verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Народот бира опозиција

on 30 - 05 - 2014       
Opposition Creek, сојузна држава, Колорадо, САД. Фото: Johnathan Warner, 2005

Opposition Creek, сојузна држава, Колорадо, САД. Фото: Johnathan Warner, 2005

 

Иако не беа саглам опозиција, Заев и дружината, какви-такви, сепак требаше да останат во Собранието. Насила, дури не се создаде нова опозиција. Зашто нема лезет без опозиција. Арно ама, сега е готово. Народот мора да си ја поправи грешката. Мора да роди опозиција. Ајде сите да му помогнеме на пастирот што побрзо Македонија да си најде опозиција

 

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

 

На последните парламентарни избори народот не ја смени власта. Ја казни опозицијата. Ѝ рече решително – не! Поради тоа, пратениците на СДСМ и партиите од опозициската коалиција деновиве решија да го напуштат Собранието, поднесувајќи оставки. Народот ги избрка и го аминуваше нивното визионерско исфрлување од парламентот на 24 декември и конечно потврди оти местото им е на улица. Гитла! Сепак, народот не беше на нивото на задачата и не го смени СДСМ, не изгласа нови опозиционери, па Груевски се загрижи оти Македонија ќе остане без опозиција. Затоа, иако не беа саглам опозиција, Заев и дружината, какви-такви, сепак требаше да останат во Собранието. Насила, дури не се создаде нова опозиција. Зашто нема лезет без опозиција. Кому сега народот нема да му верува? Чии тетки, стрини, вујковци и чичковци ќе ги распостилаат за срам и арам на Курир?

Арно ама, сега е готово. Сите видоа оти од Заев не бива опозиција. Народот мора да си ја поправи грешката. Мора да роди опозиција. Море веќе почнува да раѓа. Ајде сите да му помогнеме на пастирот што побрзо Македонија да си најде опозиција. Каква?

Може ли ујгун опозиција за Груевски да биде т.н. лојална или најлојална опозиција? Таква е, на пример, најголемата опозициска партија во Велика Британија која, рака на срце, ја критикува нешто власта, ама најлојална ѝ е на кралицата. Не смее да го доведува во прашање режимот, де, односно парламентарната монархија. Така дури и се вика – Her Majesty most loyal opposition – Најлојалната опозиција на кралицата. Во наши услови, балкански, саглам опозиција мора да му биде турбо лојална на режимот. А, нашиот режим не е тупав како англискиот. Што мислите, да се вика – Најлојална опозиција на Пастирот. Да ѝ служи на неговата пропаганда за името, да ја аминува корупцијата. Еве, Ивица Боцевски може да биде лидер на таква опозиција. Бил и во СДСМ и во ЛДП. Заколнат опозиционер. Подобар и полојален од него нема!

 

Опозиција на опозицијата

А, што велите, на пример, за еден наш, автентичен рецепт – опозиција на опозицијата. Е сега, не е опозиција на власта, ама, сепак, опозиција е, што маани има да ѝ барате. Па, уште може да добие и редовен термин во прајмтајмот на патриотските медиуми. На МРТВ и на Сител да има опозициско катче. Да го крстиме – Опозициски муабети. Дебата – опозиција против опозицијата! Да види Фридом Хаус оти и ние коњ за трка во слобода на изразувањето имаме, а не да нѐ кодоши таму за медиумски мрак. А, да распише Извршниот комитет на ДПМНЕ конкурс за лидер на ваквата опозиција? Пастирот, пардон, народот ќе одлучи кој ќе ја води. Ќе се јават сигурно Ивор Мицковски и Васко Ефтов.

Таква опозиција, ќе се согласите, сигурно е подобра од некаква си конструктивна опозиција, каква што на Груевски му понуди Позитивната Алијанса, ама народот не ја виде. Џабе на Љупчо Зиков устата му се исуши од фалење на инвестициските успеси на преродбата. Позитивна Алијанса, ама негативен народ! Не сака, брате, ниту 100.000 вработувања. Не сака конструктивен, избалансиран пристап во политиката. А, толку убаво си функционираше – еден ден го величаш Пастирот, другиот ден го напаѓаш СДСМ. Поизбалансирана опозиција – здравје. Како баланс-штангла на Мерцедес. Арно ама, во Македонија умреа времињата за конструктивна опозиција уште кога „Конструктор“ пропадна во Хрватска, а градежниот бизнис во Македонија почнаа да му го земаат нови „бетонирани“ конструктори од Алијансата. Народот не е ќорав и гледа дека новите конструктори ја бетонираат власта. А, на Груевски не му треба бетон-власт, сега е време да ја залева со бетон опозицијата. Тука е малце тенок.

 

Да цути како роза и да расте во илјада бои

Може ли Роза Топузовска – Каревска да биде опозиција и каква? Излезе од опозициското стадо и сега си бара нов пастир. Ама додека го најде, а ќе го најде еден ден сигурно – Голем е Пастирот, не можеш да го промашиш – во парламентот може да ги одмолчува сите маки на опозицијата. Да цути како роза и да расте во илјада бои за да ни заличи Собранието. Да биде цветот на опозицијата. Икебана опозиција!

Опозицијата, рака на срце, може да си биде и да си остане како што е и сега – сателитска. И што ќе ни фали? Нарав на сателитите е физички да се башка од планетата, ама да кружат во нејзината орбита зашто, каде ќе одат, ги влече нејзината магнетна сила. Гравитацијата на планетата ДПМНЕ, пак, е корупцијата – тендери, министерски места, директори… Затоа, коалициските сателити вртат како муви на мед наоколу. Понекогаш демонстрираат див карактер, па остануваат пусти, без вода и атмосфера како Месечината – на пример кога Павле Трајанов бара слобода за Кежаровски или пресумпција на невиност при апсењата, а понекогаш зујат како пчелички, па уживаат во благопријатни услови како сателитот на Јупитер – Европа, како ДОМ на Лиле Поповска кога молчи за загадувањето на животната средина.

 

Гром од ведро небо

Кога сме веќе во космосот, опозицијата може да ни биде и атмосферска – ГРОМ опозиција со алхемиски реакции. Наш типичен изум. Да фрла молњи, да ведри и да облачи. Политички да поплавува цели општини како со победата во Карпош и истовремено да суши партии како што ѝ направи на СДСМ за време на локалните избори. Да удира како гром од ведро небо, како Стевчо Јакимовски за време на првиот изборен круг од претседателските избори кога обвини за изборна кражба, а потоа да стивнува како јадранска бонаца, кога го легитимираше изборниот резултат откако освои еден пратеник. Од премногу електронски набој, таквата опозиција од ГРОМ-молња алхемиски може да се претвори и во злато опозиција – со златна акција за составувањето влада. Ама, ќе вреди ли тогаш како опозиција? Не е злато се што сјае.

Има ли некаква друга опозиција, да избереме, да создадеме, да родиме, за да му помогнеме на Пастирот? Зашто, се виде оти народот не сака да ја смени власта. А од историјата на политичката мисла е познато – ако не сакаш или ако не можеш да ја смениш власта, смени ја опозицијата!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести