verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарството го упропастија крлежите што се накотија во професијата, цицајќи ѝ ја крвта на вистината

on 7 - 08 - 2015       
Миле Бојаџиски. Фото: приванта колекција
Иван Бојаџиски. Фото: приватна колекција

 

Иван Бојаџиски, или кратко – Бојата. Доајенот, апсолутно најстариот активен новинар во Македонија, роден 1943 година. Во моментов е редовен дописник на „Утрински весник“, а е сопственик и уредник на весникот „Штипски глас“, единствен печатен медиум во регионот. Со Бојаџиски разговараме за актуелните состојби во новинарството, за (не)почитувањето на  стандардите во професијата, за отворената пропаганда…

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Кога во новинарството ќе се мине професионално повеќе од половина век, а ќе останете и натаму активен на дневна основа, тогаш се наметнува прашањето: Се пензионираат ли новинарите, или не?

Бојаџиски: Новинарот кој во професијата влегол со целокупноста на своите сетила, со безрезервна љубов, со силна опсесија на пристрасност само кон вистината, не признава пензија. Сè додека умот ми е во добра кондиција и сè додека телото може да му служи на умот, јас ќе си останам новинар. Се надевам на барем уште десет години присутност во професијата, која е мој живот и втора љубов по семејството.

 

Ги следевте, лично учествувате во сите фази од македонското и некогашното југословенско новинарство. Една генерална оцена за професијата и за новинарските производи сега и, да речеме, пред 30 или 40 години.

Бојаџиски: Од мене барате да споредувам неспоредливо. Низ мојата визура на она што беше и она што денес е новинарство, одговорно би рекол дека сè е на штета на денешниот аспект низ кој се искажува оваа некогаш чесна и одговорна професија. Впрочем, тоа може да се види и од мојата книга „Новинарски искуства“. Вистинска демократија во новинарството имаше во бившиот, тнр. „неслободен систем“. Сега, кога системот е „слободен“, новинарството го бележи својот најголем бег од слободата, што би рекол Фром. На оваа тема, искуствено и со аргументи, можам да спорам со секого и на секој медиум. Во „неслободниот“ систем на суд бев 41 пат, никогаш не бев осуден, на судењата одев без адвокат, секогаш велејќи дека на вистината адвокат не ѝ треба, дека таа си е адвокат сама по себе и сама за себе. Во ова „демократско“ време ме судеа трипати, а на двапати судот пресуди против новинарот. Тврдам дека овие пресуди беа по нарачка, што во поранешниот систем беше незамисливо. Друг пример: во поранешниот систем за моето новинарство посебна седница, со намера да ми се суди и повеќе да не можам да бидам новинар, држеше Општинскиот комитет на СКМ во Штип, во присуство на другарот Васил Тупурковски, а со поддршка на Димче Беловски, високи македонски и југословенски политичари. Пет часа детално се „претресуваше“ моето пишување за многу важни политички случувања во градот, зашто „не сум бил на линија со комитетот!“ Беше тоа во 1983 година, но најголем број членови на СК застанаа на моја страна. Дали денес од кого било може да се добие таква човечка, силна и морална поддршка? Мислам дека секој си го има одговорот. Големиот француски репортер Алберт Лондрес прекрасно има кажано што е одговорноста на нашата професија. Тој запишал: „Нашиот занает не е некому да угодиме, уште помалку да направиме неправда, нашиот занает е со перото да ја допреме раната!“ Мој став е дека нашето општество е тешко рането, неуредено, со многу рани, но најголемиот дел од „угледните“ медиуми, „уредници“ и „новинари“ наместо да ги допрат големите рани на македонскиот организам, тие во него, со своето „новинарство“, само создаваат нови трауми.

 

Поранешниот период обично го дефиниравме како едноумие. Не се малкумина што денешново време го дефинираме како безумие. Некаде прочитав: не сме југоносталгичари затоа што пекаме по тоа време, туку затоа што плачеме од сегашното! „Кој ни го тоа направи“, би рекол Ѕинго?

Бојаџиски: Си признавам јавно и безрезервно: да, јас сум југоносталгичар. А, зошто? Причината е едноставна: затоа што подобро од тоа време не видов(ме). Ниту најголем дел од нашиот народ, ниту јас, ниту мојата професија. Да беше поинаку, тој период од нашиот живот и новинарско работење ќе го споменувавме само спорадично. Кој ни го направи тоа? Би рекол, крлежите кои се накотија во професијата, цицајќи ѝ ја крвта на вистината без која ниту едно општество не може да оди напред. Тие, некадарни за што било конкретно во животот, а за да остварат високи социјални придобивки за себе, се согласија да им служат на водачите наместо да бидат на страната на вистината, на народот, на јавноста, на животот… Па, така, ние денес на „најгледаната“ ТВ имаме раскажувач на вести, а притоа самата вест и да не сте ја чуле. И таа тирада знае да трае цели десет минути! Тоа е крлежијанство (не во смисла на Крлежа, туку на крлежите). Гадно е тоа за гледање, чесен организам не може тој силен отров да го апсорбира, нормален ум се бунтува поради тоа силно подаништво… Тука за новинарство не може да стане збор.

 

Иван Бојаџиски не само што пишувал за македонски и за медиуми од поранешната југословенска заедница („Трудбеник“, „Борба“, „Вечерње новости“…), туку и создавал свои медиуми. Вашиот весник „Штипски глас“, покрај „Битолски весник“, е единствениот печатен во Македонија. Од каде ваков ентузијазам на Ваши години, кои Ви се мотивите, целите?

Бојаџиски: Поради сѐ погоре кажаното. Не сум подготвен да потклекнам пред медиумската армада која новинарството го сведе на просто слугинство. Си имам јас свој морал, своја свест и совест, не сакам да си ги фрлам во вода изминатите 55 години новинарство. И денес со најголема страст работам за „Утрински весник“, го шпартам истокот од Берово до Радовиш, од Радовиш до Свети Николе, од Свети Николе преку Пробиштип до Кратово. Творбата „Штипски глас“ почесто ја правам така што од скромната пензија си го кофинансирам весникот од кој раце најнапред крена централната, a сега и локалната власт. Не сме биле на нивна страна!?

Boja 4
Со колегите во Здружението на новинари на Македонија

 

Државата не ве помага, а фрла неброени пари во своите национални телевизии. Ги става во зависна, клиентилистичка позиција. Има ли шанси да се искоренат државниот интервенционизам и владиното рекламирањe?

Бојаџиски: Поставувате едно клучно прашање за иднината на нашето новинарство, а преку него и на нашата демократија. Но, големиот проблем е во тоа што процесот не само што не запира, туку уште повеќе се усовршува. Владејачката партија отвори шест свои регионални ТВ во шесте наши региони, меѓу нив и во мојот, источниот. За таква политика се зборуваше година дена порано. Но, што мислите, каква е нивната „програма“. Патриотски песни и приказни, владини реклами, новинарско дремење пред кабинетите на градоначалниците, сите од редот на владејачката партија! Прилози како да живееме во земјата Дембелија, како сè да ни е убаво и „рамно до Бачка!“… Тоа е тој клиентелизам. А, дали има шанса за искоренување на истиот? Лично мислам дека за тоа е потребна власт со демократски капацитет, но и одговорни и храбри структури во новинарската хиерархија: од сопственици на медиуми, преку главни уредници – до новинаритe. И денес сум на мислење дека секоја власт ќе сака да ги има медиумите на своја страна, но на медиумите е да видат што им е задачата и што треба да прават. Односно, да работат според светски усвоените медиумски стандарди, да не се предаваат во сладострастието на нечесно заработените пари, предавајќи ги и продавајќи ги професионалните стандарди.

 

Живееме во земја во која граѓаните, најголемиот дел од нив, плаќаат за производ (услуга) кој не го консумираат! Мислам на програмата на јавниот сервис МРТВ. Како на ова гледате, како новинар и поранешен член на Советот?

Бојаџиски: Јавниот сервис е приказна за себе. Пред околу пет-шест години бев член на Советот на МРТВ и претседател на Програмската комисија. Една помала група бевме истомисленици во борбата МРТВ да стане вистински јавен, а не да биде партиски сервис. Водевме жестока борба по тоа прашање, во мал дел успеавме, во поголем не, затоа што другата група беше побројна. Јаден е, а не јавен сервис МРТВ денес! Таму е потребен генерален ремонт, тој е јавен само во доменот на еднаквоста на граѓаните да плаќаат претплата, сѐ друго е посветено на партијата на власт. Со МРТВ денес раководат луѓе за кои порано никогаш не сте слушнале дека нешто значат во медиумската сфера. Дури ниту ние кои со децении сме во неа. Резултатот (поразот!) е тука!

 

Постојат ли „државни“, во смисла на национални, централни (според местото на излегување – емитување) и локални медиуми?

Бојаџиски: Ова е една целосна бесмислица. Во време на толку развиени технолошки комуникациски системи, кои од светот направија глобално село, да се зборува за „локални медиуми“ и за локално новинарство е голема глупост. Радио „Кочани“, охридско „Супер радио“, Радио „Свети Николе“ и сите други „локални“ медиуми се слушаат насекаде низ светот. И мојот „Штипски глас3, преку интернет, се чита и во Чикаго, во Бризбејн, во Торонто, во Минхен и во Лондон, исто како и во Штип, односно секаде каде што има штипјани, но и наши иселеници од други места во Македонија. Интернетот ги помести границите, а само кај нас сѐ уште се „утепуваме“, расправајќи за некакво локално и државно новинарство! Оттука, секаков разговор на таква тема е депласиран. Или е новинарство или не е, или си новинар или не си – сеедно каде си. Трето нема.

 

Boja-Portret-final-doluИван Бојаџиски, или кратко – Бојата. Легенда на новинарството во Источна Македонија, но и во земјата во целост. Доајен, апсолутно најстариот активен новинар во Македонија, роден 1943 година. Во моментов е редовен дописник на „Утрински весник“, каде е од неговиот прв број. Има статус на регионален дописник од источниот регион. Сопственик е и уредник на весник „Штипски глас“, единствен печатен медиум во регионот. Член е на Управниот одбор на ЗНМ и претседател на Регионалниот центар за Источна Македонија. Пред две години, одбележа голем јубилеј - 50 години професионална работа, ја издаде книгата „Новинарски искуства“, ретко дело од практичното новинарство, кое го користат студентите од Универзитетот во Штип. Добитник е на наградата за животно дело на ЗНМ (1998 година) и на Сребрена плакета со медал на Сојузот на новинари на Југославија - за особен придонес во развојот на новинарството и на новинарската организација (1986 година).

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести