verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Партиската еуфорија во Крушопек пронајде еден тон наместо килограм кокаин

on 20 - 02 - 2020       

[Рецензија: Чулев му влезе со клизач на подземјето: Во тек е полициска акција во Сарај, запленети 1,3 тони кокаин!]

Сеирџиски наслов, непроверени факти и едно големо – пуф! Ова би било кусото резиме на веста која ја рецензираме. Таа се однесува на полициската акција од 19 февруари во скопското село Крушопек, каде во полициска акција е запленето поголемо количество кокаин. Но, ниту во прашање биле 1,3 тони дрога ниту, пак, има место за некаков триумфализам и навивачки фрази, а уште помалку политички пристрасно известување како што тоа беше манифестирано во оваа новинарска вест.  Впрочем, не само во овој напис туку на таков пристап воопшто не му е место во сериозното новинарство.

Линк до оригиналниот напис: Чулев му влезе со клизач на подземјето: Во тек е полициска акција во Сарај, запленети 1,3 тони кокаин!

Датум и време на објавување: 19.2.2020

Датум на рецензирање: 20.2.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Фактите го зборуваат следново:  Во скопското Крушопек на 19 фебруари доцна попладне имало полициска акција за откривање на  недозволена трговија со дрога. Во операцијата бил запленет 1 килограм кокаин, скриен во камион во пратка на банани, чиј увозник била фирмата Банекс Компани од Крушопек. Станува збор за меѓународна акција која македонската полиција ја спроведува во соработка со нивните колеги од Италија и Црна Гора, а запленетата пратка била само дел од преку еден тон кокаин, претходно запленети во акцијата во Албанија, пуштена од италијанската полиција во пратката со банани за да се открие целиот ланец на криминалната трговија. Рутата по која се шверцувал кокаинот бил од Мексико преку Црна Гора, Албанија и граничниот премин Ќафасан, а медиумите објавија дека крајната дестинација на кокаинот била Словенија.

Следејќи го оригиналниот извор на информацијата односно ТВ21, каде насловот на веста објавена во 17:14 вели: ТВ21 дознава: Во тек е полициска акција во Сарај, запленет кокаин, неофицијално целата пратка е 1,3 тони, може да се утврди од каде доаѓа целата забуна. Кокаинот, значи бил дел од поголема пратка тешка дури 1,3 тони, но тоа количество не било запленето во акцијата. Меѓутоа, веста што ја рецензираме тој важен детал го занемарува.

Написот се повикува на информации од телевизијата ТВ21, која континуирано и мошне детално известуваше за целиот случај, но не дава линк до веста која ја користи како извор.

Со оглед на тоа што веста на „Инфомакс“ не го содржи времето на објавување туку само датумот – 19.02, не е познато дали во времето кога е пишуван текстот акцијата била сè уште во тек,  па не биле доволно јасни сите детали поврзани со неа, или намерно не се објавува дека ТВ 21, а со тоа и рецензираната вест, се потпираат на непотврдени информации од неофицијални, веројатно полициски извори.

Според информациите на ТВ21 во тек е пoлициcka akциja во селото Kpyшoпek, Capaj, каде зaплeнeти се 1,3 тoни koкаин,се вели во веста што ја рецензираме.

Но, дилемата дали се работи за случаен превид од брзање, или е во прашање тенденциозно известување за овој настан, е разрешена кога ќе се земе предвид поширокиот контекст на целиот настан. Имено, акцијата се случува кога на чело на Министерството за внатрешни работи се наоѓа Наќе Чулев, кој е технички министер од редовите на ВМРО ДПМНЕ во Владата, а сосема надвор од полициските процедури, но и од логиката, на некои медиуми им беше „шепнато“ од „полициски извори“ за акцијата во Крушопек уште додека таа била во тек.

Хронологијата на настанот покажува дека Чулев, кусо откако се појавија првите вести за акцијата во Крушопек на својот Фејсбук профил се пофали дека има акција за заплена на дрога во ова скопско село и дека:

поминало времето кога високото раководство во МВР соработуваше и ги поддржуваше криминалните структури во државата.

Односно дека сега:

целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата.

Високи функционери на оваа партија, веднаш потоа, додека сè уште владееше нејаснотија за колкаво количество запленет кокаин се работи, речиси симултано излегоа во јавноста со пофалби за работата на министерот за внатрешни работи од нивната партија, користејќи ја забуната околу  информациите за количеството запленета дрога.

Александар Николовски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ за Телма  изјави:

Никогаш порано немало толку кокаин како во последниве три години. Сите сме можеле да видиме како се продава кокаин на улица. Наќе Чулев дојде во Министерството и веднаш имаме акција за сузбивање. Тоа е разликата.

Неговиот сопартиец Илија Димовски, пак, на социјалната мрежа „Твитер“ коментираше:

Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин…Денес МВР заплени 1,3 тони…Најголема количина било кога запленета во РМ…Слепи ли биле? Или…?

И, притоа сите заборавија да напоменат дека, всушност, се работи за меѓународна акција и дека главната работа околу заплената на над еден тон кокаин била завршена во друга земја и од страна на други, странски полициски сили.

Така, партиската еуфорија од успехот на Чулев во Крушопек одекна и во написот што е предмет на оваа рецензија. Во овој случај, обидот да се освои важен политички поен и да се прикаже дека опозицијата „води борба против криминалот, а власт соработува со него“, беше по цена на непримерно известување за една полициска активност како дел од меѓународната борба против нелегалната трговија со дрога.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести