verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

МРТ со нова уредничка, но стариот тим повторно во служба на власта за политичка пресметка

on 22 - 09 - 2016       
МРТ - стандардно наопаку. Фото: колаж
МРТ – стандардно наопаку. Фото: колаж

 

Сиров материјал од интервјуто на јавниот сервис со специјалната обвинителка Катица Јанева беше објавен деновиве во провладините портали, што предизвика огромен скандал и реакција кај дел од новинарската фела. Ваквата снимка, сметаат многумина, беше намерно пуштена во јавност, со цел, да се оцрни Јанева, но и да се удри по новата уредничка на МРТ, претставувајќи ја како непрофесионална и некадарна за функцијата

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Интервјуто на јавниот сервис на Македонската радиотелевизија со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, деновиве беше повод за низа коментари и реакции. Провладините медиуми ја напаѓаа на сите можни начини за нејзините ораторски способности, но не пропуштија можност да ја коментираат и „непрофесионалноста“ на новата главна уредничка, Санта Аргирова, поставена на функцијата како резултат на политичкиот договор меѓу четирите партии, потписнички на договорот од Пржино.

Сето тоа на крајот заврши со еден голем скандал. Имено, на провладиниот портал „Република“, беше објавена снимка со целиот материјал од снименото интервју на МТВ со Јанева. Материјалот, како што стоеше во објавата, наводно го доставил анонимен извор, т.н. „свиркач“, со цел „да се прикаже во вистинско светло непрофесионализмот на МТВ и нејзиниот уредник на информативната редакција“.

 

МРТ СЕ ИЗВИНИ, ПА СЕ ПРЕДОМИСЛИ

По ваквиот скандал, првиот програмски сервис на МТВ ѝ се извини на јавноста, на СЈО и на обвинителката Јанева, и најави дека ќе биде поведена дисциплинска постапка за утврдување на одговорноста.

МТВ со професионални и најискрени намери, со цел запознавање на јавноста за работата на Специјалното јавно обвинителство, продуцираше интервју, кое беше подготвено максимално професионално и коректно во доменот на новинарската работа. Ги отфрламе сите обвинувања и напади за режирано интервју, со нарачани прашања, оградувајќи се од сите инсинуации, подметнувања и толкувања. Првиот програмски сервис на МТВ ги осудува сите злоупотреби од вработените кои свесно ја изложија телевизијата на медиумски напади и хајки. Оваа случка е мотив повеќе да апелираме на почитување на етичките и професионални стандарди на медиумското работење и подигнување на свеста кај сите медиумски работници за повисок морал и етичност во работењето – се наведува во реакцијата.

 

РЕАКЦИЈА НА КОЛЕГИУМОТ НА ПРВИОТ ПРОГРАМСКИ СЕРВИС НА МТВ

Но, набрзо, ваквото извинување беше тргнато од официјалната веб страна на МРТ, за веднаш потоа до медиумите да биде испратена реакција од Колегиумот на првиот програмски сервис на МРТ. Оттаму сметаат дека извинувањето требало да дојде од „другата страна“, односно од уредничката Аргирова.

Иако одговорниот уредник, пред една недела беше известен дека постои желба да се направи интервју со г-ѓата Јанева, сепак уредничката Аргирова сосема недоследно и без одобрение на Колегиумот, на своја рака го продуцираше интервјуто и без консултација го емитуваше истото. Се разбира и уредничкиот Колегиум на МТВ1 имаше прашања кои сакаше да ги постави до обвинителката Катица Јанева, но завршеното инкогнито интервју не претече сите. Ако ништо друго, очекувавме, барем консултација по однос на содржината и монтажата на истото. Доколку, одговорниот уредник на МТВ1 или Колегиумот на првиот програмски сервис беа директно инволвирани во реализацијата на интервјуто, за истото да изгледаше по сите стандарди и нормативи на професионално работење, сега немаше да дојдеме до ситуација никој да извинува на никого – стои во реакцијата на Колегиумот.

 

ДАЛИ АРГИРОВА ТРЕБАЛА ДА СЕ КОНСУЛТИРА СО КОЛЕГИУМОТ?

Новинарот Бране Стефановски, кој речиси 20 години од својата кариера ги поминал токму во МРТ, смета дека Аргирова немала потреба да се консултира со Колегиумот, од проста причина што таа е поставена на уредничката функција со политички договор, токму поради тој колегиум кој ја довел МРТ во катастрофална состојба, целосно зависна од политичките влијанија на владеачката партија.

001-brane-site_197_macedonian_403362Крајниот производ што излезе во медиумите, интервјуто со Катица Јанева, има право да го коментира секој. Меѓутоа, да излезе снимка од сиров материјал од ТВ куќа која има обврска да го заштити соговорникот од трема и грешки, е чист аматеризам и дилетантизам. Се работи за снимка која е земена недозволено и предадена на медиуми подготвени со сета сила да удрат по СЈО и Катица Јанева – посочува Стефановски.

Според него, реакцијата на Колегиумот во која има извинување, всушност е ситење и омаловажување на работата на уредничката Санта Аргирова.

 

КОЈ Е ОДГОВОРЕН ЗА ВАКВИОТ СКАНДАЛ?

Поранешниот уредник во МРТ, Сашо Орданоски, смета дека одговорен за ваквиот скандал е директно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи тој е „наредбодавач на сите скандали“.

002-saso-ordanoski-photo-1Ова е партиска игра на ВМРО-ДПМНЕ, да се прават инциденти на сите нивоа и да се предизвикуваат скандали, се со цел да нема избори на 11 декември. Не верувам дека снимката тутку-така протекла и дека некој на своја рака ја изнел од МРТ. Тоа се таму извршители на власта. Сето ова ќе се заташка и сè додека не завршат во затвор најодговорните за ваквите скандали, ќе нема казни ниту за подолните виновници – вели Орданоски.

 

РЕАКЦИИ НА ДЕЛ ОД НОВИНАРСКАТА ФЕЛА

Новинарката Ана Глигорова посочува дека во својата ТВ работа имала секакви ситуации, но никогаш не помислила да ги стави во финалниот производ.

003-photoМногупати во мојата ТВ работа зад камерата сум имала можност да бидам во допир со сиров матерјал од снимањата на разно разни емисии, документарци, интервјуа… Имало секакви ситуации, во кои, и тие кои имаат најсилна вербална артикулација се збунувале на миг. Етички чин е во текот на монтажата тој дел да не се стави во финалниот производ кој ќе се емитува до илјадици луѓе. Никогаш не сум ни помислила, ниту, пак, некој се осмелил да ми нареди да ставам нешто кое ќе го наруши угледот на гостинот и неговото човечко достоинство. Ова е драги мои, класичен криминал – реагираше Глигорова на својот Фејсбук профил.

Според новинарката Ида Протуѓер, нема ништо спорно во содржината на сировиот материјал од интервјуто со обвинителката Јанева. Таа објаснува дека монтирање на материјали од интервјуа со соговорници се секојдневна работа и тоа не е ништо невообичаено.

004-idaЗа јавноста што не знае што се случува зад камерите, таквите интервјуа во кое соговорникот има трема и се монтира материјалот се повеќе од секојдневие. Некогаш психијатар треба да изиграваш за да убедиш соговорник што има трема, а ти значи неговиот став да го снимаш и секако го уверуваш дека и да згреши, ќе се повтори и ќе се измонтира тоа. Дури и јас на почетокот кога сум имала интервјуа, сум ги премонтирувала сопствените прашања поради трема. Искрено се надевам дека медиумскиот “октопод” ќе дојде на ред во СЈО, па ќе се видат вистинските причини за овие јадни и бедни постапки – напиша Протуѓер на својот Фејсбук профил.

Новинарот Драган Антоновски се прашува со каква цел бил изнесен немонтираниот материјал, односно што сакал да постигне предaвникот на ТВ куќата, како што го нарекува тој што ја изнел снимката, „да ја урива Јанева, да го урива СДСМ, да ја утепа уредничката Аргирова или да ја закопа водителката!?

005-downloadМонтирање емисиии и интервјуа, дали заради време, дали заради лош кадар е нормална работа. Ако сакаме да манипулираме и лажеме и фрламе кал врз МРТВ, Јанева, Аргирова, тогаш фрлајте, а ако сакаме да го казниме виновникот, тој партискиот војник на власта кому не му е местотото во медиум, најмалку во државниот, и кој мора да знае дека мора да се работи за дигнитетот на куќата која му дава плата, а со тоа и за државата, а не за власта или партијата која го платила. Партијата не е држава, уште помалку власта – државен интерес е нешто друго – напиша Антоновски на Фејсбук.

 

 

СЕММ АПЕЛИРА ДА НЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА НЕМОНТИРАНАТА СНИМКА

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по објавувањето на снимките од немонтираното интервју со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за МРТВ, ги повика медиумите да не го злоупотребуваат добиениот материјал и да прават обиди за презентирање на добиените информации во несоодветен контекст и без почитување на стандардите на чесно, коректно и објективно известување.

006-semmПоттикнувајќи ги медиумите и новинарите да известуваат за теми од јавен интерес, ги потсетуваме дека, пред се, треба да бидат одговорни пред својата публика и општата јавност и да ги негуваат правичноста и сеопфатниот пристап кон јавните прашања, без да служат на какви било посебни интереси. Од друга страна, во спротивност со нормите на професијата е и дистрибуцијата на аудиовизуелните записи што ги снимиле екипите на МРТ, за коишто право на обработка и нивно емитување имал јавниот радиодифузен сервис. Дистрибуирањето на снимениот материјал, освен што може да предизвика штети врз интегритетот на соговорникот, значи и непочитување на темелните начела на професионалното и одговорно однесување, чесност во работењето и чување на угледот и интегритетот на МРТ – соопштија од СЕММ.

Оттаму повикаа да се почитуваат професионалните стандарди и етичките начела во сите полиња на медиумското работење заради заштита на јавниот интерес и професионалниот интегритет на медиумите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести