verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Намибија, земјата која е на врвот по слободата на медиумите во светот

on 6 - 02 - 2016       
Намибиски весници . Фото: namibiatourismexpo.wordpress.com, 2015
Намибиски весници . Фото: namibiatourismexpo.wordpress.com, 2015

 

Во Намибија со Устав се гарантира и се заштитува слободата на печатот. Општо земено, медиумите во Намибија се послободни отколку во многу други африкански земји, иако судирите се зголемени меѓу владата предводена од партијата Југо-западна африканска народна организација (СВАПО) и четвртата власт.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Неодамна објавениот индекс за слобода на печатот во светот, откри дека Намибија е меѓу првите 20 земји. „Репортери без граници“ рангира 180 земји според повеќе критериуми, кои вклучуваат медиумски плурализам и независност, почитување на безбедноста и на слободата на новинарите и законодавните, состојбата со институционалните и со инфраструктурните средини каде што работат медиумите.

Намибија е рангирана на 17. место пред голем број водечки земји во светот, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави и на Обединетото Кралство. Намибија е, исто така, единствената африканска држава која е рангирана меѓу првите 20 земји. Македонија, како што е познато, на оваа листа е на 117 место и петта одзади во Европа само пред Русија, Белорусија, Украина и Турција.

 

УСТАВНА ГАРАНЦИЈА ЗА СЛОБОДАТА НА ПЕЧАТОТ

Во Намибија со Устав се гарантира и заштитува слободата на печатот. Општо земено, медиумите во Намибија се послободни отколку во многу други африкански земји, иако судирите се зголемени меѓу владата предводена од партијата Југо-западна африканска народна организација (СВАПО) и четвртата власт.

Инаку, Намибија може да се пофали со четири дневни весници: „Намибијски“ (The Namibian), независен весник на англиски јазик со седиште во Виндхук, (главниот град) кој излегува во тираж од 40.000 до 45.000 примероци, чиј уредник, Гвен Листер, е, исто така, активна за прашањата поврзани со слободата на медиумите во Јужна Африка. Вториот е „Вести од Намибија“ (Namibian News), провладин весник финансиран од Министерството за финансии во Виндхук, „Намибиски економист“ (Namibia Economist), и „Алгемајне цајтунг“ (Allgemeine Zeitung), германски весник, основан во 1916 година (главен уредник Еберхард Хофман).

Други весници во Намибија се „Републиканец“ (The Republican) дневен весник на африкански, англиски и на германски јазик, основан во 1977 година, со тираж од 10.000 до 25.000 примероци, „Темпо“ (Tempo), неделен весник на германски и на англиски јазик, основан во 1992 година, со тираж од 10.000 до 25.000 примероци, „Виндхук реклами“ (Windhoek Advertiser) дневен весник на англиски јазик, основан во 1919 година со тираж од помал од 10.000 примероци. Во оваа земја има и други периодични медиуми, со тираж не поголем од 30.000 примероци.

Главен фактор во печатените медиуми во земјата е Демократскиот медиумски холдинг (Democratic Media Holdings), претпријатие кое е блиско до Демократската Турнхале алијанса (Democratic Turnhalle Alliance –DTA), која е главна опозициска партија во земјата.

Намибиската новинска агенција во државна сопственост (NAMPA) е една од водечките новински агенции во земјата.

Печатените медиуми во Намибија од 2000 година се многу послободни отколку што тоа беше случај во минатото. Во Уставот се гарантира слободата на печатот, вклучувајќи ја приватната сопственост на весниците. Постои експлицитна гаранција, во член 21, дека слободата на говорот и на изразувањето ги вклучува печатот и другите медиуми. Сепак, владата има моќ да ги ограничат овие слободи во интерес на јавниот ред, пристојност, моралот, националната безбедност, непочитување на судот или клеветата. Општо земено, Намибија има многу повеќе слобода на печатот од многу од нивните соседи, иако има судири меѓу владата и приватните медиуми.

 

ДЕКЛАРАЦИЈА НА УНЕСКО

Не случајно во 1991 година УНЕСКО од Виндхук одлучи да се прогласи декларација за „воспоставување, одржување и за поттикнување на независност и слобода на печатот“.

Светскиот Ден на слободата на медиумите, поради тоа, се одбележува секоја година на 3 мај, кој е воспоставен од Генералното собрание на ОН во 1993 година за да се поттикне слободата на изразување.

На овој ден во 1991 година е усвоена Декларација во Виндхок во Намибија, со која африканските новинари сакале да ги заштитат основните новинарски права и да придонесат за медиумски плурализам и за независност.

Со воспоставување Светски ден на слободата на медиумите, всушност, се предупредува на тоа дека оваа слобода постојано е оневозможувана во земјите во светот. Текстовите се цензурирани, а новинарите, уредниците и издавачите се напаѓани, затворани и убивани.

Министерот за информатички и комуникациски технологии, Тјекеро Твеја (Tjekero Tweya), кој на оваа функција е од минатата година, постојано го напоменува фактот дека новинарите во Намибија се повеќе од способни вистински да ги изнесуваат фактите.

Една од неговите познати реченици е:

„Вие не треба да звучите контроверзно, треба да бидете вистински новинари“.

„Јас сум целосно свесен за Уставот на Намибија, а особено за членот 21, кој зборува за слободата на печатот и изразувањето“, додава Твеја.

Тој постојано ветува дека ќе се придржува на долгата традиција на немешање на владата во известувањето, особено на државните медиуми, велејќи дека верува во оние кои ги водат тие институции и се надева дека ќе работат професионално и независно од политичко мешање.

„Уредниците мора да го направи тоа што е во право. Вие не може да се очекува министерот да дојде и да го стори тоа за вас. Не можам да диктирам што треба да се пишува во медиумите, можам да истакнам да се почитува принципот на добро новинарство“, вели тој.

На немешање на политиката во агендата на медиумите е тоа што се смета за една од клучните фактори за одржување на надмоќта на Намибија во слободата на медиумите.

Една од најпознатите новинарки во Намибија, Гвен Листер, е со 30-годишно искуство. Родена е во Велика Британија, но целиот работен век го поминала во весниците во оваа држава. Таа за новинарството во оваа земја вели:

„Јас 25 години бев уредник во „Намибски“ (The Namibian). Секогаш сум верувала во весници водени од новинари, а не водени од страна на бизнис-менаџери и често го гледам падот на печатот во некои земји. Овој весник во кој јас бев уредник направи дневен тираж помеѓу 42.000 и 45.000 примероци. Бидејќи јас отсекогаш сум верувала во пристапот до информации, ние цената на весникот ја чувавме многу ниско. Рекламите ја плаќаа дистрибуцијата. Оваа земја, пак, е огромна, со многу мали населени места низ неа. За да се испрати еден весник, на пример, во областа Каокаланд (Kaokoland), тоа чини десет долари. Некои места имаат пристап само до радио. Затоа, мојот начин на размислување беше дека секоја информација мора да допре до секого. „Фридом хаус“ ја гледа Намибија како делумно слободна. Причина за тоа, според мене, е бидејќи владата стави забрана за рекламирање и за купување на „Намибиски“ во 2000 година“, вели Листер.

 

СТАБИЛЕН ПОВЕЌЕПАРТИСКИ СИСТЕМ
Намибија или официјално Република Намибија (Republic of Namibia) е држава во Јужна Африка. Намибија на запад излегува на Атлантскиот Океан, додека на север се наоѓаат Ангола и Замбија, на исток се Зимбабве и Боцвана и Јужноафриканската Република (ЈАР) се наоѓа на југ. Намибија својата независност ја стекнала од Јужноафриканската Република на 21 март 1990 година преку Намибиската војна за независност. Главен и најголем град на Намибија е Виндхук. Денес, Намибија е член на повеќе меѓународни организации, меѓу кои ООН, Јужноафриканската заедница за развој, Африканската унија и Комонвелтот на нациите.
Намибија има население од 2,1 милион жители и стабилен повеќепартиски систем. Главни компоненти на намибиската економија се земјоделството, сточарството, туризмот и производството и извозот на скапоцени камења. Државата е втора најслабо населена држава во светот, веднаш зад азиската држава Монголија.
Користени извори:
(Нamibian.com.na) Misa urges Swapo to respect journalists
(Newera.com.na) Tweya expresses confidence in Namibian journalists
Namibianembassyusa.org
Index.rsf.org
(Journalism.co.za) Lister prepares to move out of editor’s chair at Namibian

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести