verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумски (не) активизам

on 20 - 02 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: (Jo) aktivizmi medial

Медиумски (не) активизам

Медиумите имаат огромна улога во промоцијата и заштитата на човековите права. Посебно значење има поддршката која медиумите можат да ја дадат во заштитата на правата на ранливите групи (сите оние кои се надвор од центрите на моќта, кои се изложени на посебни видови насилство, кои во општествено понеповолна положба и кои се дискриминирани). Или би требало да имаат.

Многу често изгледа дека темите поврзани со ранливите групи и со заштитата на човековите права не се толку атрактивни како што се актуелните политички настани, ниту пак се во директна врска со овие настани. Меѓутоа добриот новинар -истражувач може и треба да ја најде оваа врска. Добриот новинар -истражувач може и треба да ги стави заштитата на човековите права и на ранливите групи во контекстот на актуелните политички настани и да се појави како критичар и контролор на власта која презела обврска да создаде услови секој граѓанин на еднаков начин да може да ги практикува правата и слободите.

Функцијата на куче чувар (watch dog) ја имаат посебни медиуми, меѓутоа елементите на оваа функција се очекува да бидат дел од целокупното новинарство и дел од работата на секој медиум.

Оваа функција подразбира продлабочен интерес за концептот за човекови права, анализа на активностите кои ги презема државата во насока на нивно практикување,    реакција на големи нарушувања на човековите права и промоција на активности (настани) поврзани со подигањето на свеста за конкретен проблем (повреда) поврзан со човековите права.

Македонија се наоѓа во своевидно гето од аспект на глобалните светски случувања поврзани со промоцијата и заштитата на човековите права. Во многу ретки случаи, Македонија станува дел од некое светско збиднување во оваа област и токму медиумите се тие кои можат да придонесат многу за излегување од гетото на неинформираност.

Во овој контекст би го сместила и медиумското покривање на последниот настан поврзан со човековите права, со кој требаше да се анимира јавноста, но пред се   државата/власта/политиката за насилството над специфична ранлива група – жените.

Инициран од глобалното движење В-ден (VDay) на 14 Февруари се одржа настан под наслов „Една милијарда се крева против насилство“ (One Billion Rising) со кој ширум светот се одбележа спремноста на луѓето да се спротивстават на раширеното насилство врз жените и се одбележа 15-годишнината од постоењето на движењето.

Ваков вид настани треба не само да го привлечат вниманието на медиумите и да се најдат на нивните први страни, туку уште повеќе се очекува дека токму медиумите:

  • ќе помогнат во промовирањето на идејата која што стои зад настанот
  • ќе помогнат во организација на настанот
  • ќе ја искористат можноста да пласираат одредени сознанија за актуелната ситуација во Република Македонија
  • ќе ја искористат можноста да им постават прашања на политичарите
  • ќе ја искористат можноста да направат врска со актуелни политички случувања, проблеми, ситуации

Што (не)направија медиумите во Македонија?

1. Промовирање на идејата.

Во ниту еден медиум не се појави пошироко објаснување за идејата која што стои зад ова движење. Медиумите се задржуваат на по два до три пасуси кои даваат минимални информации за кампањата, за самото движење и за идејата на конкретниот настан. Во ниту еден медиум не најдоа место четирите клучни постулати врз кои се гради целото движење:

  • Уметноста има моќ да го трансформира мислењето и да ги инспирира луѓето да делуваат
  • Континуираната општествена и културна промена се шири од страна на обичните луѓе кои прават необични нешта
  • Локалните жени најдобро знаат што им треба на нивните заедници и можат да станат незапирливи лидери
  •  За да се разбере насилството против жената мора да се има предвид меѓусебното влијание на расата, класата и родот

Дури медиумите не најдоа за потребно да објаснат што значи името на движењето и посебно што значи В во V-Day. Според официјалната страна на движењето В е за: Победа (Victory), Валентајн и Вагина.

2. Организација на настанот.

Ниту еден медиум фактички не се вклучи во организација на самиот настан. Имено, настанот се подготвува со месеци, што подразбира развиена методологија, воспоставување врски, употреба на видео и пишани материјали, објаснување на целта. Сè со цел анимирање на што е можно поголем дел од населението и подигање на гласот на голем број луѓе против насилството над жената.

Вистинско вклучување на медиумите во организацијата на настанот подразбира континуирано известување за подготовките, продолжителни анализи поврзани со идејата и целта која што треба да се постигне, упатување отворени повици и учество во настанот не како набљудувачи/известувачи туку како составен дел на активноста.

Наспроти ова, медиумите во Македонија прв пат го спомнаа настанот еден ден пред неговото одржување (некои дури се задржаа на известување единствено од самиот ден или дури и ден после тоа).

3. Анализи на актуелната ситуација во Македонија.

Настанот не беше искористен за пошироко запознавање/потсетување на јавноста со ситуацијата со насилството врз жената во Република Македонија (со многу мал број и крајно недоволно издвоен простор, како на пример информациите дадени на порталот Радио Слободна Европа).

Имено, медиумите не ја искористија можноста (заради што всушност и се прават настани од ваков вид) да ги потсетат граѓаните (и властите) на бројките, случаите и активностите поврзани со насилството над жените во Република Македонија.

Нема интервјуа со жени кои биле жртви на насилство и кои решиле да се спротивстават (освен по два три збора кажани попатно во кратките информации за настанот).

4. Прашања за политичарите и јавните личности.

Медиумите не го искористија настанот да се обратат на политичарите и да ги запрашаат што е направено за намалување на насилството врз жените, како мислат понатаму да се борат со насилството над жените, дали во изборните програми има посебни делови кои се однесуваат на ова?

Медиумите не ги запрашаа политичарките што мислат за состојбите во Македонија и какви активности преземаат на функциите каде што се наоѓаат?

На ниту еден медиум не му запара очи отсуството на политичарите од ваква акција. Како да е тоа нормално и сосема во ред. И како овие теми да се надвор од обврските на државата. Медиумите не поставија прашање зошто на настанот не се придружија политичарите, каде беа јавните личности, професорите, огромниот број невладини организации кои наводно се бават со родовата еднаквост и дискриминацијата на жената? Политичарите покажаа дека не им е гајле за насилството над жените, а медиумите не реагираа на тоа.

Медиумите не се заинтересираа зошто има толку мал број граѓани кои излегле на плоштадот и што се случува во другите градови во Република Македонија.

5. Врски со други настани и случувања.

Вообичаено ваков вид настани се користи за да се воспостават врски со актуелни општествени или политички состојби во државата. Не и во Македонија.

Во  медиумите не се направи врска со настаните од 24.12.2012 година и насилството над пратеничките во Собранието на Република Македонија. Не се направи врска ни со глобалната маскулинизација на општеството која се манифестира не само во отсуството на жената од клучните места на управување туку и во начинот на прикажување на историјата низ новите архитектонски решенија кој ја потенцираат улогата на машкиот род во историјата и во основа повеќе зборуваат за насилството во историјата отколку за други вредности.

Во медиумите немаше анализа зошто овој настан е толку лошо организиран, зошто толку малку луѓе, зошто реклами во спотот против насилството, зошто лошо озвучување. Зад бомбастичните наслови “Македонија дел од глобалната кампања да запре насилството врз жените“ се криеја по два-три сиромашни пасуси набрзина напишан текст од кој  остана впечатокот дека станува збор за настан кој се спротивставува на домашното насилство, или на некое насилство кое се случува во други држави и врз други жени, а не настан со кој жените го дигаат својот глас против условите кои создаваат насилно опкружување и кои резултираат во специфични облици на насилство врз жените секаде во светот и овде во Македонија.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Медиумски (не) активизам

  1. Во врска со следнава забелешка: ** “(со многу мал број и крајно недоволно издвоен простор, како на пример информациите дадени на порталот Радио Слободна Европа)”.

    Предлагам поажурно да прибирате податоци за Вашето истражување :

    http://www.makdenes.org/content/article/24902487.html

    ова е оптималниот медиумски сегмент за одреден настан согласно меѓународните стандарди

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести