verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дали партиските програми навистина ги штитат интересите на граѓаните

on 22 - 04 - 2014       
Промоција на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Фото: службена фотографија, ВМРО-ДПМНЕ

Промоција на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Фото: службена фотографија, ВМРО-ДПМНЕ

Задача на критичкото и аналитичко новинарство е со своите прашања и анализи да ги стимулира политичките партии кон што е можно поголема  отвореност за влијание на граѓаните и понуда на политики и решенија кои претставуваат одговор на поставените барања и јасно манифестираните интереси на граѓаните.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Суштината на изборите, согласно Уставот на Република Македонија, е содржана во членот 2 од истиот:

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Тоа значи дека граѓаните не избираат претставници кои ќе владеат во нивно име, туку претставници преку кои самите граѓани ќе ја остваруваат власта. Граѓаните не го отуѓуваат својот суверенитет и не го пренесуваат својот правото да управуваат на пратениците, туку го остваруваат суверенитетот преку нив и преку нив самите граѓани управуваат.

Ова значи дека во едно демократско општетсво, политичките партии кои се борат за власт не им нудат на граѓаните свои замисли за иднината, програми на сопствените желби и аспирации, туку идеи како да се задоволат потребите и интересите на граѓаните.

За да може политичките партии да понудат активности кои ќе обезбедат остварување на потребите и интересите на граѓаните, тие треба да ги слушнат граѓаните, да ги дознаат нивните потреби и интереси, да ги земат предвид во креирањето на политиките и да предвидат контролни механизми за следење на остварувањето на овие политики.

Во следењето на активностите на политичките партии во предизборниот период медиумите ги пренесуваат ветувањата, кои политичките партии ги нудат во своите програми и оние кои носителите на кандидатските листи ги даваат во непосредните контакти со граѓаните:

Во програмите, меѓу другото се спомнуваат:

Управата за јавни приходи ќе продолжи да спроведува активности кои се поврзани со електронско плаќање даноци во делот на електронските налози и обезбедување технички можности за повлекување електронски налози за плаќање радиодифузна такса (РДТ) преку системот за е-Даноци, при плаќањето на радиодифузната такса во банките.

 

Eкономските промотори ќе ги продолжат активностите за контактирање и презентирање пред уште поголем број компании. Овие активности ќе продолжат да ги спроведуваат 32 промотори

 

 

Изградба на административна зграда за потребите на ад за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката

 

 

Реконструкција и изградба на административната зграда на министерството за транспорт и врски

 

Поставување места за шах во парковите (ВМРО-ДПМНЕ)

 

Ќе формираме Агенција за еднакви можности

 

Максимално ќе ги поедноставиме процедурите за добивање на работни дозволи за странски државјани

 

Ќе ја вратиме и гарантираме внатрешната контрола врз работата на полицијата (СДСМ)

 

Она што треба да го прашаат новинарите е:

  1. Колку понудените програмски активности соодвествуваат на реалните потреби и интереси на граѓаните?
  2. На кој начин политичките партии ги дознале потребите и интересите на граѓаните?
  3. Колку за граѓаните се разбирливи понудените програмски активности?

Во услови кога партиципацијата на граѓаните во одлучувањето е сведена на минимум (што е видливо посебно во процесот на донесување на законите кои се носат по скратена постапка без никакви обиди за јавна расправа и влијание од страна на граѓаните) и кога не постојат ефективни процедури за идентификување на мислењата, интересите и потребите на граѓаните, односно, граѓаните немаат начин да влијаат врз процесите на одлучување (Граѓаните не веруваат дека нивното учество во процесите на одлучување може да влијае на одлуката! На Центарот за истражување и креирање политики, Граѓанско учество на Реактор – истражување во акција), медиумите треба да постават прашање за тоа колку понудените програми и проекти навистина ја изразуваат волјата на граѓаните.

Наместо ова, медиумите без никаков коментар пренесуваат активности кои само навидум претставуваат идентификување на потребите и интересите на граѓаните. Имено, тие се надвор од воспоставените демократски процедури, нема можност да се испита направеното влијание и нема никаква контрола од страна на граѓаните (Отворен ден за идеи и предлози на граѓаните) или пак во основа претставуваат само дел од пропагандната предизборна процедура:

Тој имаше можност директно да ги слушне мислењата на граѓаните за програмата на претстојните парламентарни избори, како и да одговори на бројните прашања од областа на социјалната заштита, предвидените политики за вработување и самовработување (Диме Спасов меѓу граѓаните во Аеродром)

 

Попладнево остваривме средба со граѓаните на Кучевишка Бара. Пред граѓаните дискутиравме за локалните проблеми.( Средба со граѓаните на Кучевишка Бара)

 

Дојдов да зборувам со вас овде за живеачката, за секојдневието, за утре заеднички да го смениме она што не ни чини и да градиме една поинаква иднина, во една поинаква земја, земја на сите нас, граѓани на Република Македонија”(Пендаровски на средба со граѓаните во кавадаречко)

 

Ја знаеме волјата на народот. Народот сака промени (Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ќе оствари средба со граѓаните на:Село Русиново, Берово и Ромското маало во Берово)

Задача на критичкото и аналитичко новинарство е со своите прашања и анализи да ги стимулира политичките партии кон што е можно поголема  отвореност за влијание на граѓаните и понуда на политики и решенија кои претставуваат одговор на поставените барања и јасно манифестираните интереси на граѓаните.

Во оваа смисла, медиумите би требало да откријат дали нашле место во понудените изборни програми и проекти прашања како:

  1. Марш со барање: Владата да им ги плати сметките на сиромашните
  2. Завршија протестите на стечајците, побараа повисока државна помош за сите
  3. Протести против новиот закон за прекинување на бременост
  4. Две недели протести против полициската бруталност
  5. Протести против пресудата на Кежаровски
  6. Немоќен народ и арогантна власт
  7. Студентите најавуваат протести поради лошите услови во студентските домови
  8. Собрани 16.000 потписи за спас на Националниот парк Маврово
  9. Граѓански активисти со потписи против уништувањето на Водно
  10. Невладините собираат потписи против ГМО храна во Македонија
  11. И денес протести против екстерното оценување
  12. Марш против сиромаштијата во Македонија

Ова се јасно искажани потреби, интереси, барања и очекувања на граѓаните, не од конкретна, туку од било која владеачка структура.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести