verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пресудата за лустрација на Трендафил Ивановски со површен третман во медиумите

on 6 - 02 - 2016       
Протест на „Новинарски пленум“ пред комисијата за лустрација. Фото: Мета, март 2015
Протест на „Новинарски пленум“ пред комисијата за лустрација. Фото: Мета, март 2015

 

Правната и критичка јавност просто како да го одмолчи она што им го дадоа како повод судиите од Стразбур со пресудата за лустрацијата на поранешниот уставен судија Ивановски. Провладините медиуми повеќе се занимаваа со прашањето како да се сокрие или обезвредни содржината на пресудата, користејќи ги „умувањата“ на Томе Аџиев, а оние независните се задржаа на исмејување на овие првиве и на нивните „маки“. И тоа како да беше сè. Пресудата стана сапун кој се лизна од рацете на новинарите. Немаше дебати, тркалезни маси, немаше ни кој знае колку коментари и осврти, иако со таа пресуда сосема јасно се става под прашање кредибилноста на „независноста“ на третиот столб на земјава.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога се донесе првата одлука за лустрација во земјава против некогашниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, некаде кон крајот на септември 2010 година, имаше расправа за таа одлука во ГЕМ-клубот во Скопје. Разбирливо, општеството беше веќе доста возбудено, бидејќи две децении по воведувањето на плурализмот и промената на политичкиот систем, се будеа некои стари емоции и мемории.

 

СЕЕЊЕ СТРАВ

Додека во некогашните социјалистички држави лустрацијата заврши или, пак, имаше откажување од таа постапка, која стана бесмислена со текот на времето, ние предоцна отворивме процес за кој од почетокот имаше стравување дека актуелната политичка врхушка ќе го примени за борба против своите политички непријатели или луѓе кои се пречки во остварувањето на нивните намери и цели. Обично тоа се нарекува користење на правниот систем за расчистувања ad hominem, против конкретни поединци. Последица – сеење страв во општеството и разнишување на институции каде се или биле лустрираните како членови, вработени, активисти…

Мора да се признае дека медиумите во целиот процес на лустрацијата влегоа со амбивалентен став, особено затоа што дел од колегите кои се денес дел од критичката мисла, во тоа време, на почетокот на плурализмот, идејата за лустрацијата ја прифатија како „трендовска“, неизбежна и неопходна, па силно ја туркаа, што самите во некои текстови и изјави потоа, по малку покајнички, го признаа. Ова што дојде подоцна, ги фати во некаков расчекор, па веројатно затоа и тие некако како да го ставија под тепих целиот процес на лустрација, со исклучок на два-три случаи. Генерално, затаи истражувачкото новинарство, особено она кое лесно би нè уверило дека тука има своевидна „фабрикација“ на факти и на сознанија, а врз чија основа се потоа ѕидани одлуките на лустрациската комисија, а понатаму и на судовите во жалбената постапка.

 

ГОВОРОТ НА ПРЕМИЕРОТ

Сега, кога ја имаме и одлуката на судот во Стразбур во однос на првата лустрација, секако го имаме и резултатот од независната и релевантна процена во однос на методот на оркестрираното делење правда против индивидуата на одговорна општествена позиција кај нас од овој систем. Со други зборови, кога го имаме и сознанието дека седумте судии од Стразбур, кога одлучувале, го имале пред себе и говорот на премиерот, конкретно за лустрацијата на Ивановски, со свест кај пресудувачите – странци дека тука, во тој говор, лежи и обвинението и пресудата, бидејќи е изречена од најсоодветниот фактор во една земја, оној кој одговара за сè, бидејќи контролира сè. Тие премиерови зборови, по судиите, да се потсетиме, се земале како прилог кон создавањето атмосфера во која немало услови за „глобална правичност“. А, ако неа ја немало, какви биле условите во кои се носени одлуките и кон другите лустрирани поединци? Дали, можеби, медиумите во вакви околности, кога земјава врие во однос на пржинскиот процес, сепак не го согледува и придонесот на пресудата од Стразбур во однос на темите кои се и дел од вкупната реформа на земјава, а особено во однос на големиот ремонт кој нè очекува, секако, ако и медиумите работат на тоа како дел од изборното „да се биде или не“?!

Но, еве го и тој говор на премиерот, кој не најде место во медиумите деновиве, иако го заслужи. МИА на 27 септември 2010 година објави текст со наслов „Груевски: Одлуката за лустрација на Ивановски го поткопува кредибилитетот на Уставниот суд“. Да цитираме еден дел:

„Одлуката за лустрација на претседателот на Уставниот суд донесена од Комисијата за верификација на фактите го поткопува кредибилитетот на Уставниот суд, а го урива и легитимитетот во однос на сите досегашни одлуки на овој Суд, оцени денеска премиерот Никола Груевски. ’Тоа е лошо заради тоа што дополнително го поткопува кредибилитетот на Уставниот суд, а го урива силно и легитимитетот во однос на сите досегашни одлуки. Тоа што се случува не е добро за земјата, што имаме луѓе кои така постапувале во минатото, а денеска се на клучни позиции и на позиции кои се од клучна важност за државата – изјави Груевски“.

 

НЕСОВПАЃАЊЕ СО ПОИМОТ НА НЕЗАВИСЕН И НЕПРИСТРАСЕН СУД

Што за ова мисли судот во Стразбур?

„Судот не гледа никаква причина да шпекулира за точката да знае кој може да биде ефектот на изјавата на премиерот врз постапката за лустрација. Доволно е да се истакне дека таа постапка се завршува со неповолна одлука за жалителот и дека изјавата, во однос на нејзината содржина и околностите во кои таа беше формулирана, не се совпаѓа со поимот на „независен и непристрасен суд“, стои во цитатот на пресудата“.

Дали ова нема во себе лепак да заслужи дебати, коментари, осврти? Има ли кон лустрацијата како процес сè уште колебливост во смисла дека процесот треба да се прифати од идеолошки причини, а одлуките на соодветното тело се само „вграден дефект“?!

Одмаздољубивоста на премиерот, да се вратиме за миг на неа, е лошо прикриена во овој говор, всушност е насочена кон дотогашниот состав на Уставниот суд, неговите претходни одлуки, што се промени со „соодветната кадровска политика“ на власта потоа. Во едно изјаснување во 2010 година, Ивановски ќе констатира дека непосредно пред неговата лустрација, овој суд во просек годишно разгледувал и враќал повеќе од 70 акти како неуставни или незаконски, додека потоа „ефективноста“ се сведува на неколку акти годишно!

Да се вратам на дискусиите за овој случај, од септември 2010 година. Како учесник во таа расправа во ГЕМ-клубот, по завршувањето на официјалниот дел, му „честитав“ на своевремениот иницијатор на постапката и потоа еден од идеолошките креатори на првобитниот текст на Законот за лустрација – Стојан Андов со зборовите дека „лентата“ е пресечена на многу необичен начин: жртва на лустрацијата станува човекот каде проблематичноста на неговата нова, омаловажувачка позиција е видлива и од Месечината! За полициски кодош е прогласен човекот кој во времето на инкриминираниот чин, наводното пристапување во соработничката мрежа на политичката полиција, дури и тој настан да се случил онака како што е опишан во досието и претставен пред лустраторите, бил несомнено – малолетник!

 

ОДМОЛЧЕНО ПРАШАЊЕТО ЗА МАЛОЛЕТНИОТ „СОРАБОТНИК“

На таа доба тој е уапсен, бил предмет на полициска обработка (не е тешко да се претпостави како таа изгледала во 50-тите), немал адекватна одбрана (впрочем, адвокати во тоа време имало колку прстите на едната рака) и немал деловна способност за да одлучува свесно, разумно и со совест која би била релевантна во правниот сообраќај. Младиот струмичанец во тоа време бил сместен во ученички дом, неговиот татко лежел во затвор, осуден заради македонски национализам (!), зад многудетното семејство стоела само необразованата мајка на малолетниот ученик од струмичкиот интернат, кој бил виновен затоа што на состанок на историската секција, со неколку сооченици, си шепотеле за тоа „колку би била Македонија голема ако би била цела“! За ова „шепотење“ 40 години потоа една партија, сега веќе владејачка, си постави задача „следниот конгрес ќе го држиме во Солун“, парола со која и денес имаме огромен проблем, секако (проблемот со Грција за името и за идентитетот), но сеедно, доживеа од „солунчаните“ да биде жигосен и осрамотен…

Ивановски бил идеална жртва на полициските „хиени“, ама како што вели самиот тој, не е докажано дека самиот земал пари (иако некој полициски службеник ја празнел касата во негово име!), а нема ниту жртви на неговото наводно „поткажување“, што го прави досието правно нерелевантно: како можел да поткажува, а од тоа никој да нема штета, да нема ни поплаки на неговата соработка со полицијата! Еве, да земеме и во периодот кога е променет системот и кога на чело на УДБ седеле идеолошки противници на „комуњарите“?!

 

ПРОПУШТЕНИ НОВИНАРСКИ ИСТРАЖУВАЊА

Со својата биографија и пред 15 години Ивановски ни даде доволно податлив материјал токму да се навратиме на тие денови, да се побараат евентуално оние кои би биле сведоци „про и контра“, но лустрацијата како процес на седмата сила ѝ се измолкна од рацете, иако во тие пресуди имаше дури и измешани идентитети, а и „џелати“ од она време, кои сега како „ангели“ одново им судеа на жртвите од репресивните времиња!

Пресудата во Стразбур се допрела до некои од тие елементи од досието на Ивановски (малолетништвото, на пример), но само констатирала:

„Судот смета дека разгледувањето на точката да се знае дали Ивановски делувал под притисок кога започнал да соработува со тајната полиција беше главен елемент за да се стават во прашање интересите за национална безбедност и заштитата на правата. Сепак, во согласност со националното право кое се спроведува, властите, па дури и судските, не беа повикани да се изјаснат по ова прашање. Како последица на ова, националните судови ги оценија како несоодветни аргументите на жалителот кои се однесуваа на недостиг на сомневање за согласност за соработка и беа отфрлени. Анализата на судовите не беше доволно продлабочена во случајов за Судот да може да заклучи дека ’тоа беше потребно во едно демократско општетство’…Покрај ова, Судот не може да го игнорира фактот дека жалителот беше регрутиран од поранешната тајна полиција додека беше малолетен“.

Упс?

 

ЛУСТРАЦИЈАТА ПОД ПРАШАЛНИК

Оттаму, пресудата на седумте судии од Стразбур е само сведување на одлуката на лустраторите на она ниво на забелешки што постоеле уште кога таа е донесена и кога наредните инстанци (Управниот суд, Врховниот суд тогаш како второстепен) слободно можеле да ја корегираат процената на Комисијата за верификација на актите. Ама, тие не го сториле тоа. И не само тоа – имаме случај кога оној кој му го подместил столчето на претседателот на Уставен суд, потоа седнал на негово место?! Какви ситуации, недостојни за правниот систем на некоја Никарагва, на пример?! Ама колку интересни за новинарско истражување и за посочување!

Сите судови кои оценувале во однос на жалбите на експретседателот Ивановски на лустрацијата треба да се најдат и да ја одмерат својата тежина во однос на својата зависност од централната власт – Управниот суд, Врховниот суд, но и стручната јавност. Ова никако не може да биде одминливо за најважната позиција во земјава, онаа на премиерот и неговата улога во распадот на повеќестолбноста на една демократија. Правната и критичка јавност просто како да го одмолчи она што им го дадоа како шлагворт судиите од Стразбур?!

Медиумите беа, а и сега потврдуваат дека не умеат „да требат ориз“. Како лустрацијата да има превез на некакво идеолошко или кој знае какво проклетство, па во тргањето од таа тема страда „и сувото и суровото“. Во однос на пресудата за која станува збор, како седмата сила да покажа дека не умее да ја согледа важноста на тој документ. Провладините медиуми повеќе се занимаваа со прашањето како да се скрие или обезвредни содржината на пресудата, користејќи ги „умувањата“ на Томе Аџиев, а оние независните се задржаа на исмејување на овие првиве и на нивните „маки“. И тоа како да беше сè. Немаше дебати, немаше ни кој знае колку коментари и осврти, иако со таа пресуда сосема јасно се става под прашање кредибилноста на „независноста“ на третиот столб на земјава.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести