verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неодговорни портали не значат и неодговорни новинари

on 24 - 04 - 2014       

8627113727_00638f1e99_b

Фото: Patrik Theander

Дали порталите, кои во најголем дел со објавување на содржини поврзани со изборите, го прекршија изборниот молк се одговорни за сторениот прекршок и кој е надлежен да ги санкционира?

 

Пишува: Саше Димовски

 

Ова прашање, на кое деновиве немаат одговор ниту надлежните државни тела и институции, како Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги или Државната изборна комисија, ги покажа слабостите кои ни ги наметнаа решенијата што во последен момент се вметнуваа или вадеа од Законот за медиуми, од изборниот закон, Законот за прекршоци и други норми кои го санкционираат нарушувањето на изборниот процес.

Откако во земјава се донесе често оспоруваниот Закон за медиуми, од кој беа изземени порталите како една од придобивките за нерегулирање на интернет просторот, на првиот тест се покажаа аномалиите во делот на тоа кој да ги санкционира забележаните прекршувања и празниот простор што останал нерегулиран, иако материјата се испреплетува низ неколку закони.

 

Стравот лозје чува, не падарот

Пред одржување на изборите в недела, ова прашање околу прекршувањето на изборниот молк повторно е актуелно, па затоа ќе се обидеме да укажеме на моралните норми, ако веќе нема санкции. Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги утврди дека не е надлежна, ДИК не може да утврди нејзина надлежност, а тоа не може да го стори ниту министерството за информатичко општество.

Дополнителен проблем е што порталите, де факто, не се медиуми, бидејќи не се регистрирани по постоечкиот закон, туку се дел од здруженија на граѓани или друга форма на дејствување.

На ден пред одржување на првиот круг од претседателските избори, порталите се натпреваруваа кој ќе објави слики од гласање во дијаспората, кој ќе лиферува наводни резултати од нивното или од гласањето на болните лица, затворениците и раселените кои гласаат ден порано. И, речиси на сите, без исклучок, извори на информации им беа партиски активисти или државни функционери кои информациите и фотографиите ги споделиле на своите Фејсбук (ФБ) профили како платформа за социјално дружење и неформални медиуми.

Прашањето, дали сѐ што се објавува на ФБ може да се пренесе во медиумите детално го разработивме во лекцијата: „Фејсбук не е простор за новинарско самопослужување“, а овде уште еднаш ќе укажеме не на проблемот, кој што објавил на Фејсбук, туку на одговорноста на новинарите кои го прават тоа на порталите.

Јасно е дека законот (таков каков што беше донесен набрзина) го остави нерегулиран интернет просторот, но тоа не значи дека луѓето како поединци, независно дали се новинари или не, не се одговорни за содржините кои ги поставуваат на интернет порталите.

 

Новинарите, секако се одговорни

Во последно време, во голем дел е надмината анонимноста која владееше во овие интернет медиуми, па, сега, најголемиот дел од нив, имаат импресум, каде што се наведени имињата на тие кои работат или соработуваат со тој вид на медиум.

И, тука доаѓаме до главното прашање: дали неодговорни (прекршочно, нели) портали треба да значи и неодговорни новинари?

Секако дека не, зашто, независно дали се предвидени санкции за овој вид на галопирачки медими, секој поединец треба да знае дека е одговорен за поставените содржини, во прв ред за клевета и навреда, а доколку содржината повикува на насилничко однесување, поттикнува говор на омраза, расна или верска метрпеливост, повлекува и кривична одговорност за неколку кривични дела санкционирани според Кривичниот законик на Република Македонија.

Оттука, мислењето дека никој ништо не им може на порталите, посебно на тие кои го прекршуваат изборниот молк е сосема погрешно, бидејќи со објавување на информации кои можат да имаа штетни последици за изборниот процес, може да содржат и индивидуални кавлификации, лажни и навредливи информации, кои се санкционираат, како што споменав, со Кривичниот, граѓанскиот или Законот за прекршоци.

Треба да се потсети дека Основиот суд во Велес има донесено пресуда во која прифати тужба за констатирана клевета и навреда упатена на Фејсбук, што може да претставува пример оти во законите можат да се најдат решенија кои би го санкционирале и овој проблем, само за тоа е потребна волја.

Одговорноста на новинарите, независно од санкциите за порталот или медиумот, се содржани и во Етичкиот кодекс кој треба да е водилка за сите новинари.

Професионалните и етички стандарди не смеат да бидат занемарени, а посебно не згазени на денот кој е позициониран во сите закони како простор за одлучување на граѓаните, неоптоварени од никого, а во прв план не од медиумите како директен посредник и пренесувач на пораките на политичарите.

 

Етиката пред сѐ

Затоа, оваа сабота, на 26 април, новинарите кои работат во сите медиуми, без исклучок треба да знаат дека на прво место им се етичките правила кои се Устав во професијата, а секоја можна казна или било каква санкција е само дополнителен производ кој произлегол од непочитување на Уставот.

Ако лекарите, судиите, адвокатите или другите јавни професии имаат свој кодекс, заклетва, кои се должни да ја почитуваат, тогаш што ги прави новинарите поразлични во поглед на почитување на нивната обврска: да не објават ниту едан информација поврзана со изборниот процес, која може да му наштети на кандидат, на листи, опции или во прв план, да ѝ наштети на демократската придобивка – на изборниот молк.

Санкциите може да се заборават, казните да се платат или одработат, но моралната казна, како јавно посочување на прекршителите, треба да биде најсилната санкција од која секој ќе се плаши.

Само одговорни новинари, нема да дозволат да има неодговорни портали! Не за џабе рекле, лозјето стравот го чува, а не падарот!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести