verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Канада: Медиумски омбудсман – МРТ: Лекција од 6 милиони денари

on 1 - 09 - 2015       

 

CBC-final-001
CBC – канадскиот јавен радиодифузер. Колаж: СПФМ

 

Омбудсманот е само едно камче од мозаикот на јавниот канадски дифузер, но од аспект на состојбата во која се наоѓа Македонската радиотелевизија, можеби е најважниот сегмент од кој треба да се тргне кога се размислува за реформата на МРТ. Најмногу поради узурпацијата на нејзината независност, поради која страдаат сите принципи на независното новинарство и телевизиската продукција, кои треба да бидат во служба на јавниот интерес на граѓаните и на општеството.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Јавниот радиотелевизиски сервис на Канада „Си-Би-Си“ (CBC) е целосно посветен да се придржува на темелните новинарски принципи и стандарди како што се работа во полза на јавниот интерес, работата на новинарите да ги одразува и да ги почитува различностите на граѓаните и на етничките групи во Канада, да ја застапуваат и да ја штитат независноста и непристрасноста и да дејствуваат одговорно. Во однос на вредностите, новинарите на канадската јавна телевизија и радио се застапуваат за точност, за интегритет, за рамнотежа, достапност и фер пристап на сите граѓани и нивните здруженија. Својата мисија новинарите и другите продуценти, автори и други медиумски работници, ја определуваат со својот Кодекс на новинарски стандарди и практики, во кој стои дека нивната мисија е да информираат, да откриваат и да придонесуваат да бидат разбрани прашањата од јавен интерес, кои се од темелна важност за канадските граѓани, за нивното разбирање и промоција на демократијата, како и за нивното учество во изградбата на едно слободно и отворено општество коe ги промовира и ги штити интересите на сите граѓани на оваа голема земја.

Кога веќе ја спомнавме големината на оваа земја, според нејзината површина и според угледот што таа како сосема уредена земја, во секој поглед, го има во светот, да напоменеме дека се тоа единствените разлики (за волја на вистината, многу суштествени), во однос на Македонија. Во однос на структурата на етничките заедници и групи, Канада е многу слична на Македонија. Оттаму, со право, многу од искуствата и од принципите врз кои е изградено канадското општество, можат да бидат пример и водилка за Република Македонија, како мултикултурна земја која се обидува да ги постигне стандардите на земји како Канада за да биде земја-членка на Европската унија.

Еден од инструментите со кои канадската национална радиотелевизија ги штити и ги афирмира принципите испишани во повелбата наречена Новинарски стандарди и практики, е омбудсманот на Канадската радиодифузиска корпорација „Си-Би-Си“.

Овој омбудсман е дел од јавното радиодифузно претпријатие на Канада, но е целосно независен од програмскиот и од менаџерскиот тим на компанијата. Тој ги штити интересите на граѓаните, јавниот интерес на Канада и му реферира и го известува само претседателот на одборот на директори на „Си-Би-Си“, а со тоа и самиот одбор.

Кога веќе зборуваме за сличности и за разлики, одборот на канадскиот јавен радиодифузен сервис е многу сличен по својот мандат на Советот на Македонската радиотелевизија. Единствената разлика е што Канаѓаните се придржуваат до мисијата на нивниот одбор и со ништо не дозволуваат таа да биде корумпирана, додека Советот на МРТ е во служба на партијата, односно на сите партии што досега беа на власт.

 

ШТО Е ОМБУДСМАНОТ – МАНДАТОТ

Омбудсманот во канадската јавна радиотелевизија дејствува како апелациска институција, инстанца „за жалби и за поплаки“, кои ги упатуваат незадоволните корисници на нејзините услуги. Поплаки кои се однесуваат на информирањето или на менаџирањето на програмите од јавен интерес.

Она што е особено интересно и што го прави специфичен канадскиот медиумски омбудсман е што тој реагира само откако граѓаните не добиле задоволувачки или навремен одговор директно од оние кои се должни во програмата на јавната радиотелевизија да ги применуваат принципите од Новинарските стандарди и практики.

Значи да повториме: граѓаните на Канада имаат право да прашуваат и да добиваат одговори на нивните прашања и поплаки по повод програмските содржини на јавното радиодифузно претрпијатие. Доколку не добијат задоволителни или ненавремени одговори, на сцената стапува омбудсманот на „Си-Би-Си“ и утврдува дали се прекршени новинарските стандарди и практики на јавното претпријатие Канадска радиотелевизија. Реакцијата на омбудсманот на поплаките, како и прибирањето дополнителни информации и факти поврзани со нарушувањата на принципите на новинарскиот кодекс на канадското јавно радиодифузно претпријатие нема „судска“ ингеренција, ниту, пак, извршна во однос на граѓанската одговорност на јавната медиумска корпорација и на нејзините новинари и продуценти.

Омбудсманот го запознава новинарскиот и менаџерскиот тим со поплаките, ги известува граѓаните кои се пожалиле и ги објавува своите согледувања на официјалната веб-страница. Доколку и самиот забележи сериозни отстапувања и трендови во прекршувањето на новинарските стандарди и практики, омбудсманот ги известува уредниците и менаџерите. Исто така, менаџерите и омбудсманот можат да се договорат, народниот медиумски „застапник“ на јавниот интерес, одвреме-навреме, да спроведува анализи и студии за тековната програма, како и за програмите што треба да се реализираат за да се провери нивото на исполнување на јавниот интерес или отстапувањата од утврдените новинарски стандарди и практики. Доколку истражувањата укажат потреба, омбудсманот има право да ги советува менаџерите и уредувачките тимови.

Една од обврските на омбудсманот е да ги архивира и да ги систематизира поплаките и укажувањата и врз основа на сознанијата што можат да произлезат од таа систематизација, да им укажува на менаџерите и на уредниците за трендовите во нарушувањето на стандардите.

Медиумскиот омбудсман задолжен да ја надгледува работата на канадската јавна радиотелевизија еднаш годишно подготвува и презентира извештај до одборот на директори за тоа дали и какви биле одговорите на укажувањата на граѓаните и на омбудсманот и дали реакциите на тие укажувања ги поправиле недоследностите и пропустите. Годишните извештаи на омбудсманот се објавуваат јавно.

 

ОБВРСКИТЕ И ЈУРИСДИКЦИЈАТА НА ОМБУДСМАНОТ

Канцеларијата на омбудсманот во Канадската радиотелевизија е одговорен да ги оценува и да ги вреднува сите поплаки во однос на новинарските стандарди и практики во сите програмски појаси на јавниот медиум. За својата работа омбудсманот може да ангажира независни медиумски експерти.

Експертите ги вреднуваат програмските содржини за одреден период и потоа му „рапортираат“ на омбудсманот. Тој е должен нивните анализи, заклучоци и препораки да им ги достави на менаџментот и на уредничкиот тим на CBC.

Експертите и зададените анализи не излегуваат од рамката на утврдените фундаментални новинарски стандарди и практики и ја следат апликацијата за балансот, непристрасноста, точноста, интегритетот на новинарскиот и на уредничкиот тим, спроведувањето на јавниот интерес, еднаквиот пристап до програмите на сите битни страни и различни категории граѓани и нивни здруженија…

Надлежностите на канадскиот медиумски омбудсман во тамошната јавна радиотелевизија ги „покриваат“ сите програмски содржини на радиото, телевизијата и на интернет-изданијата на „Си-Би-Си“, како на програмите што се изворна програма на компанијата, така и на сите други продукции кои доаѓаат како резултат на соработката со независни продукции.

 

ИЗБОРОТ НА ОМБУДСМАНОТ

Медиумскиот омбудсман во Канадската радиотелевизија се избира преку јавен оглас, а на него можат да се пријават кандидати надвор, но и од редовите на вработените во јавниот радиодифузен сервис.

Под раководство на претседателот на одборот на директори, откако ќе заврши пријавувањето на кандидатите, се формира изборна комисија составена од четворица членови – двајца од редовите на граѓаните и двајца од вработените во „Си-Би-Си“, кои мораат да имаат најмалку тригодишно работно искуство.

Откако ќе бидат избрани, четворицата во изборната комисија избираат претседавач од еден од двајцата членови на комисијата што доаѓаат од граѓаните.

Комисијата, откако ќе ги разгледа апликациите, има должност на претседателот на одборот на директори да му предложи еден кандидат за омбудсман кој оваа функција ќе ја врши пет години, со право на реизбор за уште еден мандат. Откако ќе му заврши оваа функција, омбудсманот во заминување нема право да биде вработен во канадската радиотелевизија во период од две години. Омбудсманот чиј мандат завршил може да биде ангажиран од новоизбраниот омбудсман како експерт.

Сето ова со канадскиот омбудсман изгледа комплицирано, но функционира. Функционира многу добро, а за тоа сведочи рејтингот на канадскиот јавен радиодифузен сервис (CBC), кој е еден од најдобрите во светот.

Се разбира, омбудсманот е само едно камче од мозаикот на јавниот канадски радиодифузер, но од аспект на состојбата во која се наоѓа Македонската радиотелевизија, можеби е најважниот сегмент од кој треба да се тргне кога се размислува за реформата на МРТ. Најмногу поради узурпацијата на нејзината независност, поради која страдаат сите принципи на независното новинарство и телевизиска продукција кои треба да бидат во служба на јавниот интерес на граѓаните на општеството.

Зошто? Има стотици причини, но еве еден одговор низ пример.

МРТ-Ekonomija
Скриншот од рубриката „Економија“ на 26.08.2015 Последната објавена вест е од 11.08.2015

 

МРТ: ЛЕКЦИЈА ОД 6 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Во моментот кога ги испишуваме последните реченици од оваа лекција (26 август 2015 година, 12.41 часот), на веб-страницата на јавното радиодифузно претпријатие МРТ, последната објавена вест е од 11 август, публикувана во 10 часот и 46 минути.

Веќе 15 (петнаесет) дена веб-страницата на МРТ не е подновена во делот на вестите. Во последните 10 дена се објавени само два конкруси за песни.

Авторот на оваа лекција тука се соочува со апсурдниот момент: Овој факт е толку неверојатен што ја прави нереална целата ситуација! Зарем е можно официјалната страница на јавниот национален телевизиски и радиосервис да не е ажуриран, да „замрзнал“ на 11 авугуст и никој тоа не го забележал? Или, можеби, се откажале од своето интернет-издание?!? Истото она што во 2013 година го најавија како чудо од веб-страница кога јавноста дозна дека за интернет-платформата на МРТ се потрошени 6 милиони денари. Сто илјади евра народни пари, пари на сите граѓани на Република Македонија за веб-страница кој работи повремено, односно е во хибернација, спие, веќе осум дена.

И тоа не е првпат. Досега се регистрирани неколку застои од по неколку денови. Претходниот е регистриран во март оваа година и траел најмалку шест дена. Дупка во меморијата на МРТ, од пет-шест дена, има и меѓу 31 јули и 4 август.

Некој ќе рече, луѓето се на одмор, август е сега. Ама во март каде биле? Во зимски сон?!?

Не, ова не е за шега. Оваа ситуација е за најостра осуда. Премиерот во изминатите денови, во периодот кога администраторите, новинарите, уредниците, директорите на МРТ се во длабок летен сон, пушта во употреба толку нови чешми, прозорци, канализации… и ништо од тоа нема на веб-страницата на МРТ.

За волја на вистината, во делот на вебстраницата наречен http://play.mrt.com.mk, се ставаат во видеовестите, но тоа е толку непрегледно и тешко достапно што само ја засилува конфузијата на страницата. Таа конфузија секако не вреди 100.000 евра народни пари.

Патем, за да не заборавиме, веб-страницата на МРТ од 6 милиони денари нема апликации за мобилни телефони?! Во ерата кога секој човек е со мобилен телефон во раката.

И сега се прашува човек зошто лекција за една ваква состојба? Вреди ли? Вреди ли да се потсетиме на принципите врз кои треба да функционира јавниот радиодифузен сервис, телевизијата на граѓаните и за граѓаните – за сите граѓани во земјата? Вреди ли да се размислува за омбудсман во МРТ?

Вреди, зашто феноменот за кој зборуваме – непочитувањето на принципите на јавната телевизија е и непочитување на граѓаните. А, МРТ е сервис на граѓаните на Република Македонија. На сите граѓани.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести