verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кокаланов: Наша цел е со помош на насилство и уцени врз премиерот, да ја урнеме оваа и секоја следна влада

on 1 - 09 - 2015       
Кога човек си ја мрази доволно својата земја, парите не се пресудни.“ Сашо Кокаланов. Фото: приватна колекција

 

„Македонската читателска публика обожава хумор и сатира. Да не е така, никој не би гледал вести на „Сител“, „Канал 5“ и на МТВ, а факт е дека луѓето со голема сласт ги гледаат. Одговарајќи на сè погласните барања на публиката за сатира и за хумор, дури и политичките партии ги прилагодија своите соопштенија на овие жанрови.“

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Еден од основачите на порталот за хумор и сатира, „Коза ностра“, Сашо Кокаланов, во интервју за „Сервисот за проверка на факти“, ексклузивно открива кога македонската читателска публика ќе го има в раце најновиот број на магазинот „Коза ностра“.

 

Зошто баш „Коза ностра“ и од каде идејата за еден ваков проект?

Кокаланов: Дозволете ми најпрво да ја искажам мојата возбуда што давам интервју за „Сервисот за проверка на факти“. Отсекогаш сме сакале текст на „Коза ностра“ да биде фактички проверен, но, за жал, досега сите, па и од вашиот „Сервис“, слепо ни веруваат на нашите факти и не земале здраво за готово.

Што се однесува до идејата, таа не е воопшто наша, имено, како готова идеја ни е пласирана од странски служби, првенствено од оние кои не ѝ мислат добро на нашата земја, што за нас беше доволен мотив да се нафатиме. Парите не се толку големи колку што си мислат луѓето, некогаш се чувствуваме и како мечка во пештера, работејќи во служба на мрачните сили за некои пишливи две-три илјади евра неделно. Но, кога човек си ја мрази доволно својата земја, парите не се пресудни.

 

Колку македонската читателска публика сака хумор и сатира и какви се реакциите на вашите написи?

Кокаланов:  Македонската читателска публика обожава хумор и сатира. Да не е така, никој не би гледал вести на „Сител“, „Канал 5“ и на МТВ, а факт е дека луѓето со голема сласт ги гледаат. Одговарајќи на сè погласните барања на публиката за сатира и за хумор, дури и политичките партии ги прилагодија своите соопштенија на овие жанрови. За Владата и да не зборуваме, таа прва го насети високото ниво на смисла за хумор на јавноста и целата е претворена во подвижен циркус.

 

Во вашите вести најчесто се спомнуваат политичарите. Кој од нив, сепак, најмногу ве инспирира?

Кокаланов: Не би можеле да издвоиме никого посебно, затоа што некој би можел да се налути ако неправедно го испуштиме. Сепак, факт е дека повеќепати сме размислувале хонорарно да вработиме дел од нив, бидејќи некогаш толку ни ја завршуваат работата што ние сме само најобични нивни трансмитери.

 

Дали некогаш сте имале ситуација, некој од ликовите што ги спомнувате во вашите вести, да ви реагира за некој напис?

Кокаланов: Лично не ни реагирале, но ние во нивно име неколкупати досега сме си напишале деманти на вестите. Имаме неограничено полномоштво за такви работи. Сакам тука да се заблагодарам на транспарентноста на сите личности во Македонија, зашто досега не се случило да бидеме одбиени за изјава.

 

Добитници сте на наградата „Златна буба мара“  за „Најчитана веб-страница за 2014 година“. Ви беше ли тешко да се наметнете на македонскиот медиумски простор и за две години да станете најпосетувана веб-страница?

Кокаланов: Искрено, очекувавме барем овој податок, дека сме најчитана веб-страница во Македонија, да биде истражен од „Сервисот за проверка на факти“, но за наша среќа тоа не беше сторено. Инаку, сигурни сме дека ќе останевме далеку зад „Боза ностра“ и другите контрасатирични веб-страници, кои се во голем подем во земјава. Некои од нив дури повремено мора да бидат и затворани поради голем наплив на посети, па кога интересот малку ќе се стиши, пак ги отвораат.

Што се однесува до наградите, тука, за жал, ќе морам да се повторам со сите наши пејачи кои досега освоиле награди по фестивалите, а тоа е онаа магична реченица, дека ние не работиме за награди, но тие секако се голема сатисфакција. Нашата основна мисија е мир во светот и, евентуално, ако можеме, да наштетиме на Македонија онолку колку што знаеме и умееме. Ако вистински се посакува тоа и искрено се работи без да се штеди време и енергија, признанијата сами си доаѓаат.

 

На 1 август излезе во печат и магазинот „Коза ностра“. Кога читателите може да го очекуваат вториот број и дали ќе излегувате неделно или месечно?

Кокаланов: Според некои анализи на Ѓорге Иванов, за да излезе вториот, прво мора да излезе и првиот број. Не ни е до крај најјасно зошто е така, но нема зошто да не веруваме во научните сознанија на нашиот претседател, кој ако не прв, сигурно меѓу првите откри дека по јануари доаѓа февруари. Значи, точно е дека со смислена акција на повеќе диверзантски групи, на 1 август излезе специјално илинденско издание на „Коза ностра“, со една единствена цел – да се осквернави големиот македонски празник Илинден. Откако постигнавме забележителен успех, президиумот на Второто заседание на „Коза ностра“ донесе едногласна одлука да се поддржи ставот на Коминтерната „Коза ностра“ да прерасне во редовен сатиричен неделник. Ексклузивно за вашиот „Сервис“ може да објавиме дека првиот број на неделникот ќе излезе на 17 септември, два дена по големиот македонски празник Свети специјален обвинител и најмалку петнаесетте осомничени маченици. Од тој четврток, љубителите на „Коза ностра“ ќе може да се дружат со нас секој следен четврток. Се надеваме дека оваа операција, која нескромно ја нарековме „Пуч“, ќе успее, зашто целта на „Коза ностра“ е со помош на насилство и уцени на премиерот, да ја урне и оваа и секоја следна влада на Република Македонија, а кога ќе ни се пружи прилика за тоа – и уставниот поредок на државата.

 

Кои имиња стојат зад главните „мафијаши“ на „Коза ностра“?

Кокаланов: Ќе дозволите за оваа информација да свикаме посебна тематска прес-конференција, сега интервјуто го правиме за убави работи.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести