verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Почитувањето на медиумите е европска вредност

on 27 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

freedom of speech (media, control, censorship)

Доколку слободата на изразување и слободата на медиумите се главните детерминанти на демократијата во една земја, Македонија веќе долго време не би требало да се смета за демократска земја. Затвoрањето на медиумите, прогонот на новинарите за пишаниот збор, економскиот притисок врз медиумите и нивната зависност од владините реклами и разните притисоци за медиумските сопственици и работници, придонеле Македонија да забележи запрепастувачки пад во сите рангирања на странските организации. Најголемиот дел од вината, сигурно ја носи власта, особено доминантната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, вината на албанската партија во владината коалиција, ДУИ, не само што не може да се амнестира, туку таа не заостанува речиси воопшто зад нејзиниот македонски партнер. Не само за одобрувањето со молк на овие репресивни политики на ВМРО-ДПМНЕ, туку поради тоа што сè што направил Никола Груевски со медиумите на македонски јазик, се копира од страна на ДУИ со медиумите на албански јазик. Можеби недостигот од силни критички гласови во албанските медиуми придонел за „раката“ на ДУИ врз слободата на печатот да изгледа мека и безопасна.

Меѓутоа, отварањето на новите медиуми, чија работа може не е по вкусот на интегративците, го откри вистинското лице на партијата водена од Али Ахмети. Функционерите на политичкиот субјект кој во своето име ги содржи скапоцените европски вредности како „демократија“ и „интеграција“, го демонстрираа сосема спротивното, селектирајќи и бојкотирајќи ги медиумите што не ги контролираат. Еден силен доказ дека „слаткиот“ западен речник, за интеграција во НАТО и во ЕУ, е само кампања во недостиг на проекти, а не реална цел на ДУИ.

Можеби е очекувано ова однесување од партијата која своето европско ниво го докажала во други сфери на демократијата, а сега само ја потврдува со слободата на изразување и на медиумите. Меѓутоа, тоа што загрижува е дека истиот пристап се применува и од човекот кому му е доверен државниот „волан“ за европска интеграција, заменикот-премиер Фатмир Бесими. Една земја-кандидат за членство во Европската унија, како што е Македонија, не смее да си дозволи себеси основни проблеми со слободата на медиумите. Особено кога се знае политиката на Брисел кон тие политичари што ја загрозиле оваа важна европска вредност.

Политиката треба да има ист пристап кон медиумите, биле или не биле тие според нивниот „вкус“. Политичките субјекти во влада или опозиција не можат да ги градат нивните односи со новинарите врз основа на допадливост, туку имајќи предвид дека секој медиум известува пред една одредена јавност и како резултат на тоа, тие треба да имаат важност.

На крајот на краиштата, секоја критика е можност за објаснување!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести