verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумска писменост – брана против манипулации

on 22 - 04 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Фото: Truthout.org, 2010

Фото: Truthout.org, 2010

Конзументите на медиумските содржини мора да развиваат сопствени критички вештини и знаења кои ќе им помогнат да ги поврзат комплексните идеи, да ги препознаат правите одговори, да ги идентификуваат заблудите и критички да ги оценуваат медиумските содржини. Со еден збор, ова подразбира медиумска писменост и поседување на креативни вештини да се откријат манипулациите во медиумските производи.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Според дефиницијата, медиумите се средство за масовно информирање, но и најсилно средство за оформување на системот на општествените вредности со кое се влијае на формирање на јавното мислење. Меѓутоа, во ера на глобализацијата медиумите сé повеќе стануваат и „средство на  масовното интерпретирање“, па, според тоа,  се повеќе се губи нивната функција на комуницирање и едукација, а се повеќе ја преземаат улогата на манипулација со граѓаните.

Поради тоа, уште во 2007 година Советот на Европа препорача едукација на граѓаните во правец на нивната позиционираност и преобликување од пасивни потрошувачи на медиумските информации и комуникации  во активни конзуметни на медиумски производи, кои свесно, активно и одговорно соучествуваат во перцепцијата на понуденото. Притоа, препорачуваат силна и масовна едукација на граѓаните во правец на нивното оспособување секој медиумски производ критички да го оценат, социјално да се мобилизираат во правецот на општествениот активизам, оценувајќи дека ваквиот пристап кон медиумите е основа за демократско општество.

 

ЛАЖЕН МЕДИСКИ ПЛУРАЛИЗАМ

Џејмс Потер, професор на Калифорниски универзитет во Санта Барбара, својата студија за медиумска писменост ја започнува со констатација дека најголем дел луѓе денес им дозволуваат на медиумите да ги програмираат нивните навики и поглед на светот. Затоа е важно со медиумско описменување на луѓето не само да им овозможиме да ги „избришат“ оние редови и податоци што медиумите ги програмирале во нивниот ум, туку да ги заменат со сопственото мислење и идеите за општествените битисувања. Тој вели дека денес, кога има сѐ повеќе медиуми, многу е тешко да се разликува објективна и поптполна информација од манипулативна, искривена или полувистинита. Медиумската писменост, според неговата теорија, во една реченица подразбира способност да се прочита, разбере, навлезе во сржта на информацијата и да се согледа, анализира, евалуира медиумската порака и селектира манипулацијата. Според него, граѓаните во најголем број на држави квантитативно несомнено имаат медиски плурализам, но квалитативно гледано несомнено го немаат. Во прашање е лажен медиски плурализам.

Затоа, конзументите на медиумските содржини мора да развиваат сопствени критички вештини и знаења кои ќе им помогнат да ги поврзат комплексните идеи, да ги препознаат правите одговори, да ги идентификуваат заблудите и критички да ги оценуваат медиумските содржини. Со еден збор, ова подразбира медиумска писменост и поседување на креативни вештини да се откријат манипулациите во медиумските производи. Овие вештини овозможуваат да се разбере правата улога на медиумите, граѓаните да се ослободат од стереотипите и внимателно и критички да ги следат содржините во медиумите. Не смеат да дозволат некој да ги спинува и да се информираат преку медиумите во кои некролозите се единствената точна информација. (…„ВМРО-ДПМНЕ е модерно организирана партија во која секој член без разлика на партискиот стаж… добива еднаква шанса… не е мит дека Груевски и тимот околу него работат 24/7. Можете да ги замислите шминкерите  од СДСМ од утро до полноќ во Влада, тие повеќе сакаат да пијат кафе“… . (Лидер)

После пет века на една врста на писменост, мораме  да се подтготвиме за нов вид описменување, зашто медиумите во своето делување заземаат важна позиција во формирањето на општествените кодови и генерирање на начинот на примената на важните јавни дискурси. Тие стануваат најсугестивниот фактор во обликувањето на начинот на размислување на граѓаните и нивното однесување.

 

РЕЦИКЛАЖА НА ИНФОРМАЦИИТЕ

Како што предупредува канадскиот теоретичар Маршал Маклуан, техничките перформанси на медиумите  во „глобалното село“ влијаат на начинот на кој ќе се обликува  медиумската порака и како таа ќе се пренесе до конзументот (читателот, слушателот, гледачот) и која „идеологија“ ќе се најде  во поттекстот на пораката. Влијанието го зголемува начинот на пренесувањето на пораката преку најмоќните информациско-комуникациски технологии: интернет, ТВ, радио, билборди и други нивоа на маркетиншки комуникации. Во конкретните случаи медиумската писменост нѐ учи како да развиеме способност за  разбирање, за читање, примање, за архивирање и бришење – рециклирање, на огромниот број пораки, содржини, слики… Со еден збор, медиумската писменост ни овозможува и ни помага во ситуација на општествена заситеност со медиуми да препознаеме јавен интерес во информациите и во медиумите. Да разликуваме форми на пренесување на информациите, уредувачките концепти и стилови кои влијаат врз обликувањето на информациите.

Граѓаните мора да научат да ги препознаваат пораките и да ги филтрираат информациите во потрага по најрелевантите, затоа што на крајот ова е најважното прашање поврзано со препознавање и заштита на јавниот интерес. („две јатрви не можеле да се договорат за редоследот на пружање алишта во дворот… и се степале со тегли, ќерамиди“... (Канал 5/рецензија).

 

ДЕШИФРИРАЊЕ НА ИЗМАМИТЕ

Повеќето свесни или несвесни реакции на граѓаните потикнуваат од „аромата“ која претходно ја создаваат медиумите.

Со помош на медиумската писменост, анализираме, разбираме, толкуваме и препознаваме влијание на миедумите врз нашиот личен и општествениот живот. Објективната информација е основното човеково право, база на демократскиот живот преку кој граѓаните го формираат критичкото и објективното мислење за состојбата и појавите во едно општество.

Благовремена и точна-објективна информација е темел на партиципативната политичка кулутра преку која граѓаните секогаш и повторно се потврдуваат како субјекти на општествената заедница. Медиумското образование помага подеднакво на сите  членови на општеството полесно да ги дефинираат изворите, намената и целта на информацијата, да ги откријат и препознаат интересите, да ги дешифрираат пораките и карактерот на понудената информација во дадениот контекст на општествено-политичкиот, социо-економскиот и културолошкиот амбиент. Ова е посебно важно во време и во моментите на турбулентините  општествени промени кога информациите што медиумите  ги пласираат можат да бидат столб на стереотипите, дискриминација, дисквалификација… со еден збор, општествено негативните модели и техника на црно бело информирање. (…„Заев е во паника дека по поразот на претстојните избори, ќе го загуби легитимитетот и како градоначалник во Струмица“… ) (Сител).

Континуирана медиумска едукација не само што е одговор на ваквите општествени и медиумски појави, туку е и одговор на хиперпродукција на иформации кои често го збунуваат  корисникот (читателот, гледачот слушателот)  или според моделот на фабрикувано мислење му ја затупуваат критичко-објективната рефлексија на толкувањето на општествените и медиумските пораки. Кога во време на беспоштеден натпревар на медиумите во позиционирање за рекламен простор и профит, за да ги привлечат големите огласувачи, конзументите се привлекуваат да паѓаат на ниските страсти и турбофолк, опасноста е голема ако медиумот секој ден информира за некој настан кој воопшто не е важен, а се добиваа претстава дека е многу важен само затоа што медиумите непрестано зборуваат за тоа. Тогаш, улогата на медиумската писменост е и во подигнувањето на нивото на чувствителност на граѓаните за значење на новинарството во демократските општества. Изборот на содржините кои масовните медиуми ги пренесуваат и ние тоа го примаме свесно или несвесно, влијае на нас да заземаме став дека таквата информација е од животна важност, иако таа од стојалиште на здравиот разум е на ниво на инцидент или периферна информација и ефтина забава.

 

СПИНУВАЊЕ

Како современи суштества не можеме без медиуми, но тоа не значи дека мораме да ја голтаме искривената слика на реалноста, да се лажеме со шарените сликички или да се плашиме од некакви претпоставни несреќи. Со еден збор, да не дозволиме медиумите да не програмираат.

Најеклатантен пример на манипулација со граѓаните, или спинување, е кога медиумот ќе ја сврти приказната во нечија полза, но и мислењето на јавноста ќе го сврти во полза на оној кој ја пласирал информацијата. Тоа е неискрена и измамничка тактика да се постигне некакава цел. Во спинувањето не се користи лага, но пласирањето на информацијата не се разликува многу од лажна содржина, фактите се изнесуваат селективно, се преувеличува некој настан, особините и вредностите на одредена личност или група и се истакнуваат небитните работи за да се сокријат битните (…„Зоран Ставревски најави натамошно стимулирање на економијата преку повеќе мерки, планирано е да бидат вложени 100 милиони евра “… (МРТ).

Медиумската писменсот денеска е неопходна за да се одбраниме од малнипулациите кои го спречуваат индивидуалното и критичкото мислење и самостојното одлучување на граѓаните. Затоа, медиумската писменост  во некои држави  претставува обавезен предмет уште во основните училишта за децата да научат да ги разликуваат, анализираат и креираат медиумските пораки.

Во нашето опкружување во Црна Гора, Босна, и Србија, во рамките на Факултетите за политички науки и новинарските здруженија посебно се води голема кампања за развојот и полуларизацијата на медиската писменсот меѓу граѓаните (кампања „Не дај да те спинују“, која се води од следниве организации: www.mediskapismenost.net, www.nuns.rs, www.uns.rs, www.ndnv.org). На секој поединец пружена му е можност да направи увид како медиумите работат, како новинарите доаѓаат до информациите и ги организираат во разбирливи приказни. Медиумската писменост не е алатка за читање меѓу редови, туку следење на новинарските постапки со кои тие го прават медиумскиот производ во печатена, звучна или визуелна форма. Таа е главна алатка за граѓаните да им укажат на новинарите дека нивниот професионален ангажман не може да се сведе само на објавување на партиски или државни соопштенија или изјавите на политичарите и државните функционери, како ни на следење на конференции за печат како најлесен начин преку кој општествените субјекти ги интерпретираат настаните и ги пласираат во јавност, дури и во оние ситуации кога новинарите немаат можност да постават прашања.

Граѓаните се тие  кои имаат право од новинарите да бараат да ги преиспитаат своите  професионални рутини, да се погледнат во огледало и да ги проверат професионалните стандарди и кодекси на однесување.

 

СОМНИТЕЛЕН КВАЛИТЕТ

Во целиот процес треба да се вклучат јавните електронски медиуми како промотори и заштитници на медиумската писменост и да имаат строга селекција на квалитет на медиумските содржини кои ќе ги задоволат сите стандарди на новинарската професија и новинарските кодекси. На тој начин со обострана одговорност – и  на оној кој емитува информацијии и на оној кој ги прима – медиумите и граѓаните можат заеднички да ги остварат целите на мирниот стабилен и проспетитететен општествен развој, растеретен од екстремизам, нетрпеливост, омраза, национализам, сегрегација, дискриминација…

Посебно треба да се истакне важноста на јавните сервиси во демократските процеси кои во мултимедијална  и мултикорпорациска култура на граѓаните ќе им пружат потребно знаење и вештини со кои ќе бидат активни учесници и во демокртаските процеси.

Прашањето со кое последната деценија интензивно се занимаваат комуниколозите се токму програмите на јавните сервиси на радио и ТВ станиците кои би требало да бидат пример за отпор против глобалното  мултикорпорациско влијание на оние медиуми, кои својата моќ ја одмеруваат во силеџиското наметнување на информациите, преку кои на граѓаните им сугерираат/наредуваат што треба да мислат, наместо да им помогнат да го изградат сопственото мислење. Да не заборавиме дека телевизијата е за мнозинството граѓани сѐ уште единствениот прозорец кон светот и дека таа им го формира вкусот, совеста, свеста, мислењето и директно или индиректно прогресивни или деструктивни реакции.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести