verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

МРТ: Дискредитацијата како суштина на информирањето

on 4 - 03 - 2015       
Протестот пред МРТ на Граѓанската платформа „Ајде“. Фото: ФОСИМ, 2015
МРТ со ненаучена лекција и натамошни дискредитации – протестот пред Македонската радиотелевизија на Граѓанската платформа „Ајде“. Фото: ФОСИМ, 2015

 

МРТ во својата реакција на настанот, наместо да отстапи простор за оправданите протести на граѓаните, во духот на традицијата на највалкани пропагандистички техники, се обиде преку манипулација и клевета да го дискредитира собирот со тоа што ќе дискредитира еден-двајца од неговите учесници и говорници.

 

Пишува: Сашо Орданоски, експерт по комуникациски науки

 

Протестот на граѓанската иницијатива „Ајде“ пред МРТ (28 февруари 2015 година), со изведување перформанс насочен кон разобличување на пристрасното, неизбалансирано и непрофесионално известување на МРТ во изминатите низа години за случувањата во земјата, својата оправданост ја потврди уште истиот ден – од известувањето и од реакцијата на МРТ за самиот протест. Иако перформансот вклучуваше повеќе содржини и говорници кои се осврнуваа на потребата МРТ, како јавен сервис на сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната политичка или друга ориентација, да обезбеди рамноправен и објективен третман на сите релевантни политички и општествени чинители во македонската реалност (како, на пример, „24Вести“ и „Радио Слободна Европа“), МРТ во својата реакција на настанот, наместо да отстапи простор за оправданите протести на граѓаните, во духот на традицијата на највалкани пропагандистички техники (која се именува како „пренесување на значења“) се обиде преку манипулација и клевета да го дискредитира собирот со тоа што ќе дискредитира еден-двајца од неговите учесници и говорници. Оваа пропагандна техника е една од најчесто употребуваните во работата на МРТ, како што е тоа често застапено и во соопштенијата на политичките партии, кога треба да се скрие немањето аргументи за одговор на оправданите критики во јавноста.

 

ВАЛКАНА ИНСИНУАЦИЈА – ЦЕНТАР НА „ИЗВЕШТАЈОТ“

Имено, во своето известување од настанот, чијашто најава уредникот на информативната програма на МТВ, го направи со „фројдовски“ необично длабоко наведната глава пред камерите на националната телевизија (може да се види овде), репортерот наместо за содржината на протестот, во својот извештај двојно повеќе време издвојува за инсинуацијата дека некои од говорниците на протестот, наводно, во 2008 година учествувале во „матна зделка“ за набавка на опрема во вредност од 475.000 евра, којашто подоцна се покажала како нефункционална за националниот радиодифузер:

„Меѓу првите луѓе на денешниот протест беа новинарот Зоран Бојаровски и директорот на соросовата фондација „Отворено општество – Македонија“, Владимир Милчин. И двајцата се поранешни членови на Советот на МТВ. Бојаровски беше и претседател на Советот, и тоа во 2008-та година, кога претседател на УО на МРТ е Леонид Наков, поранешен член на ЦО на СДСМ.  

Тогаш се реализира една матна зделка од која МРТВ и денес трпи последици. Во директна спогодба и без тендер, е склучен договорот со словенечката компанија ТСЕ за набавка на студиска опрема, кој потоа се покажа како  штетен за ЈП. МРТ го загуби судскиот спор и сега треба да плати околу 1,5 милион евра.“

Валканата инсинуација за наводниот криминал што го направиле спомнатите во прилогот надворешни членови на програмските и на управните органи на МРТ – заради што, информира репортерот, доцнеле декемвриските плати во МРТ! – е „професионално“ избалансирана со изјава на Бојаровски во која тој вели:

„Јас не се сеќавам на тоа. Тоа го правеа стручните служби. Советот нема улога да ги води тие процеси, има улога да укажува и препорачува на УО и на директорите на Телевизијата да ги завршат тие судски процеси што е можно побргу.“

Иако изјавата на Бојаровски јасно упатува на тоа кој и за што е одговорен во работата на МРТ, репортерот продолжува да се прави новинарски „наивен“, па како претставник од „стручна служба“ за поткрепа на своите новинарски инсинуации зел изјава од раководителот на секторот за техника при МРТ (кој, посредно, дополнително „ги товари“ сомнежите дека Бојаровски навистина бил вклучен во некаков наводен криминал!), наместо од надлежните за финансиското или за правно работење на МРТ, кои би објасниле за што, всушност, се работи и кој е навистина обвинет за судскиот процес што сè уште нема конечна правна завршница.

Ваквиот провидно непрофесионален и клеветнички пристап во работата на репортерот од настанот, не му попречил ни на уредникот, со што и самиот станал дел од уште една информативна валканица на нашиот јавен радиодифузен сервис.

 

САМОПРИПИШУВАЊЕ СОМНИТЕЛНИ ФАЛБИ ОД „МЕЃУНАРОДНИТЕ НАБЉУДУВАЧИ“

Но, професионалната „наивност“ на овој новинарски тандем не завршува само во овие сегменти на прилогот. Како потврда на наводната избалансираност и професионалноста на информативниот јавен сервис МТВ, наспроти тврдењата на претставниците на „Ајде“ во протестите, во спомнатиот прилог се нуди оцената содржана во последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги,  посветен на политичкиот плурализам за време на изборната кампања:

„Македонската телевизија обезбеди рамноправен пристап за учесниците во изборната кампања, согласно новите законски правила.“

При тоа, тие додаваат дека за работата на МТВ „слична била оцената и на меѓународните набљудувачи“ на изборите.

Прво, „меѓународните набљудувачи“ дадоа мошне критички осврти врз работата на медиумите за време на изборите, па не е можно овде да се осврнеме на тврдењата за нивните наводни позитивни оценки, бидејќи, за разлика од квалификуваниот извор од извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, репортерско-уредничкиот тандем во својот извештај од протестите не наведува кои се тие „меѓународни набљудувачи“ и каде дале позитивни оценки за МРТ. Но, второ, од увидот во содржината на протестот на „Ајде“ (може да се види и овде или овде) јасно е дека критиките на протестите не се однесуваат на изборното известување на МРТ, туку на нејзината севкупна непрофесионална и политички пристрасна информативна работа во изминатите години – што претставува плитка информативна злоупотреба за замена на тезите.

Сè на сè, од професионален новинарски аспект, и оваа информативна реакција на МРТ за општествено-политичките случувања во Република Македонија може да се оцени како уште еден невешт, но грд новинарски обид за прикривање на реалноста и на самите факти од случувањата во државата. Веројатно ќе било подобро МРТ и овој настан да го премолчела, одошто со газење врз елементарните принципи на новинарството, пропагандно да го злоупотреби за свои политички цели.

 

(Напомена: Во име на целосна транспарентност, Ве известуваме дека колегата Зоран Бојаровски, чие име се спомнува во анализираниот прилог на МРТВ, а со тоа и во овој текст, е соработник на „Сервис за проверка на факти во медиумите“)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести