verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите во 2015 – уште една година на тешки искушенија

on 9 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Во поглед на медиумите се уште сме далеку од посакуваното

Во поглед на медиумите сè уште сме далеку од посакуваното. Фото: Freemedia

Пишува: Бенјамин Арифи

2015 година  не беше лесна година за медиумите во земјава. Пишаниот збор се соочи со вообичаените проблеми во последниве години, тешкотии од различни природи: економски, политички и професионални. Сепак, и покрај тешкотиите, за медиумите на албански јазик, ќе биде една година за паметење. Во Македонија почнаа со работа уште две нови телевизии, „ТВ 21“ и ТВ „Шења“, додека регионалната телевизија „Арт“ од Тетово доби национална кабелска лиценца.

Треба да се спомне и проширувањето на косовскиот бренд „Телеграфи“ во Македонија, што покрај неколкуте новоотворени портали, уште повеќе го збогати новинарскиот интернет-пазар  во земјава.

Во нашата земја, годината почна со повторното апсење на новинарот Томислав Кежаровски, кој беше уапсен по пресудата од Апелацискиот суд во јануари 2015 година. По масовниот протест на новинарите и на поддржувачите на слободата на говорот, Кежаровски беше ослободен.

Како и во секоја друга сфера, и медиумската сфера годината ја одбележаа прислушуваните материјали што ги објави опозицијата. Таканаречените „бомби“ ги потврдија сите сомневања и индикации за јаките врски меѓу власта и неколку медиуми. Се објавија докази за директна вмешаност на функционерите во уредувачките политики и за нарачување статии во медиумите. Некои од прислушуваните телефонски разговори открија и дека ВМРО-ДПМНЕ ги назначила и дописниците на МРТ во Вашингтон, Брисел и во Атина.

„Бомбите“ на опозицијата покренаа сериозни сомневања и за околностите на смртта на новинарот Никола Младенов. Прислушувањата содржеа индикации дека во трагичната несреќа, можно е да бил инволвиран и друг автомобил, што ѝ дава комплетно друга димензија на смртта на Младенов, давајќи им крилја на теориите на заговор за можен атентат.

Во рамки на скандалот со прислушувањата, опозицијата откри дека стотици новинари се илегално прислушувани и следени од власта за политички цели.

Веднаш по почнувањето со објавувањето на „бомбите“, Обвинителството преку едно соопштение апелираше до медиумите да не ги објавуваат прислушуваните материјали, заканувајќи им се со казни. Само три телевизии со национална концесија, „Алсат-М“, „Телма“ и „24 Вести“, по реакцијата на релевантните амбасади во Скопје,  ги објавија прислушувањата, не земајќи ја во предвид препораката на Обвинителството.

Притисоците врз новинарите продолжија во различни форми. Шокантен беше случајот на новинарот Борјан Јовановски, чие семејство пред својата куќа најде  погребален венец, што се сметаше како смртна закана за него. Исто така, Комисијата за верификација на фактите лустрираше неколку новинари, меѓу кои и активни новинари, нарекувајќи ги соработници со тајните служби. Здружението на новинарите на Македонија го сметаше овој акт како чин на притисок и реваншизам врз новинарите.

Кон средината на септември, првата двојазична телевизија во Македонија, „Алсат М“, ја одбележа 10-годишнината од почетокот на емитување на својот сигнал. На еден организиран настан на 14 септември во Куршумли-ан во Скопје, гости од разни сфери ѝ оддадоа почит на оваа приватна телевизија за дадениот придонес за општеството во текот на една деценија.

На 21 септември во медиумскиот пазар влезе и телевизијата „21“, добро познат бренд кој веќе неколку години успешно функционира во Косово. Телевизијата „21“ почна со емитување на два јазици, македонски и албански, со разни информативни и културни емисии.

На 16 ноември почна со работа и телевизијата „Шења“, настан по кој следуваше преминување на неколку албански новинари во новиот медиум. И ТВ „Шења“ му понуди на пазарот богата информативна и културна програма, со емитување на два јазици. Сега има три албански телевизии со програма и на македонски јазик, додека ниту една приватна македонска телевизија  не емитува емисии на албански јазик.

Во извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите во 2015 година, Македонија е 117. место, заедно со Таџикистан, Авганистан, Мали и со Алжир. Оваа класификација ја рангира Македонија како последна во регионот, многу поназад од Албанија (82) и од Косово (87). Пред нас се наоѓаат држави како Зимбабве, Габон, Либан и Кенија.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести