? Затоа и така треба да му се пристапи. Како пропаганда од некој центар на моќ со една и единствена цел – да се омаловажи и да му се намали рејтингот на лидерот на опзицијата.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, анонимни

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести