verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Пропагандниот Путинистан во и околу Македонија

on 26 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Англиски
Кремљ во офанзива: пуската војска најдобра, доларот уништен, Путин најпаметен
Кремљ во офанзива: Руската војска најдобра, доларот уништен, Путин најпаметен

 

Пропагандата на Кремљ во Македонија е предвидлива, груба, примитивна, неизделкана, лесно воочлива и содржи голем јаз меѓу она што таа го кажува и фактичката реалност. Но, токму тоа и може да се очекува – пропагандата и реалноста никогаш не оделе добро една со друга.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

„Замислата за една универзална реалност е форма на интелектуален расизам“ – рускиот криптофашист А.Г.Дугин

Со колумната на Мирка Велиновска од 15 мај 2015 година под наслов „Бекатон-револуционери“ ќе журкаат против Македонија, руската пропаганда во земјава премина на едно ново нивo и во однос на терминологијата и во однос на долноста и на безобразието, како и во однос на динамиката. Нарекувањето на западните амбасадори во земјава „претставници на американско-европскиот фашизам“, употребувањето синтагми какви што се „евроатлантски фашизам“ претставува меѓник на руската пропаганда во земјава и покажува засиленост и офанзивност која веќе е користена и на друго место. Овој речник во рамките на таа пропаганда ѝ дава една предвоена, антимајданска димензија ако се има предвид дека на истиот начин пропагандата на Путин функционираше и во Украина во текот на проевропските демонстрации лани зимата и пролетта во Киев. Тогаш и таму, со оглед на специфичната историја на Украина, на маргиналните неонацистички групи им се придаваше огромна важност и простор за да се дискредитира проевропското движење на Мајдан и, за жал, таа пропаганда во делови од Европа беше донекаде успешна, при што дури и новите украински власти се прикажуваат како нацистички, иако на изборите по протестите таквите групи во земјата освоија само 2 отсто од гласовите што е далеку под европскиот просек. За жал, и во Македонија, и тоа до ден-денешен, новите украински власти во некои кругови се именуваат неонацисти. За сето ова да биде уште понелогично, зад протестите на Мајдан се вели дека стоеле САД кои ги влечеле конците, па испаѓа дека САД, всушност, поддржувале нацисти да дојдат на власт во Украина, што е надвор од умот. Но, путинистичката пропаганда тоа не е ја интересира. Најбитно е да се изрече квалификација, па потоа уште една, втора, трета, четврта, што повеќе, а за контрадикторностите не се ни размислува зашто првата лага е поклопена со толку многу нови што таквиот јазол од лаги, пуштен во јавноста, е многу тешко да се одврзе.

 

ПРОПАГАНДА СО РЕГИОНАЛЕН ПРИСТАП

Не е дека и досега руската пропаганда во земјава не ги пуштила своите пипала низ македонските медиуми и тоа не само преку постоењето на руските пропагандни гласила во земјава, какви што се додатокот „Руска реч“, кој се печати во весникот „Нова Македонија“ и истоимената веб-страница, која е дел од редицата такви во повеќе земји. Но, додека овие гласила имаат една нишка на официјалност, на дистанца и на позитивистички пристап, она што се лиферува преку македонските гласила е нешто сосема друго.

Типичен Кремљ: Војните започнуваат онаму од каде што и одговара на пропагандата
Типичен Кремљ: Војните почнуваат онаму од каде што ѝ одговара на пропагандата

Еден од поинтересните и поспецифични примери на руската пропаганда во земјава пред актуелната политичка криза е оваа колумна, која тврди дека САД ќе го изгубеле приматот во светот, а Русија ќе станела доминантен фактор зашто поради глобалното затоплување, авионите на САД не ќе можеле да летаат (ќе имало големи турбуленции поради нечистиот воздух), нивните бродови не ќе можеле да пловат (ќе имало преголеми бранови, исто поради затоплувањето), а со оглед на тоа што на Путин не му требале авиони и бродови да ја завладее Евроазија како главна копнена површина на планетата (зашто тој бил паметен, па решил да се потпре на железница), тоа ќе било пресуден елемент за неговиот успех.

Ваквите научно-фантастични воздигнувања во вид на колумна на главен уредник, во која директно се навива за руската страна, се испреплетени со редица пренесени проруски пропагандни написи, главно преземени од српските веб-страници, чија намена е токму таа – да служат како извориште за путинистичката пропаганда во целиот регион на поранешна Југославија. Во Србија како руска пропагандна, политичка и економска база на Балканот, постојат и куп автентични проруски веб-страници (овде, овде – со посебна рубрика „Новорусија“ и овде – посебна рубрика „Русија“), но постои и веб-страница со наслов Webtribune.com (партнерска веб-страница на Webtribune.rs), која нема ни импресум, ни главен уредник со име и со презиме и чија намена е од неа да се хранат другите проруски веб-страници или такви кои повремено сакаат да објавуваат проруска пропаганда во регионот. Тие текстови, пред забревтувањето на македонската политичка криза, се однесуваа на меѓународната геополитика, величејќи ја воената моќ на Русија, истакнувајќи ја улогата на Русија како бранител на своите сојузници во случај на војна, спомнувајќи ја заедно со другите влијателни земји, колку да се покаже дека таа е составен дел од глобалната агенда и дека без неа не се може, а понекогаш и како фактор кој може да му се спротивстави воено на САД во секое време. Со избувнувањето на политичката криза во земјава, веќе има редица спинувани и избрани написи директно за Македонија, кои во целост ѝ служат на руската пропагандна агенда. Зачудувачки е колку во сите овие текстови се спомнуваат војни и предвоени состојби, небаре крвта само што не протекла и топовите само што не почнале да гранатираат. Овде и овде може донекаде да се види какви и колку текстови македонските провладини веб-страници преземаат од оваа веб-страница (барем оние текстови во кои се спомнува изворот, иако најчесто тоа не се ни прави што значи дека фактичкиот број е, всушност, далеку поголем) и во речиси сите нив се спомнува Русија во позитивно светло или, пак, се напаѓа Западот. Потоа, извесен дел од овие текстови преку платено огласување се промовираат на „Фејсбук“ за да стигнат до што поголем сегмент од македонската публика. Ова е, инаку, прилично невообичаено од пазарна гледна точка, зашто текстови од областа на глобалната геополитика не се баш најпримечиви за широката јавност за токму тие и ниедни други да не бидат парично промовирани на најпосетуваната социјална мрежа во земјава, освен ако тоа така не е договорено на некое сосема друго ниво.

Советската пропаганда против „Битлси“ и актуелната пропаганда на Путин. 
Написот со вториот видеозапис овде

Со оглед на сето ова, не треба да нè чуди и што сета пропаганда на македонската власт, на која сме навикнати изминативе години, а особено изминативе месеци, е преземена од прирачниците на руските „полит-технолози“ на Путин и на српските инфовандали на Милошевиќ, но сега веќе сме сведоци и на забревтување и на засилување на автентичната путинистичка пропаганда и во земјава, но и во глобалните пропагандни руски медиуми, каде Македонија се користи како монета за поткусурување за руските интереси во регионов. Конечно, како поинаку да се објаснат сите овие руски новинарски екипи, кои деновиве шараат низ Скопје и низ Куманово, а чиј број е сомнително голем.

Ваквиот начин на работа на руската актуелна пропаганда не е воопшто нов. Поставување слични веб-страници за хранење и за прихранување со материјали (т.н. feeder sites) и за снабдување на други субјекти со готови содржини се практикува и во самата Русија. Овде, на пример, можете да видите цела веб-страница која содржи исклучиво фото-карикатури со навредливи, сатирични и други елементи со кои се напаѓаат Украина, Западот и нивните лидери, а кои им стојат на располагање на руските „патриотски блогери“, кои се, всушност, платени да ги шират таквите содржини од Кремљ низ секциите за коментари на блоговите и на социјалните мрежи, а овде има цела „патриотска енциклопедија“ која ги содржи „правилните“ ставови на врхушката од Кремљ, а со цел „партиотските блогери“ и платената руска армија на интернет-коментатори и споделувачи на социјалните мрежи (т.н. тролови) да знаат кои се ставовите што треба да ги шири или евентуално како да одговорат на напади во своите комуникации на интернет. Со оглед на тоа што Русија во регионов нема своја армија тролови, како што ја нарекува „Гардијан“, но веќе им редица пропагандни написи и за домашна и за меѓународна употреба, па најлесно и наједноставно е таквите написи во целост да им се понудат на приемчивите медиуми во регионот и во земјава.

Влажните соништа на пропагандата на Крељ: Порошенко му се поклонува на Обама. Извор: вштабе.рф
Влажните соништа на пропагандата на Крељ: Порошенко му се поклонува на Обама. Извор: вштабе.рф

 

СЕЕЊЕ СМУТ

Русија многу добро знае дека не е толку моќна да ја смени стратешката насока на Македонија зацртана уште пред 25 години кон ЕУ и кон НАТО и земјава да ја сврти кон себе. Не, тоа не се ни целите на руската пропаганда во земјава. Тие се поинакви и посуптилни. Прва и основна цел е да се креира смут, односно да се создадат сомневања кај поголем дел од јавноста за демократичноста и за позитивните моменти од идното зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО, користејќи обични измислици и манипулации, но и експлоатирајќи ги најситните контрадикторности и проблеми што можат да се најдат во западните земји.

Втората цел е да се помогне во одбраната и во засилувањето на сопствените политички и економски интереси („Турски тек“, на пример), а во тоа да се регрутира како помош приемчивиот дел од македонската публика, манипулирајќи со заедничките историски точки меѓу Македонија и Русија, какви што се заедничкото словенско потекло и заедничката православна вера, како и со заговорите кои, нели, западните сили „секогаш“ ги плетат околу Русија.

Војна, војна и уште војна. И од сите Русија излегува како најпаметна.
Војна, војна и уште војна. И од сите Русија излегува како најсилна.

Третата цел е евентуално да се креира јавна и „автохтона“ позитивна реакција за Русија во земјава и таквата јавна реакција потоа да се искористи и на меѓународен план за потребите на глобалните руски пропагандни гласила, како телевизијата „Раша тудеј“ и интернет-агенцијата „Спутник“. Како поттик за ова се недоделканите изјави на Лавров во текот на политичката криза во земјава, каде што се ослободуваат духовите од минатото, какви што се поделба на македонската територија меѓу соседите или, пак, создавање Голема Албанија преку припојување на дел од Македонија, кои, исто така, не се наменети за македонската јавност, која со овие прашања е добро запозната, туку се наменети за не толку добро информираната јавност во Европа и во земјите на другите континенти, каде за внатрешните состојби во Македонија малку се знае, при што „Раша тудеј“ веднаш ќе притрча да извести на својот типичен манипулативен и извртен начин, а руските медиуми за истите изјави на Лавров ќе ја информираат својата домашна публика, која веќе е поприлично опиена од реториката на своите лидери и која е навикната на тоа да ѝ се кажува како цел свет е против Русија, па ништо чудно и во Македонија, САД и ЕУ да прават нешто на тој план (на пример, да застанат на страна на Албанците на штета на „руските сојузници“ Македонците и Србите).

Но, ова, иако вака поставено, изгледа добро замислено на прв поглед, кога ќе дојде време оваа пропаганда да се операционализира, не е толку едноставно. Таа, сепак, не е професионално новинарство. Овој напис за Македонија, на пример, е илустриран со фотографија од некое село во Северна Грција, бесплатно преземена од фотоархивата на „Фликр“ (Flickr), а твитот кој треба да го промовира овој напис, пак, е илустриран со полициски автомобил од гратчето Маседониа (Macedonia) во САД.

1526715_10205487743627333_2161935119285901290_n

 

КАДЕ ОДИ РУСКАТА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА

Како ќе се движи и во кој правец ќе оди руската пропаганда во земјава зависи од редица фактори. Најважно е како ќе се развива актуелната политичка криза. Ако таа се реши брзо, може да се очекува руската пропаганда да спласне и рускиот интерес за Македонија да биде заборавен до следната криза. Но, ако таа се разгори дополнително, обратното ќе биде случај. Потоа, на среднорочен план, нејзиниот развој ќе зависи и од тоа во кој правец ќе се одвиваат дебатите во однос на „Турски тек“ и дали Русија ќе се почувствува загрозена од Европската унија ако таа почне да врши притисок против гасоводот. И, конечно, таа ќе зависи и од тоа дали на регионално ниво (најверојатно во Белград) ќе биде или нема да биде отворена регионална ТВ-станица на „Раша тудеј“ со дописништво во земјава и кабелски ТВ-канал достапен на македонските гледачи.

Но, како и да е, она што треба да се знае за пропагандата е дека таа никогаш не егзистира пазарно и некој постојано треба да ја храни со значителни количества пари за да може да постои и да функционира. Оној момент кога тие пари ќе ги снема, таа замира речиси веднаш. А, со оглед на тоа колку е намален маневарскиот простор на Путин со западните санкции (200 милијарди долари намалување на девизните резерви од почетокот на санкциите), како и со оглед на актуелните политички состојби во Русија и политиките на Кремљ, за чиј авантуризам Русија ќе плаќа со години и со децении во иднина, но и со оглед на навиката да се мануфактурираат сопствени „вистини“ по желба, без оглед на фактите и на состојбата на теренот, руската пропаганда има големи шанси да остане второкласно, сомнително, грубо и примитивно средство за освојување на срцата и на душите на публиките за кои е наменета. До оној момент додека тамошната јавност и нејзините елити не сфатат дека има други, многу попаметни начини како да се потрошат парите за пропаганда.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *