verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумските аспекти на известување за конфликтните состојби (примерот на Ирак – 2 дел)

on 27 - 06 - 2014       
Портрет на лидерот на екстремистичката и терористичка милитантна организација ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади. Фото: Тhierry Ehrmann, јуни 2014

Портрет на лидерот на екстремистичката и терористичка милитантна организација ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади. Фото: Тhierry Ehrmann, јуни 2014

Презентирањето на изјави без притоа да се провери нивната веродостојност е, исто така, сериозен проблем, кој мора да биде земен предвид во оваа анализа. Дел од медиумите го согледале ова, па со резерва ги пренесуваат информациите дека борците на ИСИС не познаваат граници, односно дека по освојувањето на Ирак ќе продолжат кон Јордан и Либан. Таа „резерва“ е преку пренесување на ставови на експерти и официјални лица од овие земји околу оспособеноста на нивните земји да се спротивствават на напливот на терористи и радикални групи.

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Последниве денови сѐ почесто известувањата за состојбите во Ирак се насочени кон три суштествени проблеми:

  1. Државата постепено се распаѓа и дека федералната Влада не е во можност да ги контролира ниту армијата, ниту полицијата;
  2. Ирачките Курди се сѐ погласни во своето барање за автономија од Багдад;
  3. Тероризмот како последица може да ги зафати западно-европските земји од каде доаѓаат борците на ИСИС, но пред сѐ САД.

Дневник ги лоцира првите два проблеми преку изјавата на првиот човек на регионот Курдистан. Според него:

„Ирак очигледно се распаѓа и очигледно е дека федералната влада изгуби контрола над сѐ. Сѐ се распаѓа, и армијата и трупите и полицијата. Ние не го предизвикавме падот на Ирак, другите го сторија тоа. Но ние не можеме да останеме заложници на непознатото. Изминатите 10 години направивме сѐ што можевме, ги вложивме сите напори и покажавме целосна флексибилност за изградба на нов, демократски Ирак. Обидот, за жал, не се покажа успешен, а последните случувања во Ирак се доказ дека Kурдите треба да ја искористат својата можност.“

Третиот проблем -тероризмот почнува поинтензивно да се согледува и од интернет мрежите низ светот, при што е очигледно дека, според ИСИС, причина за ваквиот чин е :

„Американското мешање во делувањето на Исламска држава во Ирак и Сирија, а тоа ќе значи дека американскиот неверник ќе биде цел на секој свет војник во кој и да е дел од светот“, – Актуелно 24 мк

Меѓутоа, од она што може да се прочита на медиумите, ИСИС е мошне активен и на Твитер, па дури имаат и свои членови – хакери. Пример за тоа е хакирањето на службената страница на Светското фудбалско првенство каде му честитаа на најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси за голот и победата над „заедничкиот пријател“ Иран. И, патем, го повикаа да им се придружи во џихадот (света војна), односно да стане – терорист – Спорт медиа мк. Твитер се користи и за закани упатени кон САД доколку оваа држава изврши воздушен напад врз силите на ИСИС – МКД

 

ИДЕЈАТА ЗА СЕПАРАТИЗАМ – НЕПРИФАТЛИВА ЗА ЗАПАДНИОТ СВЕТ

 

Неспорно е дека никој од западниот свет не ги поддржува идеите за сепаратизам во Ирак, без разлика дали тие доаѓаат од страна на малцинските сунити , Курдите или евентуално од некоја друга страна која би можела да пројави такви афинитети. Напротив, американските сили кои се праќаат во Ирак имаат за цел да ги спречат офанзивните дејствувања на џихадистите, но истовремено и да овозможат нови политики во земјата кои ќе им овозможат поголемо присуство на сунитите во Владата. Сепаратизмот на Курдистан не е ставен како точка на размислување во сегашниот момент.

Изјавата на ирачкиот премиер  по повиците за смирување на состојбите, исто така, предизвика медиумско внимание. Речиси сите медиуми ја пренесоа неговата реченица дека:

„Барањата за формирање на Влада на национално единство се државен удар врз Уставот и демократските вредности на државата, односно дека е спротивно на политичките процеси во Ирак“ – Радио Слободна ЕвропаКанал 5, Нетпрес

Тоа, пак, нѐ аспектира кон веќе споменатите непринципиелни коалиции, кои до пред некој месец не можеа ниту да се претпостават. Посебно кога се гледа улогата на САД во овој регион. Дневник , на пример, потсетува дека:

„Ова е ситуација во која Обама може да се соочи со тотален крах на кредибилитетот. Kако ќе објасни дека во исто време индиректно ги поддржува ИСИС во Сирија, а планира да се бори против него во Ирак?“

Или како:

„Западот ќе се обиде да и продаде на јавноста уште една наводна секташка војна, кога ова е војна за црното злато од ирачкиот север и војна за одбрана на репутацијата и интегритетот на западните лидери кои го предизвикаа хаосот на Блискиот Исток. А за теророт во неа ќе се „погрижи“ оружјето што Запад им го испраќа на сите засегнати страни.“

Ова прашање за финасирањето на воените активности на Блискиот исток го поставува и Русија при што од оваа земја се повикува на поголема мобилност во поглед на контролирањето и санкционирањето на бродовите кои пренесуваат нафта од деловите на земјата кои се под контрола на терористите во Ирак. Според нив, Советот за безбедност на ОН треба да ја има главната улога во овие мерки од причина што лидерите на голем број други земји имаат двојни стандарди за ова прашање.

 

ДО КАДЕ ОДИ МОЌТА НА ПРОПАГАНДАТА?

 

Презентирањето на изјави без притоа да се провери нивната веродостојност е, исто така, сериозен проблем, кој мора да биде земен предвид во оваа анализа. Дел од медиумите го согледале ова, па со резерва ги пренесуваат информациите дека борците на ИСИС не познаваат граници, односно дека по освојувањето на Ирак ќе продолжат кон Јордан и Либан. Таа „резерва“ е преку пренесување на ставови на експерти и официјални лица од овие земји околу оспособеноста на нивните земји да се спротивствават на напливот на терористи и радикални групи. Всушност, свеста за потенцијалниот проблем во најлош случај е подобра од негирањето дека некаков проблем воопшто и постои.

Дека не е сѐ оставено на случајноста и внатрешните ресурси говори и информацијата за посетата на претставници од Јордан на Германија.

„Мора да биде зајакната поддршката за Јордан во совладување на бегалската криза, но и оти долгорочната помош треба да биде поврзана со одредени услови. Имено, без натамошно политичко отворање на се уште авторитарниот режим во Јордан и без социјално врамотежена економска политика, се заканува опасност од јакнење на екстремистите“. DW

Во оваа насока може да се анализира и известувањето на некои медиуми дека:

„Дури 70 отсто од џихадистите кои војувале во Сирија и во северен Ирак се инфицирани со опасни полови болести, а околу 30 отсто од нив се заразени и со СИДА.“ A1 on

Или пак:

„Бизарната понуда на облека и предмети кои ја промовираат исламистичката групација ИСИС која во Ирак последниве денови врши масовни злосторства и се заканува со преземање на Багдад. Можат да се купат маички и безбол капи со исламистички слогани и натпис „ИСИС“, од асортиманот етаблиран како „терористички бренд“. Либертас

Можеби најсериозни се заканите кон немуслиманското население, при што неменувањето на верата е причина за терор од секаков вид кон оваа популација во окупираниот дел од терористите на Ирак- Канал 77.

На што треба да се внимава при известување во конфликтни состојби?

  1. Понекогаш е подобро пораките да не се пренесат (или да се пренесат одложено и по добра анализа за ефектите од нив) отколку да се предизвика бран од немири кај поголема популација во загрозеното подрачје. Проценка на редакциите е кога и дали ова треба да се примени, односно дали е подобро да се прескокне некоја „добра сторија“ во интерес на „општото добро на засегнатата заедница“;
  2. Генерално мора да се надмине потребата за сензационализам во ваквите состојби -тој не е во ничиј интерес;
  3. Понекогаш потрагата по различни аспекти е контрапродуктивна (да не речам глупава- кога сите известуваат за војна – вие да се занимавате со половите заболувања на терористите) ;
  4.  Да се користат термините во нивното право значење: не е исто ако Обама пратил 300 советници да стои наслов дека 300 војници од САД пристигнале во Ирак. (подолу во текстот се објаснува дека тие нема да војуваат, туку ќе ги советуваат Ирачаните и ќе им обезбедуваат разузнавачки информации, но не секој ги чита текстовите во целина, некои се информираат само од насловите).

(крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести